Прашања од читателите
Треба ли еден христијанин да му дава пари или подарок на некој државен службеник или, пак, на тоа треба да се гледа како на поткуп?
Каде и да живеат, христијаните се трудат да применат практична мудрост кога се справуваат со разни ситуации, не заборавајќи дека тоа што е прифатливо и законски во една земја може да биде сосема неприфатливо и незаконски во друга (Пословици 2:6–9). Се разбира, христијаните треба секогаш да имаат на ум дека секој којшто сака „да живее во [Јеховиниот] шатор“ мора да избегнува поткуп (Псалм 15:1, 5; Пословици 17:23).
Што е поткуп? Според The World Book Encyclopedia, „поткуп значи да се даде или понуди нешто вредно . . . на некој службеник што е на видна положба кој, пак, за возврат ја прекршува својата должност во корист на дарителот“. Така, без оглед каде некој живее, ако даде пари или подарок на некој судија или полицаец за да се изврти правдата, или на некој инспектор за да замиже пред некоја грешка или прекршок, тоа е поткуп. Исто така, поткуп е ако некој користи подарок за да добие некаква привилегија, како на пример, да го стават понапред на некоја листа за чекање или да се протне преку ред. Со ваквите постапки станува очигледно дека таквиот човек не ги сака доволно другите (Матеј 7:12; 22:39).
Но, дали е поткуп ако некој даде подарок или пари на, да речеме, државен службеник, за да добие услуга што законски му следува или за да избегне неправедно да се постапува со него? На пример, во некои земји, додека не добијат пари службениците не сакаат да ги запишат децата во училиште, да примат некого во болница или да издадат документи за доселеници. Или, можеби го одложуваат разгледувањето на молбите за продолжување на дозволи и одобренија.
Обичајот да се даваат пари и општиот став во врска со тоа се разликува од едно место до друго. Таму каде што ова е вообичаено или се очекува, некои христијани сметаат дека, сѐ додека не го прекршуваат законот, со тоа што му даваат пари на некој службеник да си ја изврши должноста тие не ги прекршуваат библиските начела. Во некои земји на таквото давање пари луѓето гледаат како на подарок со кој ја надополнуваат платата на службеникот, која обично е мала. Задржи на ум дека има разлика меѓу давање подарок за услуга на која според законот имаш право и поткупување за да ти направат некоја незаконска услуга.
Од друга страна, пак, кога имаат некои законски барања, некои Јеховини сведоци одлучиле да не им даваат пари на инспектори, цариници или на други дури и кога таквата постапка е вообичаена. Затоа што Сведоците се познати во својата околина како совесни и чесни, понекогаш со нив се постапува онака како што со другите би се постапувало само кога би дале пари (Пословици 10:9; Матеј 5:16).
Како заклучок, секој слуга на Јехова мора самиот да одлучи дали ќе даде пари за да добие некоја законска услуга или за да не се постапува неправедно со него. Пред сѐ, треба да живее на начин кој ќе му донесе чиста совест, со кој нема да го посрамоти Јеховиното име и нема да ги спрепне другите (Матеј 6:9; 1. Коринќаните 10:31-33; 2. Коринќаните 6:3; 1. Тимотеј 1:5).