Како да се справиме со обесхрабрувањето
ДАЛИ си обесхрабрен? Во ова време на неизвесност и немир, многу луѓе се чувствуваат така. Некои се обесхрабрени затоа што се невработени. Други се справуваат со последиците од некоја несреќа. Трети, пак, се борат со семејни проблеми, сериозна болест или чувства на осаменост.
Ако си обесхрабрен, каде можеш да побараш помош? Милиони луѓе од целиот свет нашле утеха во читањето на Божјата реч, Библијата. Довербата им ја враќаат зборовите на апостол Павле, кој рекол: „Нека е благословен Богот и Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Таткото на нежни милосрдија и Богот на секоја утеха, кој нѐ теши во секоја наша неволја“ (2. Коринќаните 1:3, 4). Зошто не ги прочиташ овие и други библиски стихови од твојата Библија? Тоа ќе ‚го утеши твоето срце и ќе те зацврсти‘ (2. Солуњаните 2:17).
Помош за да се справиме со обесхрабрувањето можеме да најдеме и ако се дружиме со оние што му служат на Јехова. Пословици 12:25 вели: „Грижата во срцето го притиска човекот, а добриот збор го весели“. Кога присуствуваме на христијанските состаноци, слушаме ‚добар збор‘ кој е „сладост на душата и лек на коските“ (Пословици 16:24). Зошто не отидеш на некој состанок во Салата на Царството на Јеховините сведоци и самиот не искусиш колку можат да те зајакнат таквите собири?
Исто така, можеш да извлечеш корист и од моќта на молитвата. Ако се чувствуваш совладан од животните грижи, кажи му ги своите најдлабоки чувства на Оној кој ‚ја послушува молитвата‘ (Псалм 65:2). Нашиот Творец, Јехова Бог, нѐ разбира подобро отколку што се разбираме ние самите. Можеме да сметаме на неговата помош. Неговата Реч ни ветува: „Довери му ја на Господа сета своја грижа и Тој ќе те поткрепи: не ќе остави никогаш да се сопне праведникот“ (Псалм 55:22). Да, „на оние кои се надеваат на Господа, силата се обновува“ (Исаија 40:31).
Јехова Бог ни дал делотворни подготовки што можат да ни помогнат успешно да се справиме со обесхрабрувањето. Ќе ги искористиш ли?