Што е ‚духот што се враќа кај Бог‘ кога ќе умре некој човек?
ИЗВЕШТАЈОТ за создавањето на човекот ни кажува дека Бог го создал човекот од земниот прав и потоа ‚му дувнал [облик на нафач] во носниците здив [облик на нешамах] на животот, и човекот станал жива душа [нефеш]‘ (1. Мојсеева 2:7). Нефеш може да се преведе буквално со зборот „дишач“, или „суштество што дише“, сеедно дали се работи за човек или за животно. Но, од други стихови можеме да видиме дека не станува збор само за вдишување и издишување воздух од белите дробови. Така, во 1. Мојсеева 7:22 (фуснота), каде што се опишува уништувањето на луѓето и животните што не биле во арката за време на Потопот, читаме: „Сето она во чии носници имаше здив [облик на нешамах] на духот на животот [или руах] — сѐ што беше на суво — загина“. Значи, нешамах, или ‚здивот‘, е директно поврзан со руах, со кој овде е опишан духот, или животната сила што дејствува во сите живи суштества — како во луѓето така и во животните.
На пример, од научните истражувања е познато дека животот е присутен во секоја жива клетка на телото, кое се состои од сто билиони клетки, и дека, додека милијарди клетки умираат секоја минута, непрекинато се создаваат нови живи клетки. Животната сила што дејствува во сите живи клетки се поддржува со кислородот што се внесува во телото преку дишењето, а потоа се пренесува до сите клетки преку крвотокот. Без кислород некои клетки почнуваат да умираат по неколку минути, а други подоцна. Иако човек може да остане жив дури и ако не дише неколку минути, без животната сила во клетките тој е мртов и ниеден човек не може да го оживее.
Како што спомнавме, Библијата вели дека руах, или животната сила, ја нема само во луѓето туку и во животните (1. Мојсеева 6:17; 7:15, 22). Според Проповедник 3:18-22, човекот умира исто како што умираат и животните, затоа што „сите имаат ист дух [веруах], така што човекот не е подобар од животното“, односно, и едните и другите ја имаат истата животна сила. Со оглед на ова, јасно е дека зборот „дух“, или животна сила (руах), што е употребен овде не е личност. На пример, животната сила би можела да се спореди со една друга невидлива сила, струјата, која се користи за да функционираат различни апарати — шпоретот за да се создаде топлина, компјутерите за да се решаваат проблеми, телевизорот за да се создаваат слики, гласови и други звуци. Сепак, струјата никогаш не поприма ниедна карактеристика на апаратите што ги напојува.
Затоа, во Псалм 146:3, 4 стои дека, кога човековиот ‚дух [облик на руах] излегува, тој се враќа во својот прав — во тој ден пропаѓаат неговите мисли‘. Тој дух, или животна сила, што дејствувал во клетките на човечкото тело, не задржува ниедна карактеристика на тие клетки, како што се мозочните клетки и нивната улога во процесот на размислување. Во Проповедник 12:7 пишува дека при смртта, телото на човекот се враќа во прав, „а духот се враќа кај вистинскиот Бог, кој го дал“. Тоа лице никогаш не било на небото кај Бог, што значи дека она што „се враќа“ кај Бог е животната сила што го одржувала во живот тој човек.
Со оглед на тоа дека животната сила, или духот во човекот (и во животните), не е личност, јасно е дека она што го рекол Давид во Псалм 31:5, а го повторил и Исус кога умирал, „во твоите раце го доверувам својот дух“, значело дека го молеле Бог да се погрижи за нивната животна сила (Лука 23:46; Дела 7:59). Не мора да значи дека некоја сила буквално преминала од оваа планета на небото за да дојде пред Бог. Исто како што за пријатниот мирис на животинските жртви е речено дека Бог го ‚помирисал‘, иако таквиот мирис без сомнение останувал во атмосферата на Земјата, така Бог можел да го прими како да му е доверен духот или животната сила во симболична смисла, без таа животна сила буквално да ја напушти Земјата (1. Мојсеева 8:20, 21; Јов 34:14; Лука 23:46). Од ова може да заклучиме дека, тоа што едно лице го дава својот дух значи дека остава на Бог во иднина да му ја врати таа животна сила преку воскресение (4. Мојсеева 16:22; 27:16; Јов 12:10; Псалм 104:29, 30).