Добрите дела му донесуваат слава на Бог
ОНИЕ кои го љубат Бог настојуваат да ја одразуваат духовната светлина од неговата Реч, Библијата. На тој начин, ја следат Исусовата заповед: „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесни“ (Матеј 5:16). Кажаниот збор како и чесното однесување можат да му донесат слава на Бог.
Јеховините сведоци се трудат да му угодат на Бог постапувајќи во склад со Библијата и настојувајќи да им помагаат на другите во духовен поглед. Тоа го прават дури и во земји каде што нивната јавна служба сѐ уште не е законски регистрирана. Во главниот град на една од овие земји, Сведоците одржуваат годишни конгреси на кои присуствуваат некаде од 6.000 до 9.000 луѓе. За таквите собири тие најмуваат сали во еден комплекс каде што се одржуваат изложби. Како што правеле и претходните години, пред својот конгрес во 1999 година, стотици Сведоци напорно работеле за да ги исчистат објектите и да постават систем за озвучување и илјадници столици.
Целата оваа подготовка не поминала незабележано. Управата на комплексот ги забележала овие активности. Исто така, таа видела дека иако имало најголем број од 15.666 присутни, сѐ течело мирно и дека Сведоците биле многу уредни. Персоналот бил импресиониран и од темелното чистење после тоа.
Управата покажала ценење за сево ова на тој начин што ги ставила Сведоците на списокот за приоритет — што значи дека следната година тие ќе имаат можност први да ја најмат зградата. Но, управата направила и повеќе од тоа. На 15 јули 1999 година таа му доделила на конгресниот одбор награда во знак на ценење. На плакетата биле изгравирани зборовите „собранието на Јеховините сведоци“ — нешто неочекувано во земја каде што нивното библиско образовно дело е ограничено.
Во 2000/2001 година низ целиот свет се очекува милиони да присуствуваат на стотиците Обласни конгреси на Јеховините сведоци — „Извршители на Божјата реч“. Ако си присутен, и ти можеш лично да се увериш како оние кои ревносно го вршат она што стои во Библијата учествуваат во добрите дела кои му донесуваат слава на Бог.