Прашања од читателите
Како може една христијанска сопруга да ја урамнотежи лојалноста кон Бог со подложноста кон својот сопруг што не е соверник ако тој учествува во верски празнични активности?
Тоа ќе бара мудрост и такт. Но, таа постапува исправно кога настојува да ги урамнотежи овие две обврски. Исус дал совет за една паралелна ситуација: „Плаќајте му го цезаровото на цезарот, а Божјето на Бог“ (Матеј 22:21). Секако, тој зборувал за обврски кон владите, за кои подоцна на христијаните им било речено да им бидат подложни (Римјаните 13:1). Сепак, неговиот совет наоѓа паралела и во случај кога една сопруга ги урамнотежува своите обврски кон Бог со библиската подложност кон својот сопруг, дури и кога тој не е соверник.
Ниеден човек што е запознат со Библијата нема да одрече дека таа нагласува дека христијанинот има првенствена обврска кон Семоќниот Бог, да му биде лојален во секое време (Дела 5:29). Сепак, во многу ситуации еден вистински обожавател може да им угоди на барањата на некој неверник што има авторитет без да ги прекрши Божјите возвишени закони.
Поучен пример наоѓаме во тројцата Евреи, како што се раскажува во 3. поглавје од Даниел. Нивниот владин претпоставен, Навуходоносор, одредил тие и други да се соберат во рамницата Дура. Увидувајќи дека било предвидено лажно обожавање, тројцата Евреи веројатно сакале да избегнат да бидат присутни таму. Можеби Даниел бил во состојба да се ослободи, но овие тројца не можеле.a Затоа се повиниле до тој степен што биле присутни, но сепак не сакале да учествуваат, ниту учествувале, во каков и да е погрешен чин (Даниел 3:1-18).
На сличен начин, околу празниците можеби сопругот што не е соверник ќе бара неговата христијанска сопруга да стори нешто што таа би сакала да го избегне. Разгледај некои примери: Тој ѝ вели да зготви извесно јадење на денот кога тој и другите ќе слават некој празник. Или бара тој и семејството (вклучувајќи ја и сопругата) на тој ден да ги посетат неговите роднини на оброк или едноставно како друштвена посета. Или, дури и пред празникот, би можел да рече дека додека сопругата пазарува, мора да купи и некои работи за него — храна што се јаде баш на тој празник, предмети што се користат како подароци или хартија за завиткување и картички за подароците.
Повторно, христијанската сопруга треба да биде одлучна да не учествува во постапки на лажната религија, но што е со ваквите барања? Тој е глава на семејството, а Божјата реч вели: „Вие жени, бидете им подложни на своите мажи, како што прилега во Господ“ (Колошаните 3:18). Во вакви случаи, може ли таа да покаже подложност како сопруга додека во исто време му останува лојална на Бог? Таа мора да одлучи како да ја урамнотежи послушноста кон сопругот со најважната послушност кон Јехова.
Во други прилики, можеби нејзиниот сопруг ќе побара таа да зготви извесно јадење, било затоа што тоа е неговото омилено јадење или затоа што е навикнат да го има тоа јадење во одредена сезона. Таа ќе сака да покаже љубов кон него и да го признае неговото поглаварство. Може ли да го стори тоа дури и тогаш кога тој го нарачал заради приликата за празникот? Некои христијански сопруги можеби можат да го сторат ова со чиста совест, едноставно гледајќи го како нормална задача на подготвување секојдневен оброк. Секако, ниедна лојална христијанка нема да му придава на тоа некакво празнично значење, дури и ако сопругот гледа така. На сличен начин, можеби тој бара таа да биде со него кога ги посетува роднините во различни периоди од месецот или од годината. Може ли таа да го стори тоа дури ако се погоди на денот на некој празник? Или, дали таа обично ќе биде спремна да купи некои работи на негово барање, без да суди каква намера има тој со артиклите што таа ги купува додека пазари други работи?
Се разбира, една христијанска сопруга треба да мисли на другите — каков ефект ќе има тоа врз нив (Филипјаните 2:4). Таа ќе сака да избегнува да остави впечаток дека е поврзана со празникот, исто како што тројцата Евреи веројатно претпочитале другите да не ги видат дека патуваат кон рамницата Дура. Затоа, таа би можела да се обиде тактично да резонира со сопругот за да види дали, од обѕир кон нејзините чувства, тој би можел извесни работи поврзани со празникот да ги направи самиот за да ѝ угоди на жената што го сака и почитува. Можеби тој ќе увиди колку е мудро да не ги става и обајцата во потенцијално непријатна ситуација ако таа мора да одбие да учествува во постапки на лажната религија. Да, една смирена дискусија однапред, би можела да води до мирољубиво решение (Пословици 22:3).
На крајот на краиштата, верниот христијанин мора да ги одмери фактите и потоа да одлучи што да прави. Послушноста кон Бог мора да биде на прво место, како што било случај и со тројцата Евреи (1. Коринќаните 10:31). Но, имајќи го ова на ум, секој христијанин мора да донесе лична одлука кои некомпромитирачки работи може да ги прави на барање на оној што има авторитет во семејството или во средината.
[Фуснота]
a Види Прашања од читателите во Стражарска кула од 1 август 2001.