„Нешто што треба да му донесе радост на секого“
ТУВАЛУ, прекрасна земја која се состои од девет острови во Јужниот Пацифик, има население од 10.500 жители. Сепак, свесни дека Божја „волја е сите видови луѓе да се спасат и да дојдат до точно спознание на вистината“, локалните Јеховини сведоци копнееја да ги имаат библиските публикации на свој јазик (1. Тимотеј 2:4). Ова наметна еден предизвик, со оглед на тоа што на тој јазик не постоеше ниту еден речник. Во 1979, еден мисионер на Јеховините сведоци кој служеше во Тувалу се зафати со овој предизвик. Тој и неговата сопруга живееја кај едно локално семејство, го научија јазикот и постепено составија речник со зборови на тувалу. Во 1984 Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc. ја објави на тувалу книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата.
Д-р Т. Пуапуа, поранешен премиер на Тувалу, напишал писмо во кое изразил ценење за книгата Живеј засекогаш. Тој напишал: „Оваа книга е уште еден нов и витален додаток кон суштинското ‚богатство‘ на Тувалу. Треба да бидете многу среќни поради уделот што го имавте — прекрасен удел во изградувањето на духовниот живот на луѓето од оваа нација. Верувам дека ова дело ќе биде запишано во историјата на Тувалу во врска со печатењето образовни книги . . . Овој [дострел] е нешто што треба да му донесе радост на секого“.
Списокот на преведувачот со собрани зборови водеше до објавување на тувалу-англиски речник во 1993. Тоа е првиот речник на тој јазик наменет за широката публика. Неодамна, Националната комисија за јазик на Тувалу побара дозвола да го користи тој речник за составување на нивниот прв речник на мајчин јазик.
Од 1 јануари 1989 на тувалу излегува месечно издание на списанието Стражарска кула. Ако го читаш ова списание на јазик кој не ти е мајчин, зошто не провериш на 2. страница за да видиш дали и твојот мајчин јазик спаѓа во јазиците на кои излегува Стражарска кула? Кога би го читал на свој мајчин јазик, тоа несомнено би ти донело додатна радост.