ЕВАНГЕЛИЕ СПОРЕД МАРКО
1 Вака почнува добрата вест за Исус Христос, Божјиот Син: 2 Во книгата на пророкот Исаија е напишано: „(Еве, јас го праќам пред тебе* мојот гласник, кој ќе ти го подготви патот.) 3 Силен глас се слуша во пустината: ’Подгответе му го патот на Јехова! Израмнете ги неговите патеки!‘“ 4 Јован Крстител беше во пустината и им проповедаше на луѓето дека треба да се крстат и така да покажат дека се каат за своите гревови, за да можат да им бидат простени. 5 Кај него доаѓаа луѓе од цела Јудеја и сите жители на Ерусалим, и тој ги крштаваше* во реката Јордан, а тие отворено признаваа дека се грешници. 6 Јован носеше облека од камилски влакна и кожен појас околу половината, и јадеше скакулци и див мед. 7 И проповедаше: „По мене доаѓа некој што е посилен од мене. Јас не сум достоен да се наведнам и да му ги одврзам сандалите. 8 Јас ве крстив со вода, а тој ќе ве крсти со свет дух“.
9 Во тие денови, Исус дојде од Назарет во Галилеја, и Јован го крсти во Јордан. 10 И веднаш штом излезе од водата, виде како небото се отвора и како духот, во вид на гулаб, слегува на него. 11 И од небото се слушна глас: „Ти си мојот сакан Син! Ти си ми по волја!“*
12 Веднаш потоа духот* го наведе да оди во пустината. 13 Така 40 дена остана во пустината, каде што имаше диви животни и каде што Сатана го искушуваше. Потоа, ангелите се погрижија за неговите потреби и го зајакнаа.
14 Откако Јован беше затворен, Исус отиде во Галилеја за да ја проповеда Божјата добра вест. 15 Тој велеше: „Дојде прореченото време и се приближи Божјето Царство. Покајте се и верувајте во добрата вест“.
16 Додека одеше покрај Галилејското Езеро, ги виде Симон и брат му Андреј како ги фрлаат мрежите во езерото, бидејќи беа рибари. 17 Тогаш им рече: „Појдете по мене, и ќе ве направам рибари на луѓе“. 18 И веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по него. 19 Кога отиде малку понатаму, ги виде Јаков и брат му Јован, синовите на Зеведеј. Тие си ги крпеа мрежите во својот чамец. 20 И веднаш ги повика. Така го оставија својот татко Зеведеј во чамецот заедно со неговите работници и тргнаа по него. 21 И отидоа во Капернаум.
Штом започна сабатот, отиде во синагогата и почна да поучува. 22 Луѓето беа восхитени од неговото поучување, зашто ги поучуваше како некој зад чии зборови стои Бог, а не како познавачите на Законот.* 23 Токму тогаш во нивната синагога имаше еден човек обземен од нечист дух. Тој викаше: 24 „Што сакаш од нас, Исусе Назареќанецу? Дојде за да нѐ уништиш? Многу добро знам дека ти си оној што е свет и испратен од Бог!“ 25 А Исус строго му нареди: „Замолчи и излези од него!“ 26 Тогаш нечистиот дух го фрли човекот во грч и извика на цел глас, а потоа излезе од него. 27 А сите беа толку запрепастени што почнаа да зборуваат меѓу себе: „Што е ова? Ново учење! Има моќ да ги истерува нечистите духови, и тие го слушаат“. 28 Така веста за него брзо се рашири насекаде низ Галилеја.
29 Откако заминаа од синагогата, Исус, Јаков и Јован отидоа заедно со Симон и Андреј во нивниот дом. 30 А бабата* на Симон лежеше болна и имаше треска, и веднаш му кажаа на Исус за неа. 31 Тој отиде до неа, ја фати за рака и ѝ помогна да стане. И треската ѝ помина, па почна да им спрема нешто за јадење.
32 А вечерта, откако зајде сонцето, луѓето почнаа да му ги доведуваат сите што беа болни и обземени од демони. 33 Така, целиот град се собра пред вратата. 34 И излекува многу луѓе од разни болести и истера многу демони, но не им дозволуваше на демоните да зборуваат, бидејќи знаеја дека тој е Христос.*
35 Рано изутрината, додека уште беше мрак, стана и излезе надвор, па отиде на едно осамено место и таму почна да се моли. 36 Но, Симон и оние што беа со него тргнаа да го бараат 37 и го најдоа, па му рекоа: „Сите те бараат“. 38 А тој им рече: „Да одиме на друго место, во околните градови, за да проповедам и таму, бидејќи за тоа и дојдов“. 39 И одеше низ цела Галилеја, проповедаше во синагогите и истеруваше демони.
40 А кај него дојде еден лепрозен и на колена го молеше: „Ако сакаш, можеш да ме исчистиш“. 41 Тој се сожали на него, ја испружи раката, го допре и му рече: „Сакам! Исчисти се“. 42 Лепрата веднаш исчезна од него, и тој се исчисти. 43 И пред човекот да си замине, Исус му нареди: 44 „Гледај никому ништо да не кажуваш, туку оди, покажи му се на свештеникот и принеси го за своето очистување она што Мојсеј го заповеда, за свештениците да видат дека навистина си оздравел“. 45 Но штом си замина, почна насекаде да раскажува што му се случи, така што Исус повеќе не можеше да влезе во ниту еден град без да привлече внимание, па затоа остануваше на осамени места. Сепак, кај него доаѓаа луѓе отсекаде.
2 А по неколку дена, Исус повторно дојде во Капернаум, и се рашири веста дека е дома. 2 И се собраа толку многу луѓе што повеќе немаше место, дури ни пред вратата. Тогаш тој почна да им зборува за добрата вест. 3 И му донесоа еден парализиран човек, кого го носеа четворица. 4 Но поради мноштвото, не можеа да го донесат до Исус, и затоа го открија покривот над Исус и низ отворот ја спуштија носилката на која лежеше парализираниот. 5 Кога ја виде нивната вера, Исус му рече на парализираниот: „Сине, простени ти се гревовите“. 6 А таму беа некои познавачи на Законот,* кои седеа и си размислуваа: 7 „Зошто овој зборува вака? Тој хули! Кој може да простува гревови, освен еден, Бог?“ 8 А Исус веднаш сфати дека така размислуваат, па им рече: „Зошто размислувате така? 9 Што е полесно? Да му се рече на парализираниот: ’Простени ти се гревовите‘ или ’Стани, земи си ја носилката и оди‘? 10 Но еве, за да знаете дека Синот човечки има власт да простува гревови на земјата...“ И му рече на парализираниот: 11 „Тебе ти велам, стани, земи си ја носилката и оди си дома“. 12 И тој стана, веднаш си ја зеде носилката и си замина пред очите на сите. И сите беа воодушевени и го славеа Бог, велејќи: „Вакво нешто никогаш не сме виделе!“
13 Исус повторно отиде покрај езерото и целиот народ доаѓаше кај него, а тој го поучуваше. 14 Кога продолжи понатаму, го здогледа Леви, синот на Алфеј, како седи на местото каде што се собираше данок, и му рече: „Појди по мене“.* Тогаш тој стана и почна да оди по него. 15 Подоцна, Исус беше во неговата куќа и јадеше, а на масата со него и со неговите ученици имаше и многу даночници и грешници бидејќи многумина од нив одеа по него. 16 Но кога познавачите на Законот* кои беа фарисеи видоа дека јаде со грешниците и со даночниците, им рекоа на неговите ученици: „Зарем тој јаде со даночници и грешници?“ 17 Кога го слушна тоа, Исус им рече: „На силните не им треба лекар, туку на болните. Не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците“.
18 А учениците на Јован и фарисеите имаа обичај да постат. Затоа дојдоа и му рекоа: „Зошто учениците на Јован и учениците на фарисеите постат, а твоите ученици не постат?“ 19 А Исус им рече: „Имаат ли пријателите на младоженецот причина да постат додека тој е со нив? Сѐ додека младоженецот е со нив, тие нема зошто да постат. 20 Но ќе дојде време кога младоженецот ќе им биде одземен, и тогаш ќе постат. 21 Никој не сошива ново парче ткаенина* на стара облека. Инаку парчето ќе се откине од старата облека, па дупката ќе стане уште поголема. 22 И никој не става младо вино во стари мешини. Инаку виното ќе ги скине мешините, па ќе пропаднат и виното и мешините. Затоа, младо вино се става во нови мешини“.
23 Еден сабат, Исус поминуваше низ полиња со жито, и додека одеа, неговите ученици почнаа да кинат класје. 24 Тогаш фарисеите му рекоа: „Види ги! Зошто прават нешто што не е дозволено да се прави на сабат?“ 25 А тој им рече: „Никогаш ли не сте читале што направи Давид кога остана без храна, па тој и луѓето што беа со него огладнеа? 26 Според извештајот за Авијатар, главниот свештеник, Давид влезе во Божјиот дом, па јадеше од лебовите ставени пред Бог, од кои не смееше да јаде никој друг освен свештениците, а им даде и на луѓето што беа со него“. 27 Потоа им рече: „Сабатот е создаден за човекот, а не човекот за сабатот. 28 Значи, Синот човечки е Господар и на сабатот“.
3 Повторно влезе во една синагога, а таму имаше човек со исушена* рака. 2 Затоа фарисеите го набљудуваа Исус да видат дали ќе го излекува на сабат, за да можат да го обвинат. 3 А тој му рече на човекот со исушена рака: „Стани и дојди на средина“. 4 Потоа им рече: „Дозволено ли е на сабат да се прави добро или да се прави лошо, да се спаси живот или да се одземе?“ Но, тие молчеа. 5 Исус налутено ги погледна, длабоко разжалостен поради бесчувствителноста на нивните срца, па му рече на човекот: „Испружи ја раката“. Тој ја испружи, и раката му оздраве. 6 Тогаш фарисеите излегоа и веднаш почнаа да се договараат со следбениците на Ирод за да го убијат.
7 А Исус тргна кон езерото заедно со своите ученици. По него одеше мноштво народ од Галилеја и од Јудеја. 8 Кога слушнаа за сето она што го прави, многу луѓе дојдоа кај него — дури и од Ерусалим, од Идумеја и од другата страна на Јордан, како и од околината на Тир и Сидон. 9 Тој им рече на своите ученици да му подготват чамец за народот да не го турка. 10 Бидејќи излекува мнозина, сите што беа тешко болни се собираа околу него и се туркаа за да го допрат. 11 Дури и нечистите духови, штом ќе го видеа, паѓаа пред него и викаа: „Ти си Божјиот Син!“ 12 Но, Исус повеќепати строго им заповеда да не откриваат кој е тој.
13 Потоа се качи на една гора и повика некои од своите ученици, а тие дојдоа кај него. 14 Тој избра 12-мина, кои ги нарече апостоли, за да бидат со него и да ги испраќа да проповедаат 15 и за да им даде власт да истеруваат демони.
