„Железо железо остри“
КОН крајот на третиот век н. е., еден сериозен младич по име Ентони, опишан како „коптски христијанин“, се повлекол од светот и поминал 20 години изолиран во пустината. Зошто? Мислел дека тоа е најдобриот начин да му служи на Бог. Тој бил првиот влијателен испосник, односно пустиник на т. н. христијанство.
Денес, христијанскиот свет има малкумина кои се испосници. Но, сѐ повеќе и повеќе поединци се изолираат на еден поинаков начин. Тие одбиваат да разговараат со другите за религија, мислејќи дека таквиот разговор води до несогласувања и препирки. Нивното обожавање се состои главно од тоа да не им прават лошо на своите ближни.
Точно, да не им се прави лошо на ближните е една ознака на вистинската религија, но потребно е уште повеќе. Една древна изрека гласи: „Железо железо остри, и човек го изострува погледот [лицето, НС] на пријателот свој“ (Изреки 27:17). Факт е дека Библијата ги охрабрува христијаните да се состануваат, а не да се изолираат потполно од светот или од останатите христијани (Јован 17:14, 15). Таа вели: „Да бидеме внимателни еден кон друг, за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела, не напуштајќи го своето собрание“ (Евреите 10:24, 25). Јеховините сведоци го следат овој совет. Повеќе пати во неделата, тие се собираат за да ‚го острат лицето еден на друг‘, изградувајќи ја верата на своите соверници. Тие заклучуваат дека отвореното дискутирање за Библијата не води до препирки, туку до хармонија и мир. Тоа претставува битен дел од вистинското обожавање.