„Болести од едно место до друго“
ВО ГОРНИТЕ зборови, кои се наоѓаат во Лука 21:11 (НС), порастот на болестите е даден како едно од обележјата на знакот на последните денови. Во Откровение 6:8, тие болести се претставени со јавањето на бледиот коњ — четвртиот коњ од Откровение 6. поглавје. Колумнистот Лоренс Хол ги изнел врвните точки од една нова книга на Ендрју Никифорук, под наслов The Fourth Horseman: A Short History of Epidemics, Plagues, Famine and Other Scourges (Четвртиот јавач: Кратка историја на епидемии, чуми, глад и други несреќи). Тие врвни точки се појавиле во Холовата уводна статија во весникот Star-Ledger од Њуарк (Њу Џерси) од 25 февруари 1994. Следат извадоци од уводната статија.
„Четвртиот јавач на Апокалипсата енергично јава во ова тешко време. Човештвото се наоѓа во опасност од повеќе аспекти — дури и покрај целата таа извонредна и најсовремена технологија и напредок во медицинската наука. Многу антибиотици, некогаш поздравени како чудотворни лекови, се немоќни пред денешните суперорганизми . . .
‚Иако . . . лековите и вакцините можат да создадат претстава на делотворност, болестите ќе продолжат да ги потсетуваат масите дека најмладата наука е сѐ уште во пелени, и тоа можеби валкани‘ . . . Немам намера да ве исплашам, но метафората на четвртиот јавач е сосема реална. Туберкулозата повторно се јавува. Вирусот на сида продолжува секоја година да десеткува илјадници жртви по целата Земјина топка . . . Други болести, како што се тифусна треска, дифтерија, колера, црн пришт и маларија, исто така се закануваат — причина поради која здравствените стручњаци и јавноста воопшто се многу шокирани . . .
Секој историски период во човештвото донел нови болести. . . . Ренесансата имала сифилис, Колумбо ја пренел вариолата во Америка, сега сидата повторно ни се заканува. . . . Сѐ уште се појавуваат нови чуми и епидемии, иако се чини дека човештвото ја губи битката со микробите. . . . Расте бројот на луѓето со ослабен имунолошки систем.“ Никифорук исто така вели дека „,една голема лага на XX век [е] тоа дека антибиотиците, вакцините и лекарите нѐ спасиле од болести . . .
Колку и да се трудиме, не можеме да ги совладаме суперорганизмите, да го подмитиме Јавачот или да го игнорираме неизбежното присуство на болести во историјата‘“.