16 А 12-те апостоли што ги избра беа: Симон, кого го нарече и Петар; 17 Јаков, синот на Зеведеј, и Јован, братот на Јаков (нив ги нарече и Воанергес, што значи „синови на громот“); 18 Андреј; Филип; Вартоломеј; Матеј; Тома; Јаков, синот на Алфеј; Тадеј; Симон Кананит* 19 и Јуда Искариот, кој подоцна го предаде.
Потоа влезе во една куќа. 20 Повторно се собра народ, па не можеа ни да јадат. 21 Кога слушнаа за тоа, неговите роднини дојдоа да го одведат, зашто велеа: „Се мрднал од умот“. 22 А и познавачите на Законот* кои дојдоа од Ерусалим велеа: „Обземен е од Ѓаволот,* и ги истерува демоните со помош на владетелот на демоните“. 23 Тогаш ги повика кај себе и почна да им зборува со споредби: „Како може Сатана да го истерува Сатана? 24 Ако едно царство се разедини, тоа царство не може да опстане. 25 И ако една куќа се разедини, таа куќа не ќе може да опстане. 26 Исто така, ако Сатана се сврти против самиот себе и неговото царство* се разедини, не ќе може да опстане, туку ќе пропадне. 27 Никој не може да влезе во куќата на некој силен човек и да му ја украде покуќнината ако најпрво не го врзе. Само така ќе може да му ја ограби куќата. 28 Навистина ви велам, сѐ ќе им биде простено на луѓето, сеедно какви гревови направиле и какви хули кажале. 29 Но, на оној што хули на светиот дух нема никогаш да му биде простено, туку е виновен за вечен грев“. 30 Тоа го рече бидејќи велеа: „Во него има нечист дух“.
31 И дојдоа мајка му и неговите браќа. Стоеја надвор и испратија човек кај него за да го викне. 32 А околу него седеа многу луѓе. И му рекоа: „Мајка ти и твоите браќа се надвор и те бараат“. 33 А тој им одговори: „Која е мојата мајка и кои се моите браќа?“ 34 И, откако ги погледна оние што седеа околу него, рече: „Ова се мојата мајка и моите браќа! 35 Секој што ја врши Божјата волја, тој ми е брат и сестра и мајка“.
4 Повторно почна да поучува покрај езерото, и околу него се насобра многу народ. Затоа тој влезе во еден чамец, седна во него и се оддалечи од брегот, а целиот народ беше покрај езерото, на брегот. 2 И почна да ги поучува за многу работи користејќи споредби. Додека ги поучуваше, им рече: 3 „Слушајте! Еден сејач излезе да сее. 4 Додека сееше, дел од семето падна покрај патот, па дојдоа птици и го исколваа. 5 Дел падна на каменита почва, каде што немаше доволно земја, и веднаш никна бидејќи земјата не беше длабока. 6 Но кога излезе сонцето, ги спржи стебленцата, па се исушија бидејќи немаа корен. 7 Друг дел падна меѓу трње, и трњето израсна и ги задуши стебленцата, па не дадоа плод. 8 А дел падна на добра почва, па никна, израсна и почна да дава плод, и даваше 30, 60 и 100 пати повеќе од посеаното“. 9 Потоа додаде: „Кој има уши да слуша, нека слуша“.
10 А кога остана сам, 12-те апостоли и другите ученици што беа околу него го прашаа за значењето на споредбите. 11 Тој им рече: „Вам ви е дадено да ја разберете светата тајна на Божјето Царство, но за другите, тоа се само споредби, 12 за да гледаат, а да не видат, и да слушаат, а да не разберат. Поради тоа, тие никогаш нема да се вратат кај Бог и нема да добијат простување“. 13 И уште им рече: „Ако не ја сфаќате оваа споредба, како ќе ги разберете сите други споредби?
14 Сејачот ја сее речта. 15 Некои луѓе се како семето кое паднало покрај патот — штом ќе ја чујат речта, доаѓа Сатана и ја одзема речта што е посеана во нив. 16 А некои се како семето посеано на каменита почва — штом ќе ја чујат речта, ја прифаќаат со радост. 17 Но бидејќи таа не пушта корен во нив, веруваат само некое време, а штом ќе доживеат неволја или прогонство поради речта, ја губат верата. 18 А некои се како семето посеано меѓу трње. Тие ја слушаат речта, 19 но грижите од овој свет,* примамливото богатство и желбите за сѐ друго им се вовлекуваат во срцето и ја задушуваат речта, па таа останува без плод. 20 А некои се како семето посеано на добра почва. Тие ја слушаат речта и спремно ја прифаќаат, па даваат плод — 30, 60 и 100 пати повеќе од посеаното“.
21 Уште им рече: „Се става ли светилка под кошница* или под кревет? Зарем не се става на светилник? 22 Нема ништо тајно што нема да се дознае и ништо скриено што нема да се открие. 23 Кој има уши да слуша, нека слуша“.
24 Потоа им рече: „Внимателно слушајте што ви кажувам. Со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери, и уште ќе ви се додаде. 25 На оној што има, уште ќе му се даде, а на оној што нема, ќе му се одземе и она што го има“.
26 Па рече: „Божјето Царство може да се спореди со човек кој фрла семе на земја. 27 Ноќе спие и дење станува, а семето никнува и расте, а тој не ни знае како. 28 Самата земја постепено дава плод — прво стебленце, потоа клас и на крајот, полно зрно во класот. 29 А штом плодот ќе созрее, тој го зема српот и почнува да жнее, зашто дошло времето за жетва“.
30 И им рече: „Со што да го споредиме Божјето Царство? Со каква споредба да го објасниме? 31 Тоа е како синапово зрно кое, кога се сее во земјата, е најмалото од сите семиња на земјата. 32 Но кога ќе се посее, расте и станува поголемо од сите други растенија во градината, и пушта големи гранки, па птиците можат да прават гнезда под неговата сенка“.
33 Со многу такви споредби ги поучуваше за речта, колку што можеа да разберат. 34 Секогаш им зборуваше со споредби, а на своите ученици сѐ им објаснуваше кога беше насамо со нив.
35 Истиот ден, вечерта, им рече: „Да преминеме на брегот на другата страна“. 36 Откако го испратија народот, го поведоа Исус со чамецот, а по нив тргнаа и други чамци. 37 Одеднаш се подигна силна бура, и брановите удираа во чамецот, така што чамецот скоро ќе потонеше. 38 А тој беше на задниот дел од чамецот и спиеше на перницата. Тогаш го разбудија и му рекоа: „Учителе, не гледаш ли дека ќе загинеме?“ 39 Тогаш тој стана, му нареди на ветрот и му рече на езерото: „Престани! Смири се!“ И ветрот стивна, и настана потполна тишина. 40 И им рече: „Што толку сте се исплашиле? Сѐ уште ли немате вера?“ 41 А нив ги обзеде голем страв, и си велеа еден на друг: „Кој е овој човек? Дури и ветрот и езерото го слушаат!“
5 Потоа дојдоа на другата страна од езерото, во герасинскиот крај. 2 И веднаш откако Исус излезе од чамецот, откај гробиштата му дојде во пресрет еден човек обземен од нечист дух. 3 Тој живееше меѓу гробовите, и дотогаш никој не можеше да го врзе, дури ни со синџири. 4 Честопати беше врзуван со окови и со синџири, но ги кинеше синџирите и ги кршеше оковите. Никој не можеше да го совлада. 5 И без престан, дење и ноќе, луташе низ гробовите и по ридовите, викаше и се удираше со камења. 6 Но, кога оддалеку го здогледа Исус, се стрча кон него и му се поклони. 7 Тогаш извика на цел глас: „Што сакаш од мене, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те заколнувам во Бог да не ме мачиш!“ 8 Зашто Исус му велеше: „Излези од човекот, нечист духу!“ 9 А Исус го праша: „Како се викаш?“ Тој му одговори: „Се викам Легија,* зашто сме многу“. 10 И упорно го преколнуваше Исус да не ги истерува од тој крај.
11 А таму, на ридот, пасеше големо стадо свињи. 12 Па духовите го молеа: „Испрати нѐ да влеземе во свињите“. 13 И тој им дозволи. Тогаш нечистите духови излегоа и влегоа во свињите. И стадото свињи, кои беа околу 2.000, јурнаа преку стрмната карпа и се удавија во езерото. 14 А свињарите побегнаа и разгласија за тоа во градот и во околината, па луѓето дојдоа да видат што се случило. 15 Кога дојдоа кај Исус и видоа дека човекот, кој претходно беше обземен од една легија демони, седи облечен и дека веќе е при себе, се исплашија. 16 А очевидците им раскажаа што се случи со човекот обземен од демони и со свињите. 17 И почнаа да го молат Исус да си оди од нивниот крај.
18 Додека Исус влегуваше во чамецот, човекот кој претходно беше обземен од демони го молеше да му дозволи и тој да појде со него. 19 Но Исус не му дозволи, туку му рече: „Оди си дома кај своите роднини и раскажи им за сѐ што направи Јехова за тебе и за милоста што ти ја покажа“. 20 И човекот отиде и почна да раскажува во Декаполис* за сето она што Исус го направи за него. И сите беа воодушевени.
21 Потоа Исус повторно премина со чамецот на брегот на другата страна. Додека уште беше покрај езерото, околу него се собра многу народ. 22 И дојде еден од старешините* на синагогата, кој се викаше Јаир, и кога го здогледа, се фрли на колена пред него 23 и упорно го молеше: „Мојата ќеркичка е на умирање. Те молам, дојди и излечи ја,* за да не умре“. 24 И Исус појде со него. По него одеа многу луѓе и се туркаа околу него.
25 Таму имаше една жена која 12 години страдаше од крварење. 26 Таа се лекуваше кај многу лекари и се изнамачи, и потроши сѐ што имаше, но не ѝ беше подобро, туку ѝ стануваше сѐ полошо. 27 Кога слушна што се зборува за Исус, му се приближи одзади, пробивајќи се низ мноштвото, и му ја допре облеката. 28 Си мислеше: „Ако ја допрам само неговата облека, ќе оздравам“. 29 И веднаш престана да крвари, па почувствува дека оздраве од својата мачна болест.
30 Исус веднаш осети дека од него излезе сила, па се сврте кон мноштвото и праша: „Кој ми ја допре облеката?“ 31 А неговите ученици му рекоа: „Гледаш дека народот се турка околу тебе, а ти прашуваш: ’Кој ме допре?‘“ 32 Но тој погледна наоколу за да види кој го допре. 33 Жената знаеше што ѝ се случи, па сета исплашена и растреперена дојде и падна на колена пред него и му ја кажа целата вистина. 34 А тој ѝ рече: „Ќерко, твојата вера те оздраве. Оди си во мир и биди здрава од твојата мачна болест“.
35 Додека уште зборуваше, дојдоа некои луѓе од домот на Јаир и рекоа: „Ќерка ти умре. Не мачи го веќе Учителот“. 36 Но Исус го слушна тоа и му рече на Јаир: „Не плаши се, само верувај“. 37 И никому не му дозволи да појде со него, освен на Петар, Јаков и Јован, братот на Јаков.
