Птичја песна — само убава мелодија
ОДДАЛЕЧЕНИОТ рефлектор почнува да ја фрла својата светлина врз членовите на хорот додека тие си ги заземаат местата, уредно облечени за изведбата. Извежбани од детството во семејната традиција, секој срдечно пее колку што го држи грло. Некои меѓу нив дури изгледаат вешти во импровизирањето, зашто спонтано создаваат нови и различни мелодии.
Каде се одржува изведбата? Не е во некоја светски позната концертна сала, туку завесата на ноќната темнина се крева за да открие големо јато мали пердувести суштества. Појни птици од многу видови, на дрвја, огради и телефонски жици, ги спојуваат своите гласови во еден од најпрекрасните хорови на светот. Нивните чурликања, украсни ноти, свирки и тонови слични на флаута радосно го поздравуваат новиот ден.
Но не се тоа само пријатни звуци. Во овие птичји песни не е само она што може да се види на прв поглед. Зошто пеат птиците? Дали имаат значење песните? Како ги учат птиците своите песни? Дали учат некогаш нови песни?
Скриени пораки
Најживо се пее наутро и навечер. Најверојатно ќе чуете најмногу машки гласови во хорот. Нивната порака е двократна. За другите мажјаци, тоа е строго предупредување да не ги преминуваат територијалните граници. За женките, покана од страна на ергените за женење. Појните птици создаваат свои регионални песни, слично на различните акценти на кои се зборува еден јазик. Карактеристичниот дијалект на песната за парење ќе ги привлече женките само од одредената месност на пејачот. Најенергично и најкомплицирано пеење може да се чуе во текот на сезоната за парење — претстава со која се импресионираат дамите.
Со својата мелодија, пејачот на своите пријатели и непријатели им кажува за својата местоположба. Затоа, шарените птици и оние кои повеќе сакаат отворени пространства мудро избегнуваат бучно пеење кое би можело да привлече несакано внимание. Од друга страна, добро камуфлираните птици и оние кои живеат во пределите на длабока шума можат да пеат гласно, колку што им сака срце, со мала опасност дека ќе бидат видени.
Понекогаш, можеби она што го слушате не е вистинска песна на нашите крилести пријатели туку само краток сигнал со кој се воспоставува контакт помеѓу партнерите или го држи јатото во заедница. Тоа би можело да биде аларм што сигнализира претстојна опасност или можеби е повик за собирање за да се нападне некоја мачка или некој друг натрапник. Птиците со својот глас го изразуваат своето расположение — дали се разгневени, исплашени или вознемирени — како и нивната брачна состојба.
Вешти и талентирани музичари
Вокалните способности на појните птици се навистина извонредни. Некои можат да пеат три или четири ноти одеднаш. Другите можат да создадат до 80 ноти во секунда. За човечкото уво, тие звучат како една непрекината нота, но птиците можат да ги разликуваат поради нивното извонредно сетило за слух.
Истражувачите се прашувале дали птиците имаат слух за музика. Дали птиците можат да ја видат разликата помеѓу една композиција за оргули на Бах и „Посветување на пролетта“ од Стравински? Истражувачите дресирале четири гулаби да клукаат на еден од два клавиша за да ги идентификуваат овие двајца композитори и потоа добивале награда во вид на храна. За кратко време гулабите можеле да препознаат било кој дел од 20-минутната композиција од Бах и да го одберат точниот клавиш. Со мали исклучоци, можеле точно да изберат дури и кога била свирена музика во сличен стил од други композитори.
Извесни тропски птици можат да компонираат и да пеат во дует. Се чини дека една спарена двојка одржува проби и експериментира сѐ додека не создаде оригинална композиција на фрази што ја пее наизменично, односно со прашање и одговор. Пеат со таква прецизност што за едно неизвежбано уво, тоа звучи како една непрекината песна испеана од една птица. Ако го нема партнерот, и двете птици можат да го испеат соло секој дел или целата песна. Оваа единствена способност очигледно им помага на птиците во густите дождливи шуми да ги пронајдат и препознаат своите партнери.
Композитори и имитатори
Како точно птиците ги учат и измислуваат своите песни е тема која сѐ уште се испитува, но едно е сигурно: Нивните методи на учење се многубројни и разновидни. Еве еден пример за разновидноста која се наоѓа во птичјиот свет.
