„Две жени тропнаа на нашата врата“
„ПОМИНАА две години откако со огромна тага ја изгубивме нашата мала ќеркичка.“ Вака почнува едно отворено писмо во весникот Le Progrès, што се издава во Сент Етјен (Франција).
„Мелиса имаше три месеци и страдаше од страшната болест тризомија 18. Човек никогаш не може сосем да се опорави од една таква трагедија што изгледа толку нефер. Иако бевме воспитани како католици, бевме опседнати со прашањето: ‚Боже, ако те има, зошто дозволуваш да се случуваат вакви работи?‘“ Очигледно, мајката што го напишала ова писмо се чувствувала вознемирено и беспомошно. Нејзиното писмо продолжува:
„Кратко по овие настани, две жени тропнаа на нашата врата. Веднаш препознав дека се Јеховини сведоци. Бев спремна учтиво да ги одбијам, но тогаш ја забележав брошурата што ја нудеа. Таа зборуваше за тоа зошто Бог го допушта страдањето. Така, решив да ги пуштам внатре со намера да ги побијам нивните аргументи. Си мислев дека кога станува збор за страдање, моето семејство навистина добро знае што е тоа и дека сме чуле доволно излитени фрази како ‚Бог ни ја дал, Бог ни ја зел‘. Сведоците останаа нешто повеќе од еден час. Ме слушаа со големо сочувство и кога си одеа, се чувствував толку подобро што се согласив да дојдат пак. Тоа беше пред две години. Јас не станав Јеховин сведок, но почнав да ја проучувам Библијата со нив и да присуствувам на нивните состаноци колку што можам“.