Го сториле тоа од љубов
ЕДНА верна, гостољубива вдовица од Канада ги одгледувала своите четири ќерки како вистински христијанки. Старешините во собранието забележале дека во нејзиниот дом требало да се извршат опсежни поправки. Таа немала ниту пари, ниту вештина да го стори тоа. Така, во склад со начелото кое се наоѓа во 1. Тимотеј 5:9, 10, старешините направиле дискретни подготовки за да се заврши работата. Како?
Бил направен план таа и нејзините деца да бидат отсутни од дома пет дена. Повеќе од 80 лица од собранието ја дале својата поддршка од сѐ срце, приложувајќи материјали, пари и време. По неколку минути откако семејството заминало, ревносни работници се сјатиле на куќата како рој пчели. Целиот екстериер на куќата бил поправен. Ѕидовите биле закрпени и варосани. Подовите биле истругани и исполирани. Биле ставени и нови парчиња паркет и нов тепих. Сите неопходни електрични и светлосни инсталации биле поправени. Дури и дотраниот мебел бил заменет. Било извршено едно комплетно реновирање за само пет дена!
Атмосферата на возбуда и активност создала прилична живост во соседството. Еден 80-годишен сосед бил толку поттикнат од напорите на Сведоците што ја донел својата четка за фарбање и инсистирал и тој да помага. Работодавецот на еден од волонтерите приложил аспиратор за кујнскиот шпорет. Еден друг работодавец поклонил нови кујнски елементи. Некој човек бил толку импресиониран што сакал да научи нешто повеќе за Јеховините сведоци. Тој спремно ја прифатил публикацијата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата.
Кога вдовицата и нејзините ќерки се вратиле дома, на нивните лица можело да се види големо изненадување. Имало многу солзи, смеење и прегратки — еден незаборавен момент на христијанска љубов и чувства. Навистина, вистинската љубов и грижа за сиромашните членови на собранието е ознака на вистинското христијанство, бидејќи Павле напишал: „И така, додека имаме време, да им правиме добро на сите, а најмногу на своите по вера“ (Галатјаните 6:10).