Можат да учат од пчелите
„Во последниве години, инженерите и индустриските дизајнери сѐ повеќе увидуваат нешто кое пчелите очигледно отсекогаш го знаеле: обликувањето на многу тенок материјал по образецот на шестостраното саќе дава поголема цврстина отколку во кој и да е друг облик“ (The New York Times, 6 октомври 1991).
НЕ Е за изненадување што луѓето можат да извлечат корист од внимателното проучување на инсектите. Еден древен човек од вера, Јов, еднаш рекол: „Прашај го добитокот, и ќе те научи; запрашај ја небеската птица, и ќе ти објасни. . . . Кое од сите созданија не знае, дека раката на [Јехова] го создала?“ (Јов 12:7-9). Да, мудроста на Творецот се огледува во таквите вообичаени работи како што е шестоаголниот облик на ќелиите што можат да се видат во саќето.
Иако дебелината на восочните ѕидови на овие ќелии изнесува само околу една третина од милиметарот, тие се крајно цврсти. Всушност, можат да издржат тежина која е за 30 пати поголема од нивната сопствена.
Оваа цврстина наоѓа практична примена, како што е обложување на опремата за заштита од удари. Ја заштитила дури и воената опрема која била фрлена на земјата со падобран. The New York Times во врска со ова забележува: „Тешки предмети, како на пример џипови, се прицврстуваат за платформи под кои се наоѓаат блокови од саќе за да го апсорбираат спуштањето на земја“.
Производите коишто луѓето ги прават со ваков дизајн можат да се обликуваат од многу материјали. Изгледа дека највообичаена е хартијата. Во труповите на некои големи авиони се употребува саќе формирано од хартија од најлонски влакна и смола. Постигната е цврстина а со релативно мала тежина. Зошто?
Поголемиот простор помеѓу плочите е исполнет со воздух, така што има мала тежина. А воздухот има и добри изолациски својства.
Самата пчела не го „знае“ навистина сето тоа, бидејќи нема тутула по инженерство. Сепак, таа секојдневно се бави со својата работа со инстинктивната мудрост што ѝ ја дал Творецот, Јехова.