Загриженост поради заразената крв
КОГА кај Деметрио Песоа, биохемичар од Боливија, дошло до компликации после една операција, итно бил одведен на клиника. Таму примил трансфузија на крв и ситуацијата се стабилизирала. Меѓутоа, по кратко време биохемичарот добил треска. По прегледот, лекарите му ја соопштиле лошата вест: Г-н Песоа примил крв која била заразена со паразитот Trypanosoma cruzi. Како последица на тоа, тој станал жртва на Шагасовата болест.
Случајот на г-н Песоа не е исклучок во Боливија, забележува Панос, една новинарска организација која е основана во Лондон. Една опсежна медицинска студија спроведена во 12 земји на Латинска Америка покажува дека во тој дел на светот, инфекциите предизвикани од контаминирана крв се секојдневен настан. Во една латиноамериканска земја, од секои 10.000 пациенти кои примиле трансфузија на крв, 220 завршиле со заразна болест. Тоа значи дека секое 45-то лице на кое му е дадена трансфузија на крв, станало жртва!
Но, Шагасовата болест не е единствена закана. Истата студија покажува дека неколку латиноамерикански земји не ја испитале даруваната крв од хепатит Ц и дека во некои земји тестовите за сифилис се правеле само повремено. Освен тоа, неколку земји немале доволно опрема за да ја проверат крвта од ХИВ. Кога зборувал за заразената крв, Тончи Маринкович, министер за здравство во Боливија, рекол: „Бог нека нѐ чува од неволја, бидејќи би можеле да дојдеме до степен на медицинска криза на сифилис, хепатит, Шагасова болест или СИДА“.
Несвесно, овој владин службеник го посочил исправниот правец за запирање на оваа медицинска криза што се заканува. Пред неколку години, во една статија за ризиците од трансфузија на крв, списанието Notícias Bolivianas ја даде следнава забелешка: „Апстиненцијата од крв се препорачува во склад со библиската заповед“. Библиската заповед на која се осврнал овој боливиски весник се наоѓа во Дела 15:29. Таа гласи: „Да се воздржувате од принесување жртви на идоли и од крв, од удавено, од блудство, и да не им правите на други она што вам не ви е угодно. Ако се пазите од ова, добро ќе направите“. (Видете и 1. Мојсеева 9:4; 3. Мојсеева 3:17.)