Младите прашуваат . . .
Дали е лошо да се мечтае?
Последното нешто на кое се сеќаваш беше гласот на твојот учител кој монотоно зборуваше за алгебарски равенки, но ти не си повеќе во училницата; твоите мисли заскитале на плажата на која минатата година било твоето семејство. Можеш да го почувствуваш жешкиот песок и топлото сонце. Можеш да го слушнеш звукот на брановите кои удираат од брегот, звукот на детската игра, звукот . . . на сокласниците кои се кикотат? Да, твоето угодно мечтаење исчезнува и на негово место стои еден налутен учител, со раката на колкот, кој бара да му одговориш на некое прашање кое ти не си го слушнал.
МЕЧТАЕЊЕ — тоа е толку вообичаено кај сите видови луѓе што еден истакнат истражувач го нарекол „една од главните карактеристики на човечкиот живот“. Некои веруваат дека до една третина од нашите часови на будност отпаѓаат на мечтаење од еден или друг вид. Научниците не се во потполност сигурни како и зошто настануваат овие непостојани мисли, ниту пак општо се согласни околу тоа што претставува мечтаењето. Еден речник го дефинира мечтаењето како „угодно, вообразено . . . дело на фантазијата“. Сепак, многу истражувачи пошироко го дефинираат како, практично секаков вид будна фантазија или ненамерна мисла — било да е угодна или неугодна. Во оваа статија ќе го користиме терминот во неговата најширока смисла, вклучувајќи ги не само ненамерните налети на фантазијата туку и оние свесните.
Значи, не се сите мечтаења необични, чудесни летови во светот на фантазијата. Многу од нив едноставно се угодни излети во своето минато. Во една статија во списанието Parents [Родители], д-р Џејмс Комер го наведува своето лично искуство со мечтаењата — како на пример кога после еден напорен ден во канцеларијата, возејќи се дома, неговите мисли се вратиле на спомените од неговиот победоносен погодок како тинејџер на училишното кошаркашко игралиште. „Можеби неважно нешто, но тоа сепак ми помага да се чувствувам добро“, забележува тој. Други пак ги користат мечтаењата како помош за планирање на нивната иднина. „Многу мечтаев да станам еден меѓународно признат музичар“, се сеќава еден човек кој навистина станал популарен џез-музичар и композитор.
Повеќето мечтаења, сепак, изгледа се сосредочуваат на обичните секојдневни настани — училиште, друштвени собири, домашни задачи. Повремено луѓето можеби намерно се оддаваат на такви мисли за да побегнат од едноличноста на досадниот час во училишта или монотонијата на секојдневните куќни работи. Другите мечтаења доаѓаат спонтано. Еден збор, звук, или една визуелна слика ненадејно ги потсетуваат на некоја моментална работа, некој радосен настан или некој иден подвиг, и нивните мисли почнуваат да талкаат. Библијата вели: „Зашто, . . . соништата доаѓаат од многу грижи [преокупираност, НС]“ (Проповедник 5:2). Навистина, некој кој е преокупиран со личните интереси и амбиции може практично да биде разорен од материјалистички мечтаења.
Сепак, колку и да се угодни мечтаењата среде бел ден, тие можат да ѝ пречат на твојата концентрација за време на христијанските состаноци, во училиштето или на работа. Некои фантазии можат да бидат дури неумесни — или штетни. Дали тогаш мечтаењето е навика која би требало да ја прекинеш?
Опасно за твоето душевно здравје?
Порано, психолозите, лекарите и воспитувачите гледале со презир на мечтаењето. На еден млад човек некој психотерапевт му рекол: „Мораме да ви помогнеме да престанете да мечтаете“. Според научниот истражувач д-р Ерик Клингер, ваквиот совет воглавно се темелел на теоријата на таканаречениот татко на психоанализата, Сигмунд Фројд, кој мечтаењето го сметал за детинско и невралгично. Во еден учебник по психологија се тврдело: „Мечтаењето често е резултат на неупех или недостиг на интерес за моменталната средина и секако претставува бегање од реалноста“. Генерација на воспитувачи и психолози биле поучувани дека сите мечтаења треба да бидат ограничени. Се тврдело дека прекумерно мечтаење може дури да предизвика шизофренија.
