Оброците повеќе отколку само време кога се јаде!
СЕКОЈ ужива во убав оброк. Ако покрај оброкот си почестен и со добар муабет и со убаво друштво на луѓе што ги сакаш, тоа станува прекрасен настан што задоволува нешто многу повеќе од нашиот глад. Многу семејства си имаат обичај да се соберат сите заедно барем за еден заеднички оброк во денот. Оброците му даваат на семејството прилика да разговара за настаните од тој ден или за плановите за тој ден. Родителите кои ги слушаат забелешките и изјавите на своите деца добиваат претстава за тоа како размислуваат и што чувствуваат нивните малечки. Со текот на времето, веселото опуштено дружење за време на оброците создава во семејството чувство на сигурност, доверба и љубов што придонесува за стабилноста на семејството.
Денес, бидејќи членовите на многу семејства се зафатени и секогаш се во движење, тешко им е да се соберат за оброк. Во некои делови од светот, локалната култура дури и не одобрува семејството да јаде заедно или да разговара за време на оброкот. Други семејства, пак, имаат навика да го вклучат телевизорот додека јадат, со што си ја ускратуваат приликата за корисен разговор.
Меѓутоа, христијанските родители секогаш бараат прилики да го изградат своето семејство (Пословици 24:27). Многу одамна, на родителите им било кажано дека една од најдобрите прилики да им ја пренесат Божјата реч на своите деца е ‚кога седат дома во својата куќа‘ (Второзаконие 6:7). Тоа што редовно ќе седнат заедно да јадат им дава извонредна прилика на родителите да всадат во своите деца подлабока љубов кон Јехова и кон неговите праведни начела. Со тоа што ќе одржуваш весела и опуштена атмосфера ќе можеш да ги направиш оброците пријатно и изградувачко доживување за твоето семејство. Да, направи оброците да бидат повеќе отколку само време кога се јаде!