Воскресението на Исус значи живот!
ВОСКРЕСЕНИЕТО на Исус не е само изолиран, древен настан што нема никакво значење за нас денес. Апостол Павле ја истакнал неговата важност со зборовите: „Христос воскреснал од мртвите, тој е првина од оние што умреле. А поради тоа што смртта дојде преку човек, и воскресението на мртвите доаѓа преку човек. Зашто, како што во Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе оживеат“ (1. Коринќаните 15:20-22).
Исус воскреснал на 16 нисан 33 год. од н.е. Тоа било истиот ден кога, во храмот во Ерусалим, Евреите му ги принесувале на Јехова Бог првините од првата жетва на житото. Со тоа што Павле го нарекол Исус првина, покажал дека ќе бидат вратени во живот и други луѓе.
Од следните зборови на Павле се гледа што било овозможено со Исусовото воскресение. „Поради тоа што смртта дојде преку човек“, рекол тој, „и воскресението на мртвите доаѓа преку човек.“ Бидејќи од Адам сме наследиле грев и несовршенство, сите умираме. Меѓутоа, со тоа што го дал својот совршен човечки живот како откупнина, Исус им овозможил на луѓето да бидат ослободени од прангите на гревот и смртта со тоа што ќе воскреснат. Во врска со ова, Павле дал убав заклучок во Римјаните 6:23, каде што пишува: „Платата за гревот е смрт, а дарот што го дава Бог е вечен живот преку Христос Исус, нашиот Господар“.
Самиот Исус објаснил што значат за нас неговата смрт и неговото воскресение. Тој рекол: „Мора да биде подигнат и Синот човечки, за секој што верува во него да има вечен живот. Зашто, Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:14-16).
Замисли си — вечен живот без болка, страдања и тага! (Откровение 21:3, 4). Колку убава иднина нѐ очекува! Еден изучувач го кажал следново: „Додека гробиштата нѐ потсетуваат дека му дошол крај на животот, воскресението нѐ уверува дека ќе ѝ дојде крај на смртта“. Да, воскресението на Исус значи живот!