Машката зеба својата песна ја има барем делумно програмирано во мозокот во времето на нејзиното испилување. Дури и да порасне потполно изолиран од други птици, неговата песна, иако необична, сѐ уште ќе го има истиот број на ноти и ќе ја има приближно истата должина како нормалната песна на зебите. Меѓутоа, за да може да го развие исправниот образец, мора да ја слушне песната на други машки зеби пред да биде доволно стар да пее и повторно во следната пролет. Потоа, исто како човечки професионален пејач, овој пердувест виртуоз мора својата песна да ја усовршува со вежбање, вежбање, вежбање — обидувајќи се одново и одново да го усклади својот младешки глас со мелодијата која му е во главата.
Орегонската зеба си измислува сопствени песни ако не ја слушне родната песна. Но кога еднаш ќе ја чуе јасната и едноставна песна на зебата, престанува да измислува и пее исто како и сите други. Од друга страна, креативноста на аризонската зеба ќе биде стимулирана кога ќе ја слушне возрасната зеба. Нема да го копира она што ќе го чуе туку ќе биде поттикната да компонира сопствена песна.
Најдобриот доказ дека некои песни се генетски претпрограмирани го даваат „паразитите во туѓи гнезда“. На пример, кукавицата ги несе своите јајца во гнездата на други видови птици кои играат улога на очуви и маќеи. Како ќе знае бебото-кукавица, кога ќе се испили, дека не е исто како очувот и дека не треба да пее како него? Песната на кукавицата мора да е цврсто програмирана во мозокот до периодот на испилувањето.
Така, во многу случаи, очигледно генетиката е вклучена во птичјата песна. Дури и птицата никогаш да не ја научи својата родна песна, не ја копира и присвојува песната од некој друг вид. Некои истражувачи претпоставуваат дека во мозокот е присутен нејасен образец на родната песна и птицата може да препознае што слуша и да го копира звукот кој најмногу личи на образецот.
И какви само мозоци имаат птиците! Научникот Фернандо Нотебом направил зачудувачко откритие дека мозоците на појните птици се латерализирани, односно поделени на лева и десна страна, секоја со своја посебна функција. Тој утврдил дека еден посебен предел во птичјиот мозок е одговорен за учење на песни. Кај машкиот канаринец кој е во развој, овој дел расте и се смалува во зависност од тоа дали треба да учи нови мелодии за претстојната сезона на парење или не. Канаринците се обидуваат рано во животот да пеат, но дури и овие мајстори на песната не достигнуваат професионален статус до осмиот или деветиот месец.
Други појни птици се специјализираат во правење варијации на некоја тема, позајмуваат некоја постоечка песна и се усовршуваат на неа или го менуваат редоследот на нотите или стапките. Таквите птици-имитатори долго го пленеле нашето внимание, особено оние птици кои своите способности ги користат за да „зборуваат“, т.е. да имитираат човечки гласови. Во имитаторите кои копираат од птичјиот свет спаѓаат лирашката од Австралија, мочуришната појна птица и сколовранецот од Европа и жолтоградата појна птица и американскиот дрозд од Северна Америка. Последнава можеби има десетици песни на својот репертоар; таа имитира дури и жаба или штурец. Навистина е фасцинантно да се слуша веселата мешавина на американскиот дрозд во која се содржани извадоци од добро познати „класици“ од птичјето царство.
Кога овие крилести суштества ги пеат своите убави мелодии, не само што можете да ги чуете, туку со ценење можете и да слушате. Утрешната изведба ќе почне многу рано. Ќе уживате ли во неа?
[Рамка на страница 19]
Познато ѕвонење
Еден научник во Британија забележал познато ѕвонење во една од песните на повеќе појни дроздови. Тој ја снимил песната и електронски ја анализирал. На негово изненадување, тоновите биле многу слични на електронското ѕвонење на телефонот на Telecom, британска телефонска компанија. Очигледно, птиците ја чуле мелодијата, ја научиле и ја додале на својот репертоар. Распеаните дроздови веројатно предизвикале некои наивни Британци да потрчаат кон својот телефон.
[Извори на слики на страница 18]
Camerique/Х. Армстронг Робертс
Т. Улрих/Х. Армстронг Робертс