38 Кога дојдоа до куќата на Јаир, ја слушна вревата и виде како луѓето плачат и лелекаат на цел глас. 39 Откако влезе, им рече: „Зошто плачете и правите врева? Детето не е умрено, туку спие“. 40 А тие му се потсмеваа. Но тој им рече на сите да излезат надвор, па ги зеде со себе таткото и мајката на детето и учениците што беа со него и влезе таму каде што беше детето. 41 Тогаш, го фати девојчето за рака и му рече: „Талита куми“, што значи: „Девојче, тебе ти велам, стани!“ 42 Девојчето веднаш стана и почна да оди. (Имаше 12 години.) Кога го видоа тоа, беа избезумени од радост. 43 Но тој неколку пати им нареди* никој да не дознае за тоа. И им рече да ѝ дадат нешто да јаде.
6 Откако замина оттаму, отиде во својот роден крај, а со него беа и неговите ученици. 2 Кога дојде сабат, почна да поучува во синагогата. Повеќето од оние што го слушаа беа восхитени, па рекоа: „Од каде овој човек ги знае сите тие работи? Од каде му е таквата мудрост и кој му дал моќ да прави такви чуда? 3 Не е ли ова дрводелецот, синот на Марија и братот на Јаков, Јосиф, Јуда и Симон? И не се ли неговите сестри овде со нас?“ И не сакаа да веруваат во него. 4 А Исус им рече: „Пророкот е почитуван секаде, освен во својот роден крај и меѓу своите роднини и во својот дом“. 5 Затоа, таму не направи никакво друго чудо, освен што излекува* неколкумина болни. 6 И се чудеше што немаа вера. Потоа ги обиколуваше селата што беа наоколу и ги поучуваше луѓето.
7 Тогаш ги повика 12-те апостоли и почна да ги испраќа двајца по двајца и им даде власт над нечистите духови. 8 И им заповеда да не носат ништо за по пат — ни леб, ни торба, ни пари во појасите — освен стап, 9 да не земаат со себе уште по една облека,* туку да си обујат сандали. 10 Уште им рече: „Во која куќа и да влезете, останете таму сѐ додека не си заминете од тој крај. 11 А ако во некој крај не ве примат и не ве слушаат, кога ќе заминувате оттаму, истресете си го правот од нозете, со што ќе покажете дека сте ги предупредиле“. 12 Така тргнаа и им проповедаа на луѓето дека треба да се покаат. 13 Истеруваа многу демони, мачкаа со масло мнозина болни и ги лекуваа.
14 А цар Ирод слушна за тоа, бидејќи името на Исус стана познато и луѓето зборуваа: „Тоа е Јован Крстител, кој воскреснал од мртвите, и затоа има моќ да прави чуда“. 15 Но некои велеа: „Тоа е Илија“. А други, пак: „Тоа е пророк како еден од пророците од минатото“. 16 Кога Ирод го слушна тоа, рече: „Тоа е Јован кому му ја отсеков главата, тој воскреснал“. 17 Зашто, претходно, Ирод лично нареди да го фатат Јован и да го фрлат во затвор поради Иродијада, жената на брат му Филип. Зашто, Ирод се беше оженил со неа, 18 а Јован му велеше: „Според Законот, не смееш да се ожениш за жената на својот брат“. 19 Затоа, Иродијада го мразеше и сакаше да го убие, но не можеше, 20 зашто Ирод се плашеше од Јован и го штитеше, бидејќи знаеше дека е праведен и свет човек. Секогаш кога го слушаше, Ирод не знаеше што да прави со него, но сепак со задоволство го слушаше.
21 Но, Иродијада начека поволен момент кога Ирод на својот роденден приреди гозба за своите високи службеници, за илјаданачалниците и за најугледните луѓе од Галилеја. 22 И ќерката на Иродијада дојде и почна да танцува пред Ирод и пред неговите гости, и на сите многу им се допадна. Па царот ѝ рече на девојката: „Побарај од мене сѐ што сакаш, и ќе ти дадам“. 23 И ѝ се заколна: „Што и да побараш од мене, ќе ти дадам, па дури и да е половина од моето царство“. 24 Таа излезе и ја праша својата мајка: „Што да побарам?“ А таа ѝ одговори: „Главата на Јован Крстител“. 25 Девојката трчајќи се врати кај царот и рече: „Сакам веднаш да ми ја дадеш на послужавник главата на Јован Крстител“. 26 Царот многу се натажи, но поради заклетвата и гостите, не сакаше да ја одбие. 27 Затоа веднаш испрати еден стражар и му заповеда да ја донесе главата на Јован. И тој отиде, му ја отсече главата во затворот 28 и ја донесе на послужавник. Ѝ ја даде на девојката, а девојката ѝ ја даде на својата мајка. 29 Кога слушнаа за тоа, учениците на Јован дојдоа, го зедоа неговото тело и го погребаа.
30 Апостолите се собраа кај Исус и му раскажаа за сѐ што направиле и како го поучувале народот. 31 Тогаш тој им рече: „Дојдете со мене на едно осамено место и одморете се малку“. Зашто, многу луѓе доаѓаа и заминуваа, па немаа време ни да јадат. 32 Така заминаа со чамец на едно осамено место за да бидат сами. 33 Но, луѓето ги видоа како заминуваат и мнозина дознаа за тоа, и од сите градови побрзаа пешки и стигнаа таму пред нив. 34 А кога излезе од чамецот, ги виде насобраните луѓе, па се сожали на нив, зашто беа како овци без пастир. И почна да ги поучува за многу работи.
35 А приквечерта, неговите ученици му пријдоа и му рекоа: „Местово е пусто, а веќе е доцна. 36 Пушти ги луѓето, за да можат да отидат до околните села и да си купат нешто за јадење“. 37 Тогаш тој им рече: „Вие дајте им нешто да јадат“. А тие го прашаа: „Да одиме ли да купиме леб за 200 денарии,* па да им дадеме да јадат?“ 38 Тој им рече: „Колку леба имате? Одете и видете“. Кога проверија, рекоа: „Пет леба, а имаме и две риби“. 39 И им рече на сите да испоседнат во групи на зелената трева. 40 И седнаа во групи од по 100 и од по 50. 41 Тој ги зеде петте леба и двете риби, погледна кон небото и се помоли.* Потоа ги раскрши лебовите, и почна да им ги подава на учениците за да им ги поделат на луѓето. А и двете риби им ги раздели на сите. 42 Така сите јадеа и се наситија, 43 и кога го собраа она што остана од лебот, наполнија 12 кошници, а го собраа и она што остана од рибата. 44 А оние што јадеа од лебовите беа 5.000 мажи.
45 Веднаш потоа им рече на своите ученици да влезат во чамецот и да тргнат кон брегот на другата страна, накај Витсаида, а тој остана да ги испрати луѓето. 46 Откако се поздрави со нив, отиде на гората за да се моли. 47 Вечерта, чамецот беше среде езерото, а тој беше сам на копното. 48 Кога виде дека едвај веслаат, бидејќи пловеа спроти ветрот, кратко пред да се раздени* тргна кон нив одејќи по водата. Но изгледаше како да сака само да помине покрај нив. 49 А кога го здогледаа како оди по водата, си помислија: „Ова е привидение!“ И почнаа да викаат. 50 Зашто, сите го видоа и се уплашија. Но тој веднаш им рече: „Бидете храбри! Јас сум, не плашете се!“ 51 Тогаш влезе кај нив во чамецот, и ветрот стивна. А тие многу се зачудија, 52 бидејќи не сфатија што значеше чудото со лебовите. Нивните срца и понатаму не можеа да го разберат тоа.
53 Кога стигнаа на брегот, дојдоа во Генисарет и го закотвија чамецот во близина. 54 А штом излегоа од чамецот, луѓето го препознаа, 55 па се растрчаа низ целиот тој крај и почнаа на носилки да ги носат болните кај Исус. 56 И во секое село или град каде што ќе отидеше, луѓето ги изнесуваа болните на пазарите,* и го молеа да го допрат барем работ од неговата облека. И секој што ќе го допреше, оздравуваше.
7 Околу Исус се собраа фарисеите и некои познавачи на Законот* што беа дојдени од Ерусалим. 2 И видоа дека некои од неговите ученици не си ги мијат рацете пред да јадат, односно дека не си ги мијат според обредот. 3 (Бидејќи сите Евреи, вклучувајќи ги и фарисеите, се држат за традицијата од старите и не јадат додека не си ги измијат рацете до лактите. 4 Кога ќе се вратат од пазар, не јадат додека не се измијат. Има уште многу традиции кои им се предадени и за кои се држат, како што е потопувањето* чаши, бокали и бакарни садови во вода.) 5 Затоа фарисеите и познавачите на Законот* го прашаа: „Зошто твоите ученици не се држат за традицијата од старите, туку јадат без да си ги измијат рацете според обредот?“ 6 А тој им рече: „Исаија точно пророкуваше за вас, лицемери, кога напиша: ’Овој народ ме почитува со усните, но срцето му е далеку од мене. 7 Залудно ме обожаваат, бидејќи нивните учења се само човечки правила‘. 8 Ги занемарувате Божјите заповеди, а се држите за човечки традиции“.
9 Уште им рече: „Вешто ја отфрлате Божјата заповед за да си ги држите традициите. 10 На пример, Мојсеј рече: ’Почитувај ги татко ти и мајка ти‘ и ’Кој ќе го проколне* својот татко или својата мајка, да биде погубен‘. 11 Но вие велите: ’Човек може да му рече на својот татко или на својата мајка: „Она што го имам, а со кое би можел да ти помогнам, е курбан, односно дар ветен за Бог“‘. 12 На тој начин повеќе не му дозволувате да направи што и да било за својот татко или за својата мајка. 13 Така, со својата традиција што сте ја пренеле на другите, ги обезвреднувате Божјите зборови. И правите уште многу слични работи“. 14 Тогаш повторно го повика народот кај себе и му рече: „Слушнете ме сите и разберете! 15 Човекот не може да го извалка ништо што однадвор влегува во него, туку она што излегува од него, тоа го валка“. 16* ——
17 Кога си замина откај народот и влезе во една куќа, неговите ученици го прашаа што значи тоа што го кажа. 18 И тој им рече: „И вие ли не разбирате? Не знаете ли дека човекот не може да го извалка ништо што однадвор влегува во него? 19 Затоа што не му влегува во срцето, туку во стомакот, а потоа излегува од телото“. Така сите јадења ги прогласи за чисти. 20 Па рече: „Она што излегува од човекот, тоа е она што го валка. 21 Зашто, однатре, од срцето на човекот, излегуваат штетни мисли кои водат до сексуален неморал,* кражби, убиства, 22 прељуба, алчност, злоба, измама, бесрамно однесување,* завист,* хулење, горделивост и неразумност. 23 Сите тие зли работи излегуваат однатре и го валкаат човекот“.
