Биди сочувствителен кон другите
1. Каква очајна потреба имаат луѓето денес?
1 Никогаш порано во историјата немало толку многу лица на кои очајно им било потребно сочувство и поддршка. Поради сѐ полошите услови во светот, милиони луѓе се несреќни, депресивни и без надеж. Потребна им е помош, а ние како христијани имаме можност да покажеме искрена грижа кон нив (Мат. 22:39; Гал. 6:10). Како можеме да покажеме таква грижа?
2. Кој е најдобриот начин да покажеме сочувство?
2 Нашето дело е одраз на сочувство: Само Бог може да даде вистинска, трајна утеха (2. Кор. 1:3, 4). Јехова нѐ поттикнува да бидеме сочувствителни како него и да ја исполниме задачата што ни ја дал: да им ја пренесуваме на нашите ближни добрата вест за Царството (1. Пет. 3:8). Најдобар начин да ги тешиме „оние што се со скршено срце“ е ревносно да учествуваме во ова дело, бидејќи Божјето Царство е единствената вистинска надеж за човештвото кое страда (Иса. 61:1). Од сочувство кон својот народ, Јехова наскоро ќе ја отстрани злобата и ќе воспостави праведен нов свет (2. Пет. 3:13).
3. Како можеме да се угледаме на Исус?
3 Угледај се на Исус: Дури и кога им проповедал на голем број луѓе, за Исус тие не биле само една група. Тој гледал на нив како на поединци кои имаат духовни потреби. Тие биле како овци кои немаат пастир за да ги води. Исус бил трогнат од тоа што го видел и бил поттикнат стрпливо да ги поучува (Мар. 6:34). Ако и ние гледаме на луѓето како Исус, ќе бидеме поттикнати да покажеме искрено сочувство кон нив како поединци. Ова ќе се забележи по тонот на нашиот глас и по изразот на нашето лице. Проповедањето ќе ни биде на прво место, а нашите зборови ќе ги приспособуваме според потребите на секој човек (1. Кор. 9:19-23).
4. Зошто треба ‚да се облечеме во сомилост‘?
4 Голем број луѓе од сите народи ја прифаќаат пораката за Царството и се охрабрени од грижата што ја покажуваме кон нив. ‚Да се облечеме во сомилост‘, односно да покажуваме сочувство, бидејќи така ќе го фалиме и ќе го радуваме нашиот сочувствителен Бог, Јехова (Кол. 3:12).