Вистинското обожавање обединува едно семејство
МАРИЈА имала 13 години кога таа и нејзината помала сестра, Луси, чуле за Јехова од еден нивни роднина. Тој им ја објаснил и надежта за Рај на земјата. Заинтересирани, тие отишле со него во Салата на Царството на Јеховините сведоци. Марија била импресионирана од јасните упатства што биле дадени таму. Било толку поразлично од црквата, каде што не правеле ништо друго освен што пееле! Наскоро децата ја проучувале Библијата со една жена Јеховин сведок.
Постариот брат, Хуго, го интересирале филозофијата и еволуцијата. Се сметал за атеист. Но, додека го отслужувал воениот рок, ја прочитал книгата Животот — како настанал? Со еволуција или со создавање?a Нашол одговор на прашања што ниедна друга религија не можела да ги даде. Кога го отслужил воениот рок, почнал да ја зајакнува својата новопронајдена вера во Бог така што ја проучувал Библијата и присуствувал на состаноците заедно со своите сестри. Марија и Луси се крстиле во 1992, две години откако првпат чуле за вистината, а брат им две години подоцна.
Во меѓувреме, нивните родители, оддадени на католичките традиции, покажале мал интерес за вистината. Тие сметале дека Јеховините сведоци се досадни, иако се восхитувале на добрите манири и скромната облека на младите Сведоци што нивните деца ги канеле дома. Исто така, за време на оброците, кога децата разговарале за работите што ги научиле на состаноците, била подбудена и љубопитноста на родителите.
Меѓутоа, и двајцата родители ги интересирала магија. Таткото бил пијаница и ја тепал мајката. Семејството само што не се распаднало. Тогаш, таткото поминал две седмици во затвор поради пијанство. Додека бил во затвор, почнал да ја чита Библијата. Читајќи, наишол на зборовите на Исус во врска со знакот за последните денови. Со многу прашања во главата што ги збунувале, и таткото и мајката отишле во Салата на Царството и прифатиле домашна библиска студија. Кога ја дознале вистината, ги уништиле сите книги за магија што ги имале и се ослободиле од нападите на демоните привикувајќи го Јеховиното име. Почнале да прават значајни промени во личноста.
Можеш ли да си замислиш колку трогнати биле Марија и Луси кога гледале како Хуго ги крштава нивните родители на еден обласен конгрес во Боливија во 1999? Поминале околу девет години откако Марија и Луси првпат чуле за Јехова и неговите ветувања. Заедно со Хуго, тие сега се во полновремена служба. Колку само се среќни што вистинското обожавање го обедини нивното семејство!
[Фуснота]
a Издадена од Јеховините сведоци.