24 И стана оттаму, па отиде во подрачјето на Тир и Сидон. Влезе во една куќа и не сакаше никој да дознае дека е таму, но не можеше да остане незабележан. 25 Една жена, чија ќеркичка беше обземена од нечист дух, веднаш дозна за него, па дојде и падна на колена пред него. 26 Таа жена беше Гркинка од Феникија, која се наоѓа во Сирија. И го молеше да го истера демонот од ќерка ѝ. 27 Но, тој ѝ рече: „Остави прво децата да се најадат, бидејќи не е во ред да им се земе лебот на децата и да им се фрли на кученцата“. 28 А таа му рече: „Да, господине, но дури и кученцата јадат под масата од трошките на дечињата“. 29 Тогаш тој ѝ рече: „Затоа што го кажа тоа, оди си дома. Демонот излезе од ќерка ти“. 30 И таа си отиде дома и ја најде како лежи на креветот, а демонот беше излегол од неа.
31 Кога се враќаше од подрачјето на Тир, помина низ Сидон и стигна до Галилејското Езеро. А помина преку подрачјето на Декаполис.* 32 Таму* му доведоа еден глув човек кој тешко зборуваше и го молеа да го излекува.* 33 Тој го тргна настрана од мноштвото и му ги стави прстите во ушите, па откако плукна, му го допре јазикот. 34 Погледна кон небото, длабоко воздивна и му рече: „Ефата“, што значи: „Отвори се“. 35 Тогаш му се отворија ушите и проблемот со говорот му исчезна, па почна нормално да зборува. 36 Исус им забрани да кажуваат за тоа на други, но колку повеќе им бранеше, толку повеќе зборуваа за тоа. 37 И беа воодушевени и велеа: „Сѐ што прави е многу добро. Ги лекува дури и глувите и немите“.
8 Во тие денови, повторно се собраа многу луѓе и немаа што да јадат. Затоа Исус ги повика учениците и им рече: 2 „Жал ми е за народот, веќе три дена се со мене и немаат што да јадат. 3 Ако ги испратам да си одат дома гладни, ќе малаксаат по патот, а некои од нив дојдоа оддалеку“. 4 Учениците му одговорија: „Од каде може некој да најде толку леб на ова пусто место за да ги нахрани сите овие луѓе?“ 5 Тогаш ги праша: „Колку леба имате?“ А тие рекоа: „Седум“. 6 И му рече на народот да испоседне на земјата. Па ги зеде седумте леба, му се заблагодари на Бог, ги раскрши и почна да им ги подава на своите ученици, а тие им ги поделија на луѓето. 7 Имаа и неколку рипчиња. Ги благослови, па им рече да ги поделат и нив. 8 Јадеа и се наситија, и кога го собраа она што остана, наполнија седум големи кошници. 9 А таму имаше околу 4.000 мажи. Потоа ги испрати да си одат.
10 Веднаш влезе во чамецот со своите ученици и дојде во подрачјето на Далманута. 11 Тогаш дојдоа фарисеите и почнаа да се расправаат со него. За да го искушаат, бараа од него знак од небото. 12 А тој длабоко воздивна и рече: „Зошто барате* знак? Навистина ви велам, нема да му се даде знак на ова поколение“. 13 Потоа си замина откај нив, повторно влезе во чамецот и отиде на брегот на другата страна.
14 Но, неговите ученици заборавија да понесат леб. Во чамецот имаа само еден леб, немаа ништо друго за јадење. 15 И јасно ги предупреди: „Внимавајте и чувајте се од квасецот на фарисеите и од квасецот на Ирод“. 16 А тие почнаа да се расправаат затоа што немаа леб. 17 Исус го забележа тоа, па им рече: „Зошто се расправате затоа што немате леб? Уште ли не сфаќате и не разбирате? Зарем сѐ уште вашето срце не може да го разбере тоа? 18 ’Имате очи, тогаш како не гледате? Имате уши, тогаш како не слушате?‘ Не се сеќавате ли, 19 кога раскршив пет леба за 5.000 мажи, колку кошници наполнивте со она што остана?“ Тие му одговорија: „Дванаесет“. 20 „А кога раскршив седум леба за 4.000 мажи, колку големи кошници наполнивте со она што остана?“ Тие му одговорија: „Седум“. 21 Тогаш им рече: „Зарем сѐ уште не разбирате?“
22 Кога стигнаа во Витсаида, луѓето му доведоа еден слеп човек и го замолија да го излекува. 23 Тој го зеде слепиот за рака и го однесе надвор од селото. Откако му плукна на очите, ги стави рацете врз него, па го праша: „Гледаш ли нешто?“ 24 Човекот погледна и рече: „Гледам луѓе, ама ми изгледаат како дрвја што одат“. 25 И пак ги стави рацете врз неговите очи, и човекот потполно прогледа. Оздраве и јасно гледаше сѐ. 26 Тогаш го испрати дома и му рече: „Не влегувај во селото“.
27 Исус и неговите ученици тргнаа кон селата на Цезареја Филипова. По патот ги праша своите ученици: „Што велат луѓето, кој сум јас?“ 28 Тие му одговорија: „Јован Крстител, но некои велат дека си Илија, а други дека си еден од пророците“. 29 Па ги праша: „А вие, што велите вие, кој сум јас?“ Петар му одговори: „Ти си Христос“. 30 Тогаш строго им нареди никому да не кажуваат за него. 31 И почна да ги поучува дека Синот човечки мора да претрпи многу страдања и да биде отфрлен од старешините, од главните свештеници и од познавачите на Законот,* па да биде убиен и по три дена да воскресне. 32 Отворено им зборуваше за тоа. Но Петар го тргна настрана и почна да го прекорува. 33 А тој се сврте, ги погледна своите ученици и го прекори Петар: „Тргни се од пред мене, Сатано! Зашто твоите мисли не се Божји, туку човечки“.
34 Го повика кај себе народот и своите ученици и им рече: „Ако некој сака да дојде по мене, нека се откаже од себе, нека го земе својот маченички столб* и нека оди по мене. 35 Зашто, кој сака да си го спаси животот, ќе го изгуби, а кој ќе го изгуби својот живот заради мене и заради добрата вест, ќе го спаси. 36 Навистина, што ќе му вреди на човекот да го добие целиот свет, ако го изгуби животот? 37 Што може човек да даде во замена за својот живот? 38 Ако некој се срами од мене и од моите зборови во ова неверно* и грешно поколение, тогаш и Синот човечки ќе се срами од него кога ќе дојде во славата на својот Татко со светите ангели“.
9 Уште им рече: „Вистина ви велам дека некои од оние што стојат овде нема да умрат додека не видат дека Божјето Царство веќе владее“. 2 По шест дена, Исус ги зеде Петар, Јаков и Јован и ги одведе на една висока планина, каде што беа сами. Тогаш се преобрази пред нив. 3 Облеката му стана блескава, толку бела што никој на земјата не би можел така да ја избели. 4 И пред нив се појавија Илија и Мојсеј, кои разговараа со Исус. 5 Тогаш Петар му рече на Исус: „Учителе,* добро ни е овде. Затоа, ајде да подигнеме три шатори — еден за тебе, еден за Мојсеј и еден за Илија“. 6 Всушност, не знаеше што да каже, бидејќи многу се уплашија. 7 И се создаде облак и ги засени, а од облакот се слушна глас: „Ова е мојот сакан Син! Него слушајте го!“ 8 И одеднаш погледнаа наоколу, и видоа дека покрај нив веќе нема никој друг, освен Исус.
9 Додека слегуваа од планината, тој им заповеда никому да не раскажуваат што виделе сѐ додека Синот човечки не воскресне. 10 И тие ги зедоа присрце неговите зборови,* но меѓу себе разговараа што значи тоа дека ќе воскресне. 11 И го прашаа: „Зошто познавачите на Законот* велат дека прво мора да дојде Илија?“ 12 А тој им рече: „Навистина прво мора да дојде Илија и да обнови сѐ. Тогаш, зошто е напишано дека Синот човечки мора да претрпи многу страдања и да биде презиран? 13 Но ви велам дека Илија веќе дојде, и со него постапија како што сакаа, токму како што е напишано за него“.
14 Кога се вратија кај другите ученици, забележаа многу луѓе околу нив, а таму беа и некои познавачи на Законот* кои се расправаа со нив. 15 Кога го видоа Исус, луѓето многу се изненадија, па се стрчаа кон него за да го поздрават. 16 А тој ги праша: „За што се расправате?“ 17 Еден човек од мноштвото му одговори: „Учителе, ти го доведов син ми зашто е обземен од дух кој не му дозволува да зборува. 18 Кога и да го нападне, го фрла на земја, па од устата почнува да му излегува пена, чкрта со забите и ја губи силата. Им реков на твоите ученици да го истераат, но не можеа“. 19 А тој им рече: „Безверно поколение! До кога морам да останам со вас? До кога морам да ве трпам? Доведете го кај мене“. 20 И го доведоа детето кај него. Кога го здогледа Исус, духот веднаш го фрли детето во грч. И откако падна на земја, детето почна да се тркала и од устата почна да му излегува пена. 21 Тогаш Исус го праша таткото: „Од кога му се случува ова?“ Тој рече: „Од детството, 22 и често го фрла во оган и во вода за да го убие. Ако можеш нешто да направиш, сожали се на нас и помогни ни“. 23 А Исус му рече: „Ми велиш: ’Ако можеш‘! Сѐ е можно за оној што има вера“. 24 Таткото на детето веднаш извика: „Верувам! Ама помогни ми да имам уште поголема вера“.
25 Кога виде дека сѐ повеќе луѓе се собираат околу нив, Исус го прекори нечистиот дух: „Духу, ти кој правиш детето да биде немо и глуво, ти заповедам, излези од него и повеќе не влегувај во него!“ 26 Тогаш духот извика, го фрли детето во страшен грч, па излезе од него. Детето остана да лежи како мртво, и затоа повеќето велеа: „Мртво е!“ 27 Но Исус го фати за рака, го крена, и детето стана. 28 Кога влезе во една куќа, неговите ученици го прашаа насамо: „Зошто ние не можевме да го истераме?“ 29 А тој им одговори: „Ваков дух може да се истера само со молитва“.
30 Си заминаа оттаму и поминаа низ Галилеја, но тој не сакаше никој да дознае за тоа 31 бидејќи сакаше да ги поучува своите ученици. Тој им велеше: „Синот човечки ќе биде предаден во рацете на луѓето. Тие ќе го убијат, но три дена по неговата смрт, ќе воскресне“. 32 Но тие не ги разбраа овие зборови, а се плашеа да го прашаат.
33 И дојдоа во Капернаум. Кога влегоа во една куќа, ги праша: „За што се расправавте по патот?“ 34 А тие молчеа, бидејќи по патот се расправаа за тоа кој од нив е поголем. 35 Тогаш тој седна и ги повика 12-те апостоли и им рече: „Ако некој сака да биде прв, нека биде последен и нека им биде слуга на сите“. 36 Па викна едно детенце, го стави меѓу нив, го прегрна и им рече: 37 „Кој прима едно вакво детенце во мое име, ме прима и мене. А кој ме прима мене, не ме прима само мене туку и оној што ме испрати“.
