Дали сте знаеле?
Дали апостол Павле зборувал за дословна преграда кога рекол дека Евреите и не-Евреите ги одвојувал преграден ѕид? (Ефешаните 2:11-15).
Кога им пишувал писмо на ефешаните, апостол Павле направил разлика меѓу Израелците и ‚туѓинците‘. Рекол дека има ‚преграден ѕид‘ што ги ‚раздвојува‘ овие две групи (Ефешаните 2:11-15). Павле мислел на „Законот кој се состои од заповеди“ даден преку Мојсеј, но тоа што го употребил зборот ‚преграден ѕид‘ веројатно ги потсетило читателите на една камена преграда што навистина постоела.
Во првиот век од н.е., во Јеховиниот храм во Ерусалим имало неколку дворови во кои смееле да влезат само одредени групи луѓе. Секој можел да влезе во Дворот на не-Евреите, но во храмските дворови смееле да влезат само Евреите и прозелитите (преобратеници во еврејската вера). Местата во кои не смеел да влезе секој и местата во кои можел да отиде кој било, биле одвоени со еден камен ѕид наречен Сорег, висок 1,3 метри. Според еврејскиот историчар Јосиф Флавиј, кој живеел во првиот век, на овој преграден ѕид биле ставени натписи на грчки и на латински јазици, со кои не-Евреите биле опоменати да не преминуваат на другата страна за да не стапнат на свето место.
Пронајден е еден целосен грчки натпис што стоел на оваа преграда. Тој гласи: „Туѓинец да не ја премине оваа преграда ниту оградата околу светилиштето. Кој ќе биде фатен, ќе биде казнет со смрт!“
Изгледа дека Павле го употребил овој Сорег за да го претстави сојузот што бил склучен со Израелците преку Мојсеевиот закон, кој долго време ги одвојувал Евреите од не-Евреите. Жртвената смрт на Исус го укинала тој сојуз на Законот, и така го ‚урнала преградниот ѕид‘.
Зошто обично се спомнуваат 12 племиња на Израел, кога биле 13?
Племињата, или фамилиите на Израел, потекнувале од синовите на Јаков, чие име било променето во Израел. Тој имал 12 синови — Рувим, Симеон, Леви, Јуда, Дан, Нефталим, Гад, Асер, Исахар, Завулон, Јосиф и Венијамин (1. Мојсеева 29:32 — 30:24; 35:16-18). Единаесет племиња ги носеле имињата на единаесет од овие браќа, но ниедно племе не го носело името на Јосиф. Наместо тоа, две племиња го добиле името според неговите синови, Ефрем и Манасија, кои добиле полноправен статус на племенски поглавари. Така, бројот на племињата на Израел се зголемил на 13. Тогаш, зошто во Библијата обично се зборува за 12 племиња?
Од сите Израелци, мажите од племето на Леви биле одвоени за да служат во Јеховиниот свет шатор, а подоцна и во храмот. Затоа, тие биле ослободени од воена служба. Јехова му рекол на Мојсеј: „Само племето на Леви немој да го попишеш и не вбројувај го во синовите на Израел. Постави ги левитите над шаторот на Сведоштвото, над целиот негов прибор и над сѐ што му припаѓа“ (4. Мојсеева 1:49, 50).
Освен тоа, Левитите не добиле територија во Ветената земја. Наместо тоа, им биле дадени 48 градови расеани низ целиот Израел (4. Мојсеева 18:20-24; Исус Навин 21:41).
Од овие две причини, племето Леви главно не се вклучувало кога се правел список на племињата. Затоа, обично се набројувале 12 племиња на Израел (4. Мојсеева 1:1-15).
[Извор на слика на страница 21]
Археолошки музеј во Истанбул