Дали просудувате според надворешноста?
ДАЛИ просудувате една книга според нејзината корица? Би можеле да се измамите. За да го избегнете тоа, прво проверете ја содржината. Ова е илустрирано во случајот на еден прочуен лик од турското народно творештво, Настрадин Оџа. (Турскиот збор оџа значи „учител“.) Тој „е и итар и наивен, мудар и глупав . . . Тој е побожен, но има човечки маани“. Тој е „непобедлива жртва на животните иронии“ (Сказни за Оџа од Џон Нунан, Aramco World, септември/октомври 1997).
Раскажана е една приказна за неговото патување во посета на некој отомански службеник кај кого требало да вечера. „[Настрадин] грубо се симнал од коњот и затропал на импозантната влезна врата. Кога му отвориле, видел дека прославата веќе била во тек. Но, уште пред да може да се претстави, домаќинот, гледајќи ја неговата облека извалкана од патот, дрско му рекол дека просјаци не се добредојдени.“
Настрадин си заминал, отишол до своите бисаги и „се преслекол во својата најубава облека: величествена свилена наметка украсена со крзно, како и еден голем свилен турбан. Така дотеран се вратил на влезната врата и повторно затропал.
Овојпат домаќинот срдечно го дочекал . . . Слугите сервирале пред него највкусни јадења. Тогаш Настрадин Оџа истурил една чинија супа во едниот џеб од својата наметка. На изненадување на другите гости, напикал парчиња печено месо во наборите од својот турбан. Потоа, пред домаќинот кој бил обземен од ужас, го турнал крзното од својата наметка во една чинија пилав, мрморејќи: ‚Јади, крзно, јади!‘
‚Што значи сето ова?‘ прашал домаќинот.
‚Драг господине‘, одговорил Оџата, ‚ја хранам мојата облека. Судејќи според твоето однесување кон мене пред половина час, јасно е дека облеката, а не јас, е предмет на твоето гостопримство!‘“
Колку ли често судиме негативно или позитивно само според изгледот! Кога пророкот Самуил помислил дека Давидовиот брат Елијав мора да е Јеховиниот избраник за следен крал на Израел, Јехова му рекол: „Не гледај на лицето негово и високиот негов раст; Јас го отфрлив. Јас не гледам така, како што гледа човек, зашто човек гледа на лицето, а Господ гледа на срцето“ (1. Царства 16:7). Да, Јехова суди според состојбата на срцето, а не според надворешноста. А Вие?
[Слика на страница 23]
Јехова го предупредил Самуил да не го измами надворешноста