Што вели Библијата
Ќе ѝ дозволиш ли на совеста да биде твој водич?
ДОДЕКА одиш по една прометна улица, се разминуваш со една елегантно облечена жена на која незнаејќи и паѓа едно снопче банкноти. Додека застануваш да ги подигнеш, гледаш како таа набрзина влегува во еден автомобил. Што ќе сториш? Ќе викнеш по неа или брзо ќе ги тутнеш банкнотите во својот џеб?
Одговорот зависи од твојата совест. Што ќе ти каже таа да направиш? Уште поважно, можеш ли да веруваш во она што таа ќе ти го каже? Дали можеш со сигурност да ѝ дозволиш на твојата совест да те води?
Што е таа
Совеста се опишува како природно чувство за она што е добро и лошо, праведно и неправедно, морално и неморално. Библијата го објаснува делувањето на совеста во Римјаните 2:14, 15: „Зашто незнабошците, немајќи Закон, сами од себе вршат сѐ по законот; тогаш тие, иако немаат Закон, самите во себеси се закон; поради тоа што делото на Законот е напишано во нивните срца, та затоа се управуваат според Законот, бидејќи нивната совест им сведочи за тоа, и нивните мисли помеѓу себе се обвинуваат или оправдуваат“. Според тоа, твојата совест е наменета да ти овозможи да ги оцениш ситуациите, исправно да избираш и да се пресудиш самиот себе врз основа на она што си го избрал. Но дали можеш да имаш доверба во неа?
Зависи. На крајот на краиштата, постојат обилни докази кои потврдуваат дека една искривена совест може да доведе до лошо однесување. Фактот дека нечија совест дозволува одредено однесување не е гаранција дека Бог тоа го простува. На пример, пред да стане христијанин, Савле од Тарс предводел во прогонувањето на христијаните. Тој дури го одобрил и зел учество во убиството на христијанскиот маченик Стефан. За сето ова, неговата совест не го осудила (Дела на св. апостоли 7:58, 59; Галатјаните 1:13, 14; 1. Тимотеј 1:12-16).
Во нацистичка Германија, во текот на II Светска војна, многу есес-трупи рекле дека тие само ги следеле наредбите кога мачеле и убивале милиони луѓе во Хитлеровите концентрациони логори. Нивната совест им дозволила да го сторат тоа. Но светскиот суд — а уште поважно Божјиот суд — не ги простил нивните дела. Поточно, тие биле осудени.
Зошто не функционира исправно?
Зошто нешто што е создадено од Бог не би функционирало исправно? Библијата објаснува. Поради падот на човештвото во грев преку непослушноста на Адам, гревот започнал да „владее како цар“, присилувајќи ги луѓето да се покоруваат на неговите желби (Римјаните 5:12; 6:12, НС). Човечката совест, која првобитно била совршена, станала изопачена; движечката сила на гревот сега се натпреварува со неа (Римјаните 7:18-20). Ова го наметнува судирот којшто нам толку добро ни е познат: „И така, во себеси наоѓам таков закон дека, кога сакам да го правам доброто, злото ми се наметнува. . . . Во органите свои гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме прави заробеник на гревовниот закон, кој е во моите органи“ (Римјаните 7:21-23).
Покрај оваа наследена слабост, нашата совест е исто така изложена на надворешни влијанија. На пример, постојаниот притисок очевидно ја расипал или задушил совеста на нацистичките есес-трупи кои порано ги спомнавме. (Спореди Соломонови изреки 29:25.) Освен тоа, хранењето на мислите со нездрави работи, како што се неморал и насилство на ТВ и во филмовите и книгите, исто така има последици. Ако сме редовно изложени на такви работи, тие најпосле нема да изгледаат толку лоши и нашата совест ќе биде ослабена. Со други зборови, „лоши друштва ги расипуваат корисните навики“ (1. Коринтјаните 15:33, НС).
Ако едно лице е воспитувано да ги познава и почитува Божјите закони, неговата совест очевидно ќе го води посигурно отколку кога тој не би бил на тој начин воспитуван. Сепак, дури лице кое има разбирање и длабоко ценење за Божјите патишта може сѐ уште во некој случај да открие дека поради наследениот грев и несовршеноста и можеби надворешните влијанија, совеста не му е сигурен водич.
Што можеме да сториме?
Дали може совеста да се измени, да стане поосетлива за правите начела? Да. Павле им предлагал на христијаните ‚преку употреба да ја извежбаат својата моќ на забележување за да го разликуваат исправното од погрешното‘ (Евреите 5:11-14, НС). Ваквата употреба и вежбање вклучува проучување на Библијата, посветување посебно внимание на совршениот пример кој нам ни е оставен преку Исус Христос (1. Петрово 2:21, 22). Потоа, додека ја користиме нашата моќ на забележување во донесувањето на одлуки, нашата совест ќе нѐ насочува подалеку од лошите мисли и постапки сѐ повеќе и повеќе и ќе нѐ поттикнува да го правиме она што е чесно и исправно.
Исто така, никогаш не смееме да станеме самоправедни или да велиме дека ако нешто „не ја вознемирува мојата совест“, тогаш е во ред. Исправната и сигурна употреба на совеста кај несовршените луѓе може да се прикаже со добрите навики на еден сигурен возач. Кога еден возач сака да се престрои на друга сообраќајна лента, тој инстинктивно фрла брз поглед на ретровизорот. Ако види автомобил, знае дека не е безбедно да прејде на другата лента. Но сепак, дури и ако не види ништо претпазливиот возач знае дека постојат одредени мртви агли — кога не може секогаш да се има прегледност ако се гледа само во ретровизорот. Затоа, тој не гледа едноставно само во огледалото. Ја свртува главата да види, уверувајќи се дека лентата е слободна пред да го направи движењето. Истото важи и за совеста. Ако таа те предупредува, послушај ја! Но дури и ако на прв поглед не изгледа алармