Прашања од читателите
Дали Матеј 28:17 значи дека некои апостоли продолжиле да се сомневаат долго откако воскреснатиот Исус им се појавил?
Не, не треба да извлекуваме таков заклучок од Матеј 28:16, 17, кадешто читаме: „Единаесетте ученици отидоа во Галилеја, во гората, кадешто им беше заповедал Исус; па, штом Го видоа, Му се поклонија; а некои се сомневаа“.
Уште долго однапред Исус се трудел да им помогне на учениците да сфатат „дека Он треба да отиде во Ерусалим и да пострада многу од старешините, првосвештениците и книжниците и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне“ (Матеј 16:21). И покрај тоа, учениците биле разочарани и збунети поради неговото апсење и погубување. Се чини дека неговото воскресение дошло како изненадување. И кога се покажал во човечки облик, отпрвин некои „од радост уште не веруваа“ (Лука 24:36-41). Сепак, неговите појавувања по воскресението им помогнале на неговите блиски следбеници да го прифатат фактот дека тој воскреснал; дури и апостолот Тома бил убеден дека Исус бил подигнат (Јован 20:24-29).
После тоа, 11-те верни апостоли ‚отишле во Галилеја‘ (Матеј 28:16; Јован 21:1). Додека биле таму, Исус „им се јави еднаш на повеќе од петстотини браќа“ (1. Коринтјаните 15:6). Матеј 28:17 споменува дека токму таму се случило ‚некои да се сомневаат‘. Така, оние кои сѐ уште се сомневале, можеби биле меѓу тие 500 следбеници.
Забележи го интересниот коментар во врска со ова што го дал Ч. Т. Расел, првиот претседател на Друштвото Стражарска кула:
„Не можеме оправдано да претпоставиме дека оние кои се сомневале, биле некои од единаесетте апостоли, затоа што тие биле потполно задоволени, целосно уверени, а така се изразувале и пред тоа. Мислиме дека оние кои се сомневале морало да бидат од ‚петстотините браќа‘ коишто биле присутни на тој договорен состанок, а кои порано не се дружеле со него откако воскреснал, и кои, можеме оправдано да претпоставиме, биле многу послаби во верата отколку апостолите и блиските пријатели со кои Исус разговарал после своето воскресение. Изјавата дека ‚некои се сомневале‘ е доказ за искреноста на извештајот на евангелистот. Таа исто така ни покажува дека Господовите следбеници не биле премногу лековерни, туку напротив, биле склони да ги проверат и одмерат доказите што постоеле, а подоцнежната ревност, енергијата и самопожртвуваниот дух на оние кои верувале, ни даваат изобилни докази за искреноста на нивните убедувања во поглед на воскресението на нашиот Господ, за кое и тие и ние признаваме дека го претставува самиот камен–темелник на нашата вера во него. Ако Христос не бил подигнат, залудна е нашата вера и ние сѐ уште сме во нашите гревови — 1. Кор. 15:17 (Zions Watch Tower and Herald of Christ’s Presence, 1. мај 1901, стр. 152, англ.).
Патем, би можеле да забележиме дека начинот на којшто Матеј ја споменува оваа мисла, ни дава доказ за доверливоста и чесноста на Библијата. Кога некој би фалсификувал некаков извештај, би тежнеел да даде подробности кои би направиле неговата измислена приказна да изгледа веродостојна; веројатно би мислел дека тие испуштени подробности или наизгледни пропусти би фрлиле сомнение на неговата измислица. А како е со Матеј?
Тој не се чувствувал должен да даде детаљно објаснение за својата забелешка дека ‚некои се сомневале‘. Извештаите на Марко, Лука и Јован не велат ништо за ова, па така, Матеевата забелешка, сама за себе, можеби изгледа дека ги вклучува и 11-те апостоли, на кои и самиот им припаѓал. И покрај тоа, Матеј дал краток коментар без да пружи некакво објаснение. Околу 14 години подоцна, апостол Павле го напишал Првото послание до Коринтјаните. Во светлината на детаљот што го дал во 1. Коринтјаните 15:6, можеме да заклучиме дека оние коишто се сомневале не биле апостолите, туку ученици од Галилеја на кои Исус сѐ уште не им се јавил. Така, Матеевиот коментар дека ‚некои се сомневале‘ звучи вистинит; тоа со право има призвук на чесен писател кој дава вистинит извештај без да се обидува да го објаснува секој детаљ.