Прашања од читателите
Исус поттикнал: „Потрудете се [силно напрегајте се да влезете, NW] на тесната врата; зашто ви велам: мнозина ќе сакаат да влезат и не ќе можат“ (Лука 13:24). Што мислел тој, и како тоа се применува денес?
Ќе можеме подобро да го разбереме овој интересен пасус ако го разгледаме неговиот амбиент. Околу шест месеци пред својата смрт, Исус бил во Ерусалим за време на годишнината од повторното посветување на храмот. Тој зборувал дека е пастир на Божјите овци, но истакнал дека Евреите, општо земено, не се меѓу тие овци бидејќи одбиле да го слушаат. Кога рекол дека тој е „едно“ со својот Татко, Евреите кренале камења за да го каменуваат. Тој избегал во Переја, зад Јордан (Јован 10:1—40).
Таму, еден човек го прашал: „Господи, малку ли се оние што ќе се спасат?“ (Лука 13:23). Тоа било погодно прашање за него, затоа што Евреите од тој период сметале дека само еден ограничен број би заслужиле спасение. Со оглед на нивниот став, не е тешко да се замисли кои, според нивно мислење, би ги сочинувале тие малкумина. Но, колку само погрешиле, како што покажале подоцнежните развои!
Отприлика две години Исус бил меѓу нив, поучувајќи ги, извршувајќи чуда и давајќи им ја можноста да станат наследници на небесното Царство. Со каков резултат? Тие, а особено нивните водачи, биле горди на тоа што се потомци на Авраам и што им бил доверен Божјиот закон (Матеј 23:2; Јован 8:31—44). Но, тие не сакале да го препознаат гласот на Добриот Пастир и не се одѕвале на него. Тоа било како пред нив да имало отворена врата со членство во Царството како главна награда ако се премине преку неа, но тие одбиле. Само релативно малкумина — главно од пониската класа — ја чуле Исусовата порака на вистината, се одѕвале и останале со него (Лука 22:28—30; Јован 7:47—49).
На денот Педесетница 33 н. е., последниве биле во положба да бидат помазани со дух (Дела 2:1—38). Тие не биле меѓу творците на неправда што ги спомнал Исус, кои ќе плачат и ќе крцкаат со своите заби заради тоа што пропуштиле да ја искористат приликата која им била достапна (Лука 13:27, 28).
Според тоа, ‚многумината‘ во првиот век биле Евреите, општо земено, особено религиозните водачи. Тие тврделе дека сакаат Божја наклоност — но само според нивните сопствени мерила и патишта, а не според Божјите. За разлика од нив, релативно ‚малкумината‘, кои се одѕвале поради искрен интерес да бидат дел од Царството, станале помазани членови на христијанското собрание.
Сега, разгледај ја пошироката примена која се случува во нашево време. Безброј поединци кои ги посетуваат црквите на христијанскиот свет се поучувани дека ќе одат на небото. Меѓутоа, ова тежнеење не се темели на точните учења од Писмото. Како и Евреите порано, овие сакаат Божја наклоност само според свои услови.
Но, во наше време има релативно малкумина кои понизно се одѕвале на пораката за Царството, се предале на Јехова и станале погодни за неговата наклоност. Ова ги довело до тоа да станат ‚синови на Царството‘ (Матеј 13:38). Таквите помазани ‚синови‘ почнале да бидат канети на Педесетница 33 н. е. Јеховините сведоци долго време сметаат дека доказот за Божјето постапување со неговиот народ сугерира на тоа дека, во основа, членовите на небесната класа се веќе повикани. Според тоа, оние кои ја дознале библиската вистина во неодамнешниве години разбрале дека сега се пружа надежта за вечен живот на рајската Земја. Тие бројно го надминале остатокот на помазани христијани кој опаѓа, а кој има изглед навистина да оди на небото. Воглавно, Лука 13:24 не се применува на оние кои не очекуваат да одат на небото, но сепак тој сигурно содржи мудар совет за нив.
Поттикнувајќи нѐ силно да се напрегаме, Исус не рекол дека тој или неговиот Татко ставаат препреки на нашиот пат за да нѐ спречат. Но, од Лука 13:24 ние разбираме дека Божјите барања се такви што ги исклучуваат недостојните. „Силно напрегајте се“ подразбира борба, да се испружиме. Така, ние би можеле да се запрашаме: ‚Дали јас се испружувам?‘ Лука 13:24 би можел да биде парафразиран вака: ‚Треба силно да се напрегам да влезам низ тесната врата, бидејќи многу ќе сакаат да влезат, но нема да можат. Затоа, дали јас навистина силно се напрегам? Дали сум како некој атлетичар на еден древен стадион кој дава сѐ од себе за да ја добие наградата? Ниеден таков атлетичар нема да биде со половина срце, без да запнува. Дали сум јас таков?‘
Исусовите зборови сугерираат дека некои би можеле да се обидуваат да ‚влезат низ вратата‘ само кога ним им е погодно, со едно лесно темпо кое тие го претпочитаат. Таквиот став би можел да влијае врз поединечни Сведоци. Некои би можеле да резонираат: ‚Јас знам оддадени христијани кои со години се испружувале, правејќи многу жртви; па сепак, до времето на нивната смрт сѐ уште не дошол крајот на овој злобен систем на ствари. Затоа, можеби би било подобро да успорам, да живеам еден понормален живот‘.
Лесно е да се размислува на таков начин, но дали тоа навистина е мудро? На пример, дали апостолите размислувале на таков начин? Дефинитивно не. Тие давале сѐ за вистинското обожавање — сѐ до својата смрт. На пример, Павле можел да каже: „[Христос] ние Го проповедаме . . . За оваа цел јас навистина работам напорно, напрегајќи се во склад со неговото дејствување и кое дејствува во мене со моќ“. Подоцна тој напишал: „За оваа цел работиме напорно и се напрегаме, затоа што нашата надеж ја имаме положено во еден жив Бог, кој е Спасител на сите видови луѓе, особено на верните“ (Колосјаните 1:28, 29; 1. Тимотеј 4:10, сите NW).
Ние знаме дека со тоа што се напрегал, Павле постапил апсолутно исправно. Колку само би бил задоволен секој од нас да може да каже како Павле: „Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив“ (2. Тимотеј 4:7). Затоа, во склад со Исусовите зборови запишани во Лука 13:24, секој од нас може да се запраша: ‚Дали јас се залагам со марливост и трудољубивост? Да, дали давам обилен, редовен доказ дека ја земам при срце и дека ја применувам Исусовата опомена: „Силно напрегајте се да влезете на тесната врата“?‘