Но сепак, Фројдовите теории отстапиле пред фактите кои произлегле од сеопфатните истражувања. Во својата книга Daydreaming (Мечтаења), д-р Ерик Клингер забележува дека помеѓу другите работи испитувачите тврдат дека:
Мечтаењето е нешто секојдневно и нормално
Во просек, луѓето кои често мечтаат се подеднакво ментално прилагодени како и оние кои не мечтаат
Мечтаењето не доведува до халуцинации
Мечтаењето не предизвикува шизофренија. Шизофреничарите не се посклони кон мечтаења отколку другите
Користи ја твојата фантазија продуктивно
Затоа, не изненадува што Библијата никаде не ја осудува здравата употреба на фантазијата. Навистина, способноста на нашите мисли да предочуваат и фантазираат е доказ дека ние, според зборовите на псалмистот, сме „чудесно создадени“ (Псалм 138:14). Продуктивното користење на оваа способност може да биде вредна помош. На христијаните им било речено ‚да го имаат предвид не видливото, туку невидливото‘ (2. Коринтјаните 4:18). Ова може да вклучува да се обидуваме да си го претставиме Божјиот праведен нов свет. Библискиот опис на овој иден општ рај ја побудува нашата фантазија во овој поглед! (Исаија 35:5-7; 65:21-25; Откровение 21:3, 4).
Твојата фантазија може исто да се покаже како корисна ако треба да извршиш некоја тешка задача. На пример, на младите помеѓу Јеховините сведоци често им се доделува да одржат говор во Теократската школа на проповедање. Освен што ќе вежбаш на глас, обиди се да одржуваш проби на твојот говор во мислите. Замисли ја реакцијата на слушателите на твоите информации и начин на изнесување. Ова ќе ти помогне да ги направиш потребните прилагодувања во твоето излагање и ќе ти влее повеќе доверба.
Исто така можеш во мислите да вежбаш како би постапувал во тешки ситуации. Можеби си забележал дека некој сохристијанин има нешто против тебе и ти би сакал да разговараш за проблемот (Матеј 5:23, 24). Наместо да му пристапиш без подготовка, ти можеш да си го замислиш разговорот, испробувајќи различни приоди кон проблемот. Ова е во согласност со библиското начело: „Срцето на праведниот размислува за да одговори“ (Изреките 15:28, НС).
Дали некој те навредил или те налутил? Забележи го советот во Псалм 4:4: „Возбудувајте се, но не грешете, искажете се во срцата свои на постелата своја и молчете“ (НС). Ова не значи постојано да си ги повторуваш болните навреди во мислите, ниту пак значи да се размислува како да се победи некого вербално, враќајќи му мило за драго. Впрочем, Исус предупредил дека „секој кој продолжува да се гневи на својот брат, ќе биде одговорен“, како и „секој кој му се обраќа на својот брат со неискажлив збор на презир“ (Матеј 5:22, НС). Но, ако вежбаш различни можности во мислите — кои можат да вклучат едноставно да му простиш на виновникот — може да ти помогнат да ги решиш меѓусебните несогласија на еден мирен, пристоен начин.
Мечтаењето може исто така да игра важна улога во решавањето на проблемите. Д-р Клингер вели: „Мечтаењата сами по себе претставуваат еден начин за откривање на креативни решенија за проблемите. Луѓето кои мечтаат фантазирајќи можат понекогаш да дојдат до решенија кои поинаку не би им паднале на ум ако свесно размислувале за проблемите“.
Постои дури и доказ дека мечтаењето може да ти помогне да го подобриш начинот на кој ги извршуваш телесните задачи. Еден инструктор по скијање, на пример, им вели на учениците да си создадат умствена слика на претстоен слалом и да се замислат себеси како управуваат во секоја кривина и вдлабнатина од патеката. Научниците веруваат дека ако се постапува на овој начин се активира делот од мозокот кој ги контролира мускулите, подготвувајќи ги за акција. Секако, не постои замена за вистинското вежбање, но умствената вежба може да ти помогне да напредуваш во твојата способност да свириш некој музички инструмент или да пишуваш на машина. „Накусо речено“, вели д-р Џејмс Комер, „мечтаењето не е губење време туку е попрво едно потребно опуштање кое ни помага подобро да ги извршуваме нашите должности“.
Опасностите
Сепак, „сѐ има свое време и секоја работа под небото има свое време“ (Проповедник 3:1). Иако мечтаењето може да биде пријатно кога се одмораш во својата соба, постојат околности во кои тоа би било неумесно, па дури и опасно. Дали возиш автомобил? Тогаш треба да бидеш посебно буден и претпазлив со оглед на опасностите. Што ако полагаш испит или слушаш некое библиско предавање? Тогаш треба да имаш „чист разум“ (2. Петрово 3:1).
Библијата исто така нѐ предупредува на непотребните негативни мисли. Природно е да се биде малку неспокоен кога се соочуваме со некој важен испит или интервју за работа, но малку ќе ти користи ако си создаваш застрашувачки умствени фантазии дека не си успеал или те одбиле. (Спореди Проповедник 11:4.) „Тагата [страшливата загриженост, НС] во срцето го притиска човекот“, предупредуваат Соломонови изреки 12:25. Исус Христос ги советувал своите слушатели: „Немојте да се грижите за утре, зашто утрешниот ден ќе се грижи за своето; на секој ден доста му е неговото зло“ (Матеј 6:34).
[Слики на страница 26]
Умствените вежби можат да ја подобрат твојата стварна изведба