АГЕЈ
1 Во втората година од владеењето на цар Дариј,* на првиот ден од шестиот месец, пророкот Агеј* им ја пренесе следнава порака од Јехова на Зоровавел, кој е син на Салатиел и управител на Јуда, и на првосвештеникот Исус, кој е син на Јоседек:
2 „Вака вели Јехова над војските: ’Овој народ вели: „Уште не е време да се гради домот* на Јехова“‘“.
3 Потоа пророкот Агеј им ги кажа следниве зборови од Јехова: 4 „Време ли е вие да живеете во своите убави куќи* додека овој дом лежи во урнатини? 5 Затоа, вака вели Јехова над војските: ’Размислете внимателно за она што го правите!* 6 Сеете многу, но жнеете малку. Јадете, но не можете да се наситите. Пиете вино, но немате доволно за пиење. Се облекувате, но никој од вас не може да се стопли. Наемникот си ја става платата во скината торба‘“.*
7 „Вака вели Јехова над војските: ’Размислете внимателно за она што го правите!‘*
8 ’Качете се на гората и донесете дрва. Изградете го мојот дом за да му се радувам и да се прославам‘, вели Јехова.“
9 „’Очекувавте многу, но добивте малку. А кога и тоа малку го внесовте дома, јас го дувнав и го снема. Зошто го сторив тоа?‘, вели Јехова над војските. ’Затоа што мојот дом лежи во урнатини додека секој од вас се грижи само за својата куќа.* 10 Поради тоа, небото престана да ви дава роса, и земјата не ви е плодна. 11 Јас предизвикав суша врз нивите и планините, поради која нема доволно жито, вино, масло и род на земјата. Се мачите и вие и добитокот, и залуден е сиот ваш труд.‘“
12 Зоровавел, кој е син на Салатиел, и првосвештеникот Исус, кој е син на Јоседек, заедно со сиот народ го послушаа гласот на својот Бог, Јехова, и зборовите на пророкот Агеј, бидејќи тој беше испратен од Јехова, нивниот Бог. И народот почна да покажува стравопочит кон Јехова.
13 Тогаш Агеј, Јеховиниот гласник, му ја пренесе следнава порака на народот во склад со заповедта од Јехова: „’Јас сум со вас‘, вели Јехова“.
14 Така Јехова ги поттикна* Зоровавел, кој е син на Салатиел и управител на Јуда, и првосвештеникот Исус, кој е син на Јоседек, како и останатиот народ, да дојдат и да почнат да работат на домот на својот Бог, Јехова над војските. 15 Тие започнаа со работа на 24-тиот ден од шестиот месец, во втората година од владеењето на цар Дариј.
2 На 21-от ден од седмиот месец, Јехова ги кажа следниве зборови преку пророкот Агеј: 2 „Те молам, прашај го Зоровавел, кој е син на Салатиел и управител на Јуда, како и првосвештеникот Исус, кој е син на Јоседек, а и останатиот народ: 3 ’Има ли меѓу вас некои што видоа колкава беше славата на овој дом* порано? Како ви изгледа тој сега? Зар не ви изгледа безначајно во споредба со тоа каков беше тогаш?‘
4 ’А сега, Зоровавеле, биди силен!‘, вели Јехова. ’Биди силен и ти, Исусе, првосвештенику, сине на Јоседек!‘
’Биди силен, народе‘, вели Јехова. ’И фатете се за работа!‘
’Бидејќи јас сум со вас‘, вели Јехова над војските. 5 ’Сетете се на ветувањето што ви го дадов кога излеговте од Египет. Јас сѐ уште ве водам со својот дух.* Не плашете се!‘“
6 „Вака вели Јехова над војските: ’Уште еднаш — и тоа наскоро — ќе ги затресам небото и земјата, морето и копното‘.
7 ’Ќе ги затресам народите, па скапоценостите од сите народи ќе се соберат во овој дом, и така ќе го наполнам со слава‘, вели Јехова над војските.