38 Јован му рече: „Учителе, видовме како еден човек истерува демони во твое име, па пробавме да го спречиме бидејќи не е еден од нас“. 39 Но Исус рече: „Не спречувајте го, бидејќи никој што ќе направи некое чудо во мое име, не може веднаш потоа да зборува лошо за мене. 40 Зашто, кој не е против нас, тој е за нас. 41 И кој ќе ви даде чаша вода затоа што му припаѓате на Христос, навистина ви велам, сигурно ќе биде награден. 42 Но кој ќе стане причина за спрепнување на еден од овие мали што веруваат,* подобро би му било околу вратот да му стават мелнички камен* и да биде фрлен во море.
43 Ако твојата рака те наведува на грев,* отсечи ја. Подобро ти е да добиеш живот сакат отколку со двете раце да бидеш потполно уништен,* да бидеш фрлен во огнот кој не може да се изгаси. 44* —— 45 И ако твојата нога те наведува на грев, отсечи ја. Подобро ти е да добиеш живот сакат отколку со двете нозе да бидеш потполно уништен.* 46* —— 47 И ако твоето око те наведува на грев, извади го. Подобро ти е со едно око да влезеш во Божјето Царство отколку со двете очи да бидеш потполно уништен,* 48 да бидеш фрлен каде што црвите не умираат и огнот не гасне.
49 Зашто, секој* ќе биде посолен со оган како што храната се посолува со сол. 50 Солта е добра, но ако солта стане несолена, со што ќе ја осолите? Имајте сол во себе и зачувајте го мирот меѓу себе“.
10 Потоа си замина оттаму, го премина Јордан и дојде во подрачјето кое се граничи со Јудеја. Тогаш повторно се собраа многу луѓе околу него, и тој повторно почна да ги поучува, како што вообичаено правеше. 2 А фарисеите му пристапија и, со намера да го искушаат, го прашаа дали е дозволено мажот да се разведе од својата жена. 3 Тој им одговори: „Што ви заповеда Мојсеј?“ 4 Тие рекоа: „Мојсеј дозволи мажот да напише потврда за развод и да се разведе од неа“. 5 А Исус им одговори: „Тој ви ја напиша таа заповед поради закоравеноста на вашето срце. 6 Но, во почетокот на создавањето ’Бог создаде маж и жена. 7 Затоа човекот ќе ги остави својот татко и својата мајка, 8 и двајцата ќе бидат едно тело‘. Така повеќе не се две, туку едно тело. 9 Затоа, Бог што составил,* човек да не разделува!“ 10 Кога повторно беа во една куќа, учениците го прашуваа за тоа. 11 А тој им рече: „Секој што ќе се разведе од својата жена и ќе се ожени со друга, прави прељуба кон првата. 12 И ако жената се разведе од мажот, па се омажи со друг, прави прељуба“.
13 А луѓето почнаа да му доведуваат деца за да ги стави рацете врз нив и да ги благослови, но учениците ги прекоруваа. 14 Кога го виде тоа, Исус се налути и им рече: „Пуштете ги децата да доаѓаат кај мене. Не забранувајте им, зашто на таквите им припаѓа Божјето Царство. 15 Вистина ви велам, кој не го прима Божјето Царство како дете, нема да влезе во него“. 16 И ги зеде децата во прегратка и почна да ги благословува, ставајќи ги рацете врз нив.
17 Кога тргна да си оди, дотрча еден човек, падна на колена пред него и го праша: „Учителе добар, што морам да правам за да наследам вечен живот?“ 18 Исус му рече: „Зошто ме нарекуваш добар? Никој не е добар, освен еден, Бог. 19 Заповедите ги знаеш: ’Не убивај, не прави прељуба, не кради, не давај лажно сведоштво, не мами, почитувај ги татко ти и мајка ти‘“. 20 А човекот му рече: „Учителе, сето тоа го држам уште од младоста“. 21 Тогаш Исус го погледна и поттикнат од љубов кон него му рече: „Едно ти недостига: оди, продај сѐ што имаш и парите дај им ги на сиромашните, па ќе имаш богатство на небото. Тогаш дојди и оди по мене“.* 22 Кога го слушна ова, тој се разочара и си замина натажен, зашто имаше голем имот.
23 Откако погледна наоколу, Исус им рече на своите ученици: „Колку ќе им биде тешко на богатите да влезат во Божјето Царство!“ 24 А учениците беа изненадени од неговите зборови. Тогаш Исус им рече: „Деца, тешко е да се влезе во Божјето Царство! 25 Полесно е камила да помине низ увото на иглата* отколку богат човек да влезе во Божјето Царство“. 26 А тие уште повеќе се зачудија и му рекоа:* „Тогаш, кој може да се спаси?“ 27 Исус ги погледна и рече: „За луѓето тоа е невозможно, но не и за Бог. За Бог сѐ е возможно“. 28 А Петар му рече: „Еве, ние оставивме сѐ и одиме по тебе“. 29 Тогаш Исус рече: „Вистина ви велам, никој не оставил куќа или браќа или сестри или мајка или татко или деца или ниви заради мене и заради добрата вест, 30 а да не добие сега, во ова време, 100 пати повеќе — куќи, браќа, сестри, мајки, деца и ниви, но со прогонство — а во светот* што доаѓа и вечен живот. 31 Но, мнозина кои се први ќе бидат последни, а последните први“.
32 Додека одеа кон Ерусалим, Исус одеше пред нив. Учениците беа воодушевени, а оние што одеа по нив ги фати страв. Тогаш повторно ги тргна настрана 12-те апостоли и почна да им кажува за она што треба да му се случи: 33 „Еве, одиме во Ерусалим, и Синот човечки ќе им биде предаден на главните свештеници и на познавачите на Законот.* Тие ќе го осудат на смрт и ќе им го предадат на луѓе од другите народи, 34 и ќе го исмејуваат, ќе го плукаат, ќе го камшикуваат и ќе го убијат, но по три дена ќе воскресне“.
35 Јаков и Јован, синовите на Зеведеј, му пристапија и му рекоа: „Учителе, сакаме да го направиш за нас тоа што ќе го побараме од тебе“. 36 А тој им рече: „Што сакате да направам за вас?“ 37 Тие му одговорија: „Дозволи ни да седнеме до тебе кога ќе владееш во твоето Царство,* едниот од твојата десна, а другиот од твојата лева страна“. 38 Но, Исус им рече: „Не знаете што барате. Можете ли да пиете од чашата од која пијам јас или да се крстите со крштавањето со кое се крштавам јас?“ 39 Му одговорија: „Можеме“. Тогаш Исус им рече: „Од чашата од која пијам јас, ќе пиете, и со крштавањето со кое се крштавам јас, ќе се крстите. 40 Но, кој ќе седи од мојата десна или лева страна, не одлучувам јас. Таму ќе седат оние кои мојот Татко ги избрал“.
41 Кога останатите 10 апостоли го слушнаа тоа, им се налутија на Јаков и на Јован. 42 Но Исус ги повика кај себе и им рече: „Знаете дека царевите владеат над народите и угледните луѓе ги држат народите под своја власт. 43 Меѓу вас не смее да биде така! Туку, кој сака да биде голем меѓу вас, нека ви биде слуга, 44 и кој сака да биде прв меѓу вас, нека им биде роб на сите. 45 Зашто, ни Синот човечки не дојде да му служат, туку да служи и да го даде својот живот како откупнина за мнозина“.
46 Потоа дојдоа во Ерихон. Додека тој и неговите ученици и мноштвото луѓе излегуваа од Ерихон, покрај патот седеше еден слеп просјак по име Вартимеј (синот на Тимеј). 47 Кога слушна дека тоа е Исус Назареќанецот, почна да вика: „Исусе, Сине Давидов, сожали се на мене!“ 48 Тогаш мнозина почнаа да го замолчуваат, но тој уште посилно викаше: „Сине Давидов, сожали се на мене!“ 49 А Исус застана и рече: „Викнете го“. И го повикаа слепиот човек и му рекоа: „Не плаши се! Стани, те вика“. 50 Тој ја фрли својата наметка, скокна и отиде кај Исус. 51 Тогаш Исус го праша: „Што сакаш да направам за тебе?“ Слепиот човек му одговори: „Учителе,* сакам да прогледам“. 52 А Исус му рече: „Оди, твојата вера те оздраве“. И тој веднаш прогледа и тргна по него.
11 Кога се приближија до Ерусалим, до Витфага и Витанија на Маслинската Гора, испрати двајца свои ученици 2 и им рече: „Појдете во селото што го гледате, и кога ќе влезете во него, ќе најдете врзано магаре на кое уште никој не седнал. Одврзете го и доведете го. 3 Ако некој ви каже: ’Зошто го правите тоа?‘, речете му: ’Му треба на Господарот, и веднаш ќе го врати‘“. 4 Така отидоа и го најдоа магарето на една улица врзано до една врата, па го одврзаа. 5 А некои од оние што стоеја таму ги прашаа: „Зошто го одврзувате магарето?“ 6 Тие им одговорија така како што им рече Исус. И тогаш ги оставија да си одат.
7 И го доведоа магарето кај Исус, па ги ставија врз него своите наметки, и тој седна на него. 8 Мнозина ги постилаа своите наметки по патот, а други сечеа гранки од дрвјата во нивите и ги ставаа на патот пред него. 9 А оние што одеа пред него и оние што одеа по него викаа: „Спаси го, те молиме! Благословен е оној што доаѓа во името на Јехова! 10 Благословено е Царството на нашиот татко Давид, кое доаѓа! Спаси го, те молиме тебе, кој си на небото!“ 11 И влезе во Ерусалим и отиде во храмот. Разгледа сѐ наоколу, но бидејќи веќе беше доцна, отиде со 12-те апостоли во Витанија.
12 Утредента, кога си одеа од Витанија, тој огладне. 13 Оддалеку здогледа една смоква што имаше лисја, и отиде да види дали на неа ќе најде плод. Но кога дојде до неа, не најде ништо друго освен лисја, бидејќи не беше време за смокви. 14 Тогаш тој ѝ рече: „Никој никогаш повеќе нека не јаде плод од тебе!“ А неговите ученици слушаа.
15 Кога дојдоа во Ерусалим, влезе во храмот и почна да ги истерува оние што продаваа и купуваа во храмот, и им ги испреврте масите на менувачите на пари и клупите на оние што продаваа гулаби. 16 И никому не му дозволуваше да пренесе некаков предмет низ храмот. 17 Го поучуваше народот и велеше: „Зарем не е напишано: ’Мојот дом ќе се вика дом на молитвата за сите народи‘? А вие од него направивте разбојничко дувло“. 18 А главните свештеници и познавачите на Законот* го слушнаа тоа и бараа можност да го убијат, зашто се плашеа од него, бидејќи целиот народ беше воодушевен од неговото поучување.
19 Приквечер, тие излегоа од градот. 20 А рано изутрината, кога поминаа покрај смоквата, видоа дека е исушена до корен. 21 Петар се сети на зборовите на Исус, па му рече: „Учителе,* види! Смоквата што ја проколна се исушила“. 22 А Исус им одговори: „Имајте вера во Бог. 23 Вистина ви велам, секој што ќе ѝ рече на оваа планина: ’Дигни се и фрли се во морето‘ и не се сомнева, туку верува дека ќе се случи тоа што го вели, тоа и ќе се случи. 24 Затоа ви велам, сето она за кое се молите и што го барате, верувајте дека веќе сте го добиле, и ќе го имате. 25 И кога се молите,* простете им на другите сѐ што имате против нив, за и вашиот Татко, кој е на небесата, да ви ги прости вам вашите престапи“. 26* ——
27 Повторно дојдоа во Ерусалим. Додека одеше низ храмот, му пријдоа главните свештеници, познавачите на Законот* и старешините 28 и го прашаа: „Со кое право го правиш тоа? Кој ти даде право да го правиш тоа?“ 29 Исус им рече: „Прво јас да ве прашам нешто. Ако ми одговорите, ќе ви кажам кој ми даде право да го правам ова. 30 Од каде му беше на Јован правото да крштава? Од Бог* или од луѓето? Одговорете ми“. 31 А тие почнаа да зборуваат меѓу себе: „Ако речеме: ’Од Бог‘, ќе рече: ’Тогаш зошто не му верувавте?‘ 32 А да речеме: ’Од луѓето‘?“ Но се плашеа од народот, бидејќи сите сметаа дека Јован навистина беше пророк. 33 И му одговорија на Исус: „Не знаеме“. А Исус им рече: „Ни јас нема да ви кажам со кое право го правам ова“.
12 Потоа почна да им зборува со споредби: „Еден човек насади лозје и постави ограда околу него, ископа место за гмечење на грозјето и изгради стражарска кула. Па им го даде под закуп на лозари и отпатува далеку од дома. 2 Кога дојде време за берба, испрати еден роб кај лозарите за да земе од нив дел од родот на лозјето. 3 Но, тие го фатија, го претепаа и го испратија назад со празни раце. 4 Им испрати и друг роб. Него го удрија по главата и го понижија. 5 Испрати и трет, а него го убија. Испрати и многу други, но некои од нив ги претепаа, а некои ги убија. 6 На крајот им го испрати својот сакан син, зашто си мислеше: ’Ќе го почитуваат мојот син‘. 7 Но лозарите си рекоа меѓу себе: ’Ова е наследникот. Ајде да го убиеме, па наследството ќе биде наше‘. 8 Тогаш го фатија и го убија, па го исфрлија од лозјето. 9 Што ќе направи сопственикот на лозјето? Ќе дојде и ќе ги погуби лозарите, а лозјето ќе им го даде на други. 10 Зарем никогаш не сте ги читале овие зборови од Писмото: ’Каменот што го отфрлија градителите стана главен аголен камен.* 11 Тоа е од Јехова, и прекрасно е во наши очи‘?“
12 Неговите противници сфатија дека споредбата се однесува на нив, и затоа сакаа да го фатат.* Но се плашеа од народот, па го оставија и си заминаа.
13 Потоа испратија кај него некои фарисеи и следбеници на Ирод за да го фатат за збор. 14 Кога дојдоа, тие му рекоа: „Учителе, знаеме дека ја зборуваш вистината и дека не им ласкаш на другите, зашто не гледаш кој е кој, туку исправно поучуваш за начинот на кој Бог сака да живееме. Кажи ни, дозволено ли е да му се плаќа данок на цезарот или не? 15 Треба да плаќаме или не треба?“ Свесен за нивното лицемерство, им рече: „Зошто ме искушувате? Донесете ми еден денариј!“* 16 И донесоа, а тој им рече: „Чиј е овој лик и натпис?“ Тие му одговорија: „На цезарот“.* 17 Тогаш Исус рече: „Дајте му го на цезарот она што е на цезарот, а на Бог она што е на Бог!“ И му се восхитуваа.
18 Тогаш дојдоа садукеите, кои велат дека нема воскресение, и го прашаа: 19 „Учителе, Мојсеј ни напиша дека, ако некој човек умре и нема деца, брат му треба да ја земе неговата жена и да ја продолжи лозата на својот брат. 20 Си беа седум браќа. Првиот се ожени, но умре без да има деца. 21 Вториот се ожени со жената на починатиот, но и тој умре без да има деца, а истото се случи и со третиот. 22 И сите седум браќа умреа без да имаат деца. На крај, умре и жената. 23 Кога ќе воскреснат, на кого од нив ќе му биде жена? Зашто, на сите седум браќа им беше жена“. 24 А Исус им рече: „Вие не ги познавате ниту Писмата ниту Божјата моќ, затоа сте во заблуда. 25 Зашто, кога ќе станат од мртвите, луѓето нема ни да се женат ни да се мажат, туку ќе бидат како ангели на небото. 26 А за тоа дека мртвите ќе станат, не сте читале ли во книгата на Мојсеј, во извештајот за грмушката, дека Бог му рече: ’Јас сум Богот на Авраам, Богот на Исак и Богот на Јаков‘? 27 А тој не е Бог на мртвите, туку на живите. Во голема заблуда сте“.
28 Еден од познавачите на Законот* ја слушна нивната дискусија, и виде дека тој добро им одговори, па го праша: „Која е прва* од сите заповеди?“ 29 Исус одговори: „Првата е: ’Чуј, Израеле! Јехова, нашиот Бог, е еден Јехова. 30 Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа,* со сиот свој ум и со сета своја сила‘. 31 Втората е: ’Сакај ги другите луѓе* како себеси‘. Нема други поголеми заповеди од овие“. 32 А човекот му рече: „Добро одговори, Учителе, така е: ’Тој е еден, и нема друг освен него‘. 33 И да го сакаш со сето срце, со сиот разум и со сета сила, и да ги сакаш другите луѓе* како себеси вреди многу повеќе од сите жртви паленици и други жртви“. 34 Кога виде дека тој паметно одговори, Исус му рече: „Не си далеку од Божјето Царство“. И никој повеќе немаше храброст да го праша нешто.
35 Додека поучуваше во храмот, Исус рече: „Како можат познавачите на Законот* да речат дека Христос е син на Давид? 36 Воден од светиот дух, самиот Давид рече: ’Јехова му рече на мојот Господар:* „Седи од мојата десна страна додека не ги ставам твоите непријатели под твоите нозе“‘. 37 Ако Давид го нарекува ’Господар‘, како тогаш му е син?“
А луѓето кои беа насобрани го слушаа со задоволство. 38 Кога ги поучуваше, рече: „Чувајте се од познавачите на Законот,* кои сакаат да се шетаат во раскошни облеки и да бидат поздравувани по пазарите,* 39 и кои со задоволство ги заземаат најдобрите* места во синагогите и најистакнатите места на гозбите. 40 Тоа се тие што им ги грабаат имотите* на вдовиците и долго се молат само за да ги импресионираат другите. Тие ќе добијат поголема казна“.
41 И седна спроти садовите за прилози и гледаше како народот пушта пари во садовите за прилози. Мнозина богати луѓе пуштаа многу пари. 42 А дојде една сиромашна вдовица и пушти две мали парички.* 43 Тогаш ги повика кај себе своите ученици и им рече: „Вистина ви велам, оваа сиромашна вдовица пушти повеќе од сите што пуштаат пари во садовите за прилози. 44 Зашто, сите тие пуштија од својот вишок, а таа, иако е толку сиромашна, пушти сѐ што имаше за живот“.
13 Додека излегуваше од храмот, еден од неговите ученици му рече: „Учителе, гледај! Какви камења и градби!“ 2 Но Исус му рече: „Ги гледаш ли овие величествени градби? Овде нема да биде оставен ни камен на камен, сѐ ќе биде урнато“.
3 Додека седеше на Маслинската Гора, од каде што се гледаше храмот, Петар, Јаков, Јован и Андреј насамо го прашаа: 4 „Кажи ни, кога ќе се случи тоа и кој ќе биде знакот дека му дошло крај на сето тоа?“ 5 Тогаш Исус им рече: „Пазете некој да не ве заведе. 6 Мнозина ќе дојдат во мое име и ќе велат: ’Јас сум Христос‘, и ќе заведат мнозина. 7 А кога ќе чуете за војни на разни места, не плашете се. Тоа мора да се случи, но тогаш уште не е крајот.
8 Ќе се крене народ против народ и царство против царство, ќе има земјотреси на разни места, а ќе има и глад. Тоа е почетокот на страшните неволји.*
9 А вие внимавајте на себе. Луѓето ќе ве предаваат на судови, ќе ве тепаат во синагогите и ќе ве водат пред управители и цареви поради мене, а тоа ќе ви даде можност да им сведочите. 10 И кај сите народи најпрво мора да се проповеда добрата вест. 11 А кога ќе ве уапсат и ќе ве предадат на властите, немојте однапред да се грижите што ќе кажете. Во тој момент ќе знаете што да кажете бидејќи нема да зборувате вие, туку светиот дух. 12 Брат ќе го предаде својот брат за да биде убиен, и татко своето дете, и децата ќе се свртат против родителите и ќе ги предадат за да бидат убиени. 13 И сите ќе ве мразат поради моето име. Но кој ќе истрае до крајот, тој ќе биде спасен.
14 А кога ќе видите дека гадотијата која пустоши стои таму каде што не смее (оној што го чита ова треба добро да размисли за да го разбере), тогаш оние што ќе бидат во Јудеја нека бегаат во планините. 15 Кој ќе биде на покривот, нека не слегува и нека не влегува во куќата за да земе нешто од неа. 16 И кој ќе биде на нивата, нека не се враќа назад за да си ја земе наметката. 17 Тешко на бремените жени и на доилките во тие денови! 18 Молете се тоа да не се случи во зима. 19 Зашто, тие денови ќе бидат денови на неволја каква што немало од почетокот на светот кој го создаде Бог, па сѐ дотогаш, и каква што ќе нема повторно. 20 И ако Јехова не ги скрати тие денови, никој нема да се спаси. Но заради оние кои тој ги избра, ќе ги скрати тие денови.
21 И ако тогаш некој ви рече: ’Овде е Христос!‘ или: ’Таму е!‘, не верувајте. 22 Зашто, ќе се појават лажни Христоси и лажни пророци и ќе прават знаци и чуда за да ги заведат, ако е можно, избраните. 23 Затоа, пазете се. Сѐ ви кажав однапред.
24 А во тие денови, по таа неволја, сонцето ќе потемни, месечината повеќе нема да свети, 25 ѕвездите ќе паѓаат од небото и небесните сили ќе се затресат. 26 Тогаш ќе го видат Синот човечки како доаѓа во облаците со голема сила и слава. 27 И тогаш тој ќе ги испрати ангелите и ќе ги собере своите избрани од четирите страни на светот,* од крајот на земјата до крајот на небото.
28 Научете нешто од оваа споредба со смоквата: Кога од неа ќе потера гранка и ќе пушти лисја, знаете дека летото е близу. 29 Така и вие, кога ќе видите дека сето тоа се случува, знајте дека Синот човечки е близу, пред вратата. 30 Вистина ви велам, ова поколение нема да изумре* додека не се случи сето тоа. 31 Небото и земјата ќе исчезнат, но моите зборови ќе останат засекогаш.
32 Никој не знае кога ќе дојде тој ден или час, ни ангелите на небото ни Синот, туку само Таткото. 33 Внимавајте, бидете будни, бидејќи не знаете кога ќе се случи тоа. 34 Тоа е како човек кој отпатува во друга земја и куќата им ја довери на своите робови. Секому од нив му даде работа, а на вратарот му заповеда да бдее. 35 Затоа, бидете будни, бидејќи не знаете кога ќе си дојде господарот на куќата, дали навечер, или на полноќ, или пред да се раздени,* или рано наутро, 36 за, кога ќе дојде ненадејно, да не ве најде како спиете. 37 А ова што ви го велам вам, им го велам на сите: Бидете будни!“
14 По два дена беше Пасхата и Празникот на бесквасните лебови. Главните свештеници и познавачите на Законот* бараа начин да го фатат* Исус со измама и да го убијат, 2 но велеа: „Само не на празникот, бидејќи народот може да се побуни“.
3 А додека тој беше во Витанија и јадеше во куќата на Симон лепрозниот, дојде една жена со алабастерно шишенце со многу скапо мирисливо масло, вистински нард.* Го скрши шишенцето и почна да го излева маслото врз неговата глава. 4 Поради тоа, некои се налутија и зборуваа меѓу себе: „Зошто тукутака да се потроши ова мирисливо масло?“ 5 Тоа мирисливо масло можеше да се продаде за повеќе од 300 денарии* и парите да им се дадат на сиромашните!“ И многу ѝ се лутеа.* 6 Но Исус рече: „Оставете ја. Зошто ја напаѓате? Таа ми направи добрина. 7 Зашто, сиромашните секогаш ќе бидат меѓу вас и можете да им помагате кога и да посакате, а јас нема да бидам секогаш тука со вас. 8 Таа направи сѐ што можеше: го излеа мирисливото масло врз мене за однапред да го подготви моето тело за погреб. 9 Вистина ви велам, секаде каде што ќе се проповеда добрата вест по светот, ќе се кажува и за тоа што го направи оваа жена, како спомен за неа“.
10 А Јуда Искариот, еден од 12-те апостоли, отиде кај главните свештеници за да го издаде Исус. 11 Кога го чуја тоа, тие се израдуваа и ветија дека ќе му дадат сребрени пари. Оттогаш тој почна да бара прилика за да го издаде.
12 На првиот ден од Празникот на бесквасните лебови, кога по обичајот ја принесуваа пасхалната жртва, неговите ученици го прашаа: „Каде сакаш да ти ја подготвиме пасхалната вечера?“ 13 Тогаш испрати двајца од своите ученици и им рече: „Појдете во градот, и таму ќе сретнете човек кој ќе носи стомна со вода. Одете по него, 14 и каде што ќе влезе тој, речете му на домаќинот: ’Учителот прашува: „Каде е гостинската соба во која можам да ја јадам пасхалната вечера со моите ученици?“‘ 15 Тој ќе ви покаже една голема горна соба, наместена и подготвена. Таму подгответе ја вечерата“. 16 И учениците отидоа во градот и најдоа така како што им рече. И подготвија сѐ за Пасхата.
17 Вечерта, тој дојде со 12-те апостоли. 18 И додека седеа на масата и јадеа, Исус рече: „Вистина ви велам, еден од вас кој јаде со мене ќе ме издаде“. 19 А тие се натажија и почнаа еден по еден да му велат: „Да не сум јас?“ 20 Тој им одговори: „Еден од вас 12-мина, кој мака со мене во чинијата. 21 Синот човечки си заминува, како што е напишано за него, но тешко на оној што ќе го издаде Синот човечки! За тој човек подобро ќе беше воопшто да не се ни родеше“.
22 Додека јадеа, зеде леб. Откако се помоли,* го раскрши и им го даде, па рече: „Земете, ова го претставува моето тело“. 23 Потоа зеде чаша, му се заблагодари на Бог и им ја даде, и сите пиеја од неа. 24 И им рече: „Ова ја претставува мојата ’крв, која го потврдува сојузот‘, а која ќе се пролее за мнозина. 25 Вистина ви велам, повеќе нема да пијам вино до оној ден кога ќе пијам ново вино во Божјето Царство“. 26 И откако испеаја фалбени песни,* излегоа на Маслинската Гора.
27 И Исус им рече: „Сите вие ќе ме напуштите,* зашто е напишано: ’Ќе го удрам пастирот, и овците ќе се разбегаат‘. 28 Но кога ќе воскреснам, ќе отидам пред вас во Галилеја“. 29 А Петар му рече: „Дури и сите други да те напуштат, јас нема!“ 30 Тогаш Исус му рече: „Вистина, ти велам дека денес, уште оваа ноќ, пред петелот да запее двапати, ти трипати ќе се одречеш од мене“. 31 Но тој упорно велеше: „Ако мора и да умрам со тебе, нема да се одречам од тебе!“ А истото го велеа и сите други.
32 И дојдоа на едно место наречено Гетсиманија, па им рече на своите ученици: „Седете овде додека да се помолам“. 33 Со себе ги зеде Петар, Јаков и Јован. И многу се вознемири и се натажи. 34 Им рече: „Толку ми е тешко, што мислам дека ќе умрам од тага. Останете овде и бидете будни“. 35 Па отиде малку понатаму, падна на колена и почна да се моли, ако е можно, да не мора да помине низ тоа искушение. 36 И уште рече: „Аба,* Татко, за тебе сѐ е можно. Тргни ја оваа чаша* од мене. Ама нека не биде како што сакам јас, туку како што сакаш ти“. 37 Потоа се врати и ги најде како спијат, па му рече на Петар: „Симон, спиеш ли? Немаше ли сила да останеш буден еден час? 38 Бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение. Навистина, духот е спремен, но телото е слабо“. 39 И пак отиде и се молеше за истото. 40 Потоа повторно дојде и ги најде како спијат, зашто не можеа да ги држат очите отворени. И не знаеја што да му одговорат. 41 Се врати по третпат и им рече: „Во ваков момент спиете и се одмарате! Доста е! Дојде часот Синот човечки да биде издаден и предаден во рацете на грешниците. 42 Станете, да одиме. Мојот предавник се приближи“.
43 И веднаш, додека тој уште зборуваше, дојде Јуда, еден од 12-те апостоли, и со него мноштво луѓе со мечеви и стапови, испратени од главните свештеници, од познавачите на Законот* и од старешините. 44 А неговиот предавник се беше договорил со нив дека ќе им даде знак: „Оној што ќе го бакнам, тој е. Фатете го и одведете го со стражари“. 45 Веднаш дојде до Исус и му рече: „Учителе!“* И го бакна. 46 Тогаш го уапсија Исус. 47 Но еден од оние што стоеја таму го извлече мечот, па замавна и му го отсече увото на робот на првосвештеникот. 48 Исус тогаш им рече: „Со мечеви и со стапови ли излеговте да ме уапсите како да сум разбојник? 49 Секој ден бев со вас во храмот и поучував, и не ме уапсивте. Но тоа е за да се исполнат Писмата“.
50 И сите ученици го напуштија и побегнаа. 51 А по него одеше едно момче, облечено само во ленена облека. И се обидоа да го фатат, 52 но тој ја остави облеката и избега полугол.
53 Потоа го одведоа Исус кај првосвештеникот, а таму се собраа сите главни свештеници, старешини и познавачи на Законот.* 54 А Петар го следеше оддалеку сѐ до дворот на првосвештеникот. И седна со слугите и се грееше крај огнот. 55 За тоа време, главните свештеници и целиот Судски совет* бараа луѓе кои ќе сведочат против Исус за да можат да го убијат, но не можеа да најдат. 56 Мнозина лажно сведочеа против него, но сведоштвата не им се совпаѓаа. 57 А некои станаа и лажно сведочеа против него, велејќи: 58 „Го слушнавме како вели: ’Ќе го урнам овој храм, кој е направен со човечки раце, и за три дена ќе изградам друг, кој нема да биде направен со човечки раце‘“. 59 Но, дури ни во тоа не им се совпаѓаше сведоштвото.
60 Потоа првосвештеникот застана на средина и го праша Исус: „Нема ништо да одговориш? Што ќе кажеш за ова што го зборуваат против тебе?“ 61 Но тој молчеше и ништо не одговори. Првосвештеникот пак го праша: „Дали си ти Христос, Синот на Севишниот?“ 62 Тогаш Исус рече: „Да, сум. И ќе го видите Синот човечки како седи од десната страна на Моќниот Бог и доаѓа со облаците небесни“. 63 Тогаш првосвештеникот си ја раскина облеката и рече: „Ни требаат ли други сведоци? 64 Слушнавте дека хули. Што ќе одлучите?“* И сите се согласија дека заслужува смрт. 65 И некои почнаа да го плукаат, да му го покриваат лицето и да го удираат со тупаници и да му велат: „Ако си пророк, кажи кој те удри!“ И стражарите му удираа шлаканици, а потоа го одведоа.
66 А додека Петар беше долу во дворот, дојде една од слугинките на првосвештеникот. 67 Кога го виде Петар како се грее, се загледа во него и рече: „И ти беше со Назареќанецот, со тој Исус“. 68 А тој го одрече тоа: „Ниту го познавам, ниту разбирам што зборуваш“. И отиде накај портата.* 69 Кога го виде таму, слугинката повторно почна да им вели на оние што стоеја таму: „Овој е еден од нив“. 70 Но тој повторно одрекуваше. А малку подоцна, оние што стоеја таму уште еднаш му рекоа на Петар: „Сигурно и ти си еден од нив, бидејќи си Галилеец“. 71 А тој почна да се колне и да се заколнува: „Не го познавам тој човек за кого зборувате!“ 72 Во тој момент петелот запеа по вторпат, и Петар се сети на она што му го рече Исус: „Пред петелот да запее двапати, ти трипати ќе се одречеш од мене“. Тогаш, скршен од болка, силно заплака.
15 Веднаш штом се раздени, главните свештеници заедно со старешините и со познавачите на Законот,* имено целиот Судски совет,* се собраа за да се посоветуваат. И го врзаа Исус, па го одведоа и му го предадоа на Пилат. 2 Пилат го праша: „Ти ли си царот на Евреите?“ Тој му одговори: „Ти самиот го велиш тоа“. 3 А главните свештеници го обвинуваа за многу работи. 4 Тогаш Пилат повторно го праша: „Ништо ли нема да одговориш? Види колку обвиненија изнесуваат против тебе“. 5 Но Исус ништо повеќе не одговори, и затоа Пилат се зачуди.
6 А секоја година, на Пасхата, ослободуваше по еден затвореник кого народот ќе го побараше. 7 Во тоа време, во затвор имаше еден човек кој се викаше Варава. Тој и другите што беа со него во затвор се беа побуниле против власта и беа извршиле убиство. 8 И народот се собра и почна да го бара она што Пилат обично го правеше за нив. 9 Тогаш тој ги праша: „Сакате ли да ви го ослободам царот на Евреите?“ 10 Зашто, Пилат знаеше дека главните свештеници го предадоа од завист. 11 Но главните свештеници го подбуцнаа народот да бара да им го ослободи Варава. 12 А Пилат повторно ги праша: „Тогаш што да правам со овој што го нарекувате цар на Евреите?“ 13 А тие уште еднаш извикаа: „Прикови го на столб!“* 14 Но Пилат ги праша: „Зошто? Што лошо направил?“ А тие уште погласно викаа: „Прикови го на столб!“ 15 Тогаш, бидејќи сакаше да му угоди на народот, Пилат го ослободи Варава, а Исус го предаде да биде камшикуван и прикован на столб.
16 Војниците го одведоа во дворот на палатата на управителот, па ја свикаа целата чета војници. 17 Му наметнаа пурпурна наметка, па исплетоа круна од трње и му ја ставија на главата. 18 И почнаа да му велат: „Да живее царот на Евреите!“ 19 Со трска го удираа по глава, го плукаа, и паѓаа на колена и му се поклонуваа. 20 Откако престанаа да го исмејуваат, му ја симнаа пурпурната наметка и му ја облекоа неговата облека. Потоа го изнесоа за да го приковаат на столб. 21 И натераа еден човек кој поминуваше оттаму на враќање од полето — некојси Симон од Киринија, татко на Александар и Руф — да му го носи маченичкиот столб.*
22 И го доведоа на местото наречено Голгота, што значи „череп“. 23 Таму му нудеа вино со опојна смирна, но тој не се напи. 24 И го приковаа на столб и ја разделија неговата облека, фрлајќи ждрепка за неа, за да одредат кој што да земе. 25 Беше третиот час* кога го приковаа на столбот. 26 А беше поставен и натпис на кој пишуваше за што е обвинет: „Царот на Евреите“. 27 Покрај него приковаа на столб двајца разбојници, едниот од неговата десна, а другиот од неговата лева страна. 28* —— 29 А минувачите го навредуваа, одмавнуваа со главите и велеа: „Ајде, ти што ќе го урнеше храмот и ќе го изградеше за три дена, 30 спаси се себеси и слези од столбот!“ 31 На сличен начин и главните свештеници и познавачите на Законот* го исмејуваа и зборуваа меѓу себе: „Спасуваше други, а себе не може да се спаси! 32 Сега Христос, царот на Израел, нека слезе од столбот, за да видиме, па да поверуваме!“ Го навредуваа дури и оние што беа приковани на столб покрај него.
33 А во шестиот час* се спушти темнина по целата таа земја и траеше сѐ до деветтиот час.* 34 Во деветтиот час, Исус гласно извика: „Ели, Ели, лама савахтани?“, што значи: „Боже мој, Боже мој, зошто ме остави?“ 35 Кога го чуја тоа, некои од луѓето што стоеја во близина рекоа: „Гледај, го повикува Илија“. 36 Тогаш еден човек отрча, натопи сунѓер во кисело вино, го стави на трска и му даде да пие, велејќи: „Нека го! Да видиме дали ќе дојде Илија да го симне“. 37 Но, Исус гласно извика и умре.* 38 И завесата на светилиштето се расцепи на два дела, од горе до долу. 39 А воениот заповедник, кој стоеше спроти него, откако виде што се случи кога умре, рече: „Овој човек навистина беше Божји Син!“
40 Таму имаше и жени што оддалеку го гледаа тоа. Меѓу нив беа Марија Магдалена, и Марија, мајката на Јаков Помалиот и на Јосиј, и Салома, 41 кои го придружуваа и му помагаа кога беше во Галилеја. Таму беа и многу други жени кои заедно со него дојдоа во Ерусалим.
42 А бидејќи веќе беше доцна попладне и беше ден на подготовка, односно ден пред сабат, 43 дојде Јосиф од Ариматеја, угледен член на Советот, кој исто така го чекаше Божјето Царство. Тој собра храброст и отиде кај Пилат за да го побара телото на Исус. 44 А Пилат сакаше да знае дали Исус навистина е мртов, па го повика воениот заповедник и го праша дали Исус веќе умрел. 45 Кога воениот заповедник му го потврди тоа, му дозволи на Јосиф да го земе телото. 46 Откако купи квалитетно ленено платно, Јосиф го симна телото, го завитка во платното и го положи во гроб што беше издлабен во карпа. Потоа дотркала камен на влезот од гробот. 47 А Марија Магдалена и Марија, мајката на Јосиј, гледаа каде го полагаат.
16 Кога помина сабатот, Марија Магдалена, Марија, мајката на Јаков, и Салома купија мириси за да одат и да го намачкаат телото на Исус. 2 На првиот ден од седмицата, рано наутро, кога изгреа сонцето, дојдоа до гробот. 3 И си зборуваа меѓу себе: „Кој ќе ни го отркала каменот од влезот на гробот?“ 4 Но кога погледнаа, видоа дека каменот е отркалан, иако беше многу голем. 5 Кога влегоа во гробот, видоа еден млад човек, облечен во бела долга облека, како седи од десната страна. И многу се зачудија. 6 А тој им рече: „Не чудете се! Вие го барате Исус Назареќанецот, кој беше прикован на столб. Воскресна, не е овде. Еве го местото каде што го положија. 7 А сега одете, кажете им на неговите ученици и на Петар: ’Тој оди пред вас во Галилеја. Таму ќе го видите, како што ви рече‘“. 8 И тие излегоа и побегнаа од гробот, растреперени и преплавени од силни чувства. И никому ништо не му кажаа бидејќи беа исплашени.*
Буквално: „пред твоето лице“.
Или: „нурнуваше; потопуваше“.
Или: „Ти ме правиш радосен; Задоволен сум од тебе“.
Односно, Божјиот дух.
Или: „книжниците“.
Мајка на сопругата.
Друго можно значење: „бидејќи знаеја кој е тој“.
Или: „книжници“.
Или: „Биди ми следбеник“.
Или: „книжниците“.
Или: „парче ткаенина што уште не се собрало“.
Или: „парализирана“.
Очигледно значи „ревносниот“, а не дека доаѓа од Ханаан или од Кана.
Или: „книжниците“.
Буквално: „Велзевул“.
Или: „тој“.
Или: „поредок“. Види го поимот „поредок“ во Речникот.
Или: „мерна кошница“. Станува збор за поголема кошница што се користела како мера за жито.
Легијата била најголемата борбена единица во римската војска. Овде има значење на голем број.
Или: „Десет градови“.
Или: „настојниците“.
Буквално: „положи ги рацете врз неа“.
Или: „строго им нареди“.
Буквално: „ги положи рацете врз“.
Буквално: „да не носат по две облеки“.
Еден денариј бил дневница на еден работник.
Или: „кажа благослов“.
Буквално: „околу четвртата ноќна стража“. Таа траела отприлика од 3 часот наутро до изгрејсонце, околу 6 часот наутро.
Место каде што се купувало и продавало, и каде што се одржувале јавни собири.
Или: „книжници“.
Буквално: „крштавањето“.
Или: „книжниците“.
Или: „Кој го омаловажува; Кој зборува навредливо за“.
Овој стих го нема во некои древни ракописи и очигледно не е дел од вдахновените списи.
Грчки: порниа. Види го поимот „сексуален неморал“ во Речникот.
Грчки: аселгиа. Види го поимот „бесрамно однесување“ во Речникот.
Или: „завидливо око“.
Или: „Десет градови“.
Односно, во Декаполис.
Буквално: „да ги положи рацете врз него“.
Или: „ова поколение бара“.
Или: „книжниците“.
Види го поимот „маченички столб“ во Речникот.
Буквално: „прељубничко“.
Буквално: „Раби“.
Друго можно значење: „не кажаа никому за тоа“.
Или: „книжниците“.
Или: „книжници“.
Или: „кој ќе предизвика еден од овие мали што веруваат да си ја изгуби верата“.
Или: „мелнички камен што го врти магаре“.
Буквално: „на спрепнување“.
Буквално: „да отидеш во геената“. Види го поимот „геена“ во Речникот.
Овој стих го нема во некои древни ракописи и очигледно не е дел од вдахновените списи.
Буквално: „да бидеш фрлен во геената“. Види го поимот „геена“ во Речникот.
Овој стих го нема во некои древни ракописи и очигледно не е дел од вдахновените списи.
Буквално: „да бидеш фрлен во геената“. Види го поимот „геена“ во Речникот.
Односно, оној што е фрлен во геената.
Буквално: „ставил заедно во јарем“.
Или: „биди ми следбеник“.
Или: „отворот на иглата; иглени уши“.
Друго можно значење: „си велеа еден на друг“.
Или: „поредокот“. Види го поимот „поредок“ во Речникот.
Или: „книжниците“.
Буквално: „во твојата слава“.
Буквално: „Рабуни“.
Или: „книжниците“.
Буквално: „Раби“.
Или: „кога стоите и се молите“.
Овој стих го нема во некои древни ракописи и очигледно не е дел од вдахновените списи.
Или: „книжниците“.
Буквално: „небото“.
Буквално: „глава на аголот“.
Или: „уапсат“.
Римска сребрена монета.
Односно, римски цар.
Или: „книжниците“.
Или: „најважна“.
Види го поимот „душа“ во Речникот.
Или: „Сакај го својот ближен“. Види го поимот „ближен“ во Речникот.
Или: „ближните“. Види го поимот „ближен“ во Речникот.
Или: „книжниците“.
Види го поимот „Господар; Господ“ во Речникот.
Или: „книжниците“.
Место каде што се купувало и продавало, и каде што се одржувале јавни собири.
Или: „предните“.
Буквално: „куќите“.
Буквално: „две лепти, односно еден квадрант“.
Буквално: „породилните болки“.
Буквално: „од четирите ветрови“.
Или: „нема да помине“.
Буквално: „кога ќе пропеат петлите“.
Или: „книжниците“.
Или: „уапсат“.
Мирисливо масло кое најверојатно се правело од ароматично растение што расте на Хималаите.
Еден денариј бил дневница на еден работник.
Или: „ја прекоруваа“.
Или: „кажа благослов“.
Или: „псалми“.
Буквално: „ќе се спрепнете“.
Хебрејски или арамејски збор што значи „тато“.
Оваа „чаша“ ја претставува волјата на Бог да дозволи Исус да биде погубен под лажно обвинение дека е богохулник.
Или: „книжниците“.
Буквално: „Раби“.
Или: „книжници“.
Буквално: „Синедрион“. Види го поимот „Синедрион“ во Речникот.
Или: „Што мислите?“
Или: „излезе во предворјето“.
Или: „книжниците“.
Буквално: „Синедрион“. Види го поимот „Синедрион“ во Речникот.
Види го поимот „столб“ во Речникот.
Види го поимот „маченички столб“ во Речникот.
Односно, околу 9 часот.
Овој стих го нема во некои древни ракописи и очигледно не е дел од вдахновените списи.
Или: „книжниците“.
Односно, околу 12 часот.
Односно, околу 15 часот.
Или: „издивна“.
Според некои веродостојни древни ракописи, Евангелието според Марко завршува со зборовите од осмиот стих.