Потрајно од чисто злато
ЗЛАТОТО е многу барано поради неговата убавина и трајност. Ваквата пожелност во голема мера се должи на фактот што тоа останува сјајно и не потемнува навидум засекогаш. Ова е затоа што златото е отпорно на нагризувањето од вода, кислород, сулфур и речиси сѐ друго. Многу златни ракотворби пронајдени во потопени бродови и на други места сѐ уште го задржуваат својот сјај и по стотици години.
Меѓутоа, интересно е тоа што Библијата наведува дека постои нешто што е потрајно и ‚многу повредно од злато кое пропаѓа и покрај тоа што се испитува со оган‘ (1. Петрово 1:7). Златото што се „испитува“, односно рафинира со оган и со други процеси може да достигне чистота од 99.9 проценти. Сепак, дури и рафинираното злато пропаѓа, односно се раствора, кога ќе се изложи на аква регија (царска вода), смеса од три дела хлороводородна киселина и еден дел азотна киселина. Во тој поглед, Библијата е научно точна кога тврди дека ‚златото пропаѓа‘.
За разлика од него, вистинската христијанска вера ‚ја сочувува душата во живот‘ (Евреите 10:39). Луѓето можат да убијат некого кој има силна вера, како што сториле со Исус Христос. Но, на оние што поседуваат вистинска вера им е дадено ова ветување: „Покажи се верен до самата смрт, и ќе ти ја дадам круната на животот“ (Откровение 2:10). Оние што умираат во вера, остануваат во Божјето сеќавање и тој ќе ги воскресне (Јован 5:28, 29). Тоа не може да се постигне со никаква количина злато. Во тој поглед, верата е навистина повредна од златото. Меѓутоа, за да има таква извонредна вредност, таа мора и да се испита, односно провери. Всушност, Петар рекол дека ‚испитаниот квалитет на верата‘ е повреден од златото. На Јеховините сведоци ќе им биде драго да ти помогнат да ја проучуваш Библијата за да развиеш и задржиш силна вера во вистинскиот Бог, Јехова, и во неговиот Син, Исус Христос. Ова, според Исус, „значи вечен живот“ (Јован 17:3).