8 ’И среброто и златото се мои‘, вели Јехова над војските.
9 ’Славата на овој дом ќе биде поголема од славата на првиот‘, вели Јехова над војските.
’И ќе ви дадам мир на ова место‘, вели Јехова над војските.“
10 Во втората година од владеењето на Дариј, на 24-тиот ден од деветтиот месец, Јехова му се обрати на пророкот Агеј со следниве зборови: 11 „Вака вели Јехова над војските: ’Те молам, постави им го на свештениците ова прашање во врска со законот: 12 „Ако некој носи свето месо* во скутот на облеката и ако со неа се допре до леб, до вариво, до вино, до масло или до каква и да е храна, ќе станат ли тие работи свети?“‘“
А свештениците одговорија: „Не!“
13 А Агеј ги праша: „Ако некој допре мртво тело* и стане нечист, а потоа допре некоја од овие работи, дали и таа ќе стане нечиста?“
Свештениците одговорија: „Да, ќе стане нечиста“.
14 Тогаш Агеј рече: „’Такви се во мои очи овие луѓе и овој народ, и такви се сите нивни дела‘, вели Јехова. ’Сѐ што принесуваат за жртва е нечисто.‘
15 ’Но од денес натаму, ве молам внимателно размислувајте за ова: Како беше пред да почнете повторно да го градите храмот на Јехова? 16 Кога некој ќе дојдеше до куп жито во кој требаше да има доволно за да се наполнат 20 кошници, таму имаше само за 10. А кога некој ќе дојдеше до бочва со вино за да наполни 50 ќупови, во неа имаше само за 20. 17 Ве казнив вас* и сето она околу кое се трудевте — со голема жега, со мувла* и со град — но никој од вас не се врати кај мене‘, вели Јехова.
18 ’Ве молам, внимателно размислувајте од денес натаму, од 24-тиот ден во овој деветти месец, од денот кога се утврдени темелите на Јеховиниот храм. Размислете за ова: 19 Има ли уште семе во амбарот?* Досега ни лозата, ни смоквата, ни калинката, ни маслинката не даваа плод. Но, од денес јас ќе ве благословувам‘“.
20 На 24-тиот ден од тој месец, Јехова по вторпат му се обрати на Агеј со следниве зборови: 21 „Кажи му на Зоровавел, управителот на Јуда: ’Јас ќе ги затресам небото и земјата. 22 Ќе ги соборам царските престоли и ќе им ја одземам моќта на сите царства на народите. Ќе ги превртам бојните коли и оние што ги возат, ќе паднат коњите и нивните јавачи. Ќе се испоубијат меѓу себе со мечеви‘“.
23 „’Во тој ден‘, вели Јехова над војските, ’ќе те земам тебе, слуго мој Зоровавеле, сине на Салатиел, за да ми бидеш како печатен прстен‘.* ’Ќе го сторам тоа бидејќи тебе те избрав‘, вели Јехова. Ова се зборови на Јехова над војските.“
Станува збор за Дариј I, односно Дариј Велики.
„Агеј“ значи „роден на празник“.
Или: „да се обнови храмот“.
Или: „во своите куќи обложени со дрво“.
Буквално: „за своите патишта“.
Или: „торба полна со дупки“.
Буквално: „за своите патишта“.
Или: „трча само за својата куќа“.
Буквално: „го поттикна духот на“.
Или: „храм“.
Друго можно значење: „Тогаш мојот дух беше меѓу вас“.
Односно, месо кое било дел од жртва што му била принесена на Бог.
Или: „допре душа“. Види го поимот „душа“ во Речникот.
Или: „Го опустошив она што го посадивте“.
Односно, болест кај растенијата.
Или: „јамата за жито“.
Ова значи дека Јехова и понатаму ќе го користел Зоровавел за да ја исполни својата намера.