Објавување на последните свитоци од Мртво Море
ИНТЕЛЕКТУАЛНАТА мртва точка која траеше со децении, во минатиот септември конечно беше разбиена. Се чинеше дека огорчената расправа помеѓу проучувачите на свитоците од Мртво Море заврши, иако можеби беше започната нова расправа.
Свитоците од Мртво Море беа откриени во пештерите во близина на Мртвото Море во 1947, а и во наредните години. Тие беа од голема вредност во прикажувањето на суштествената точност на текстовите од Хебрејските списи, како и во расветлувањето на религиозните прилики во Палестина во времето кога Исус бил на Земјата (Исаија 40:8). Додека некои ракописи беа објавени релативно брзо, во 1991 речиси 400 ракописи беа сѐ уште необјавени и недостапни до повеќето научници. Многу научници се чувствуваа како професор Бен Зион Вахолдер, „разочарани од сфаќањето дека ако објавувањето се одвива со сегашнава брзина, сите ќе бидеме мртви кога комплетните текстови од Мртво Море ќе станат достапни на светот“.
Но, минатиот септември ваквата состојба се промени. Прво, професор Вахолдер и еден негов соработник, Мартин Абег, објавија дека досетливо употребиле компјутер да ги репродуцираат строго чуваните текстови. Тогаш библиотеката Хантингтон од Сан Марино, Калифорнија, САД, објави дека тие имале фотографии од оригиналните ракописи и дека слободно би им ги отстапиле на угледни научници. Очигледно биле направени многу фотографски копии на свитоците за да се гарантира нивната зачуваност. Комплети од фотографиите биле складирани на различни места, и конечно една завршила во библиотеката Хантингтон.
Еден научник овој пресврт на настаните го нарече ‚научен еквивалент на рушењето на Берлинскиот ѕид‘. Службените редактори објавувањето на проценетиот текст и објавувањето на фотографиите го нарекоа ‚кражба‘. Расправата околу етиката веројатно ќе беснее со години. Во меѓувреме, се чини дека многу други научници ќе бидат во можност да се консултираат со целата содржина на свитоците од Мртвото Море.
[Слика на страница 32]
Слика на еден коментар кон Авакум, еден од свитоците од Мртво Море.