На каков темел градиш?
ИЗДРЖЛИВОСТА на една градба во голема мера зависи од цврстината на основата, или на темелот. Библијата понекогаш го користи овој принцип во фигуративна смисла.
На пример, пророкот Исаија зборува за Јехова Бог како за оној што „го положил темелот на земјата“ (Исаија 51:13, NW). Овој темел се непроменливите Божји закони кои го контролираат движењето на Земјата и ја држат на своето место (Псалм 104:5). Божјата реч, Библијата, исто така зборува за „основите“ на кои е поставено човечкото општество. Тоа се правдата, законот и редот. Кога тие ќе се ‚расипат‘ или поткопаат со неправда, корупција и насилство, тогаш се распаѓа општественото уредување (Псалм 11:2-6; Пословици 29:4).
Ова начело може да се примени и лично. На крајот од познатата Проповед на гората, Исус Христос рекол: „Затоа секој кој ги слуша овие мои зборови и ги извршува, ќе се спореди со разборит човек кој ја изградил својата куќа врз камена маса. И истури дожд и дојдоа порои и дувнаа ветрови и нагрвалија на таа куќа, но таа не се сруши, зашто беше втемелена врз камена маса. Освен тоа, секој кој ги слуша овие мои зборови, а не ги извршува, ќе биде спореден со глупав човек, кој ја изградил својата куќа врз песок. И истури дожд и дојдоа порои и дувнаа ветрови и нагрвалија на таа куќа и таа се сруши, и нејзиното паѓање беше големо“ (Матеј 7:24-27).
На каков темел ти го градиш својот живот? Дали на несигурното песочно тло од безбожна човечка филозофија, што ќе придонесе твојата градба лесно да се сруши? Или, пак, градиш на цврста карпа со тоа што си послушен на зборовите на Исус Христос, кои ќе ти помогнат да ги издржиш симболичните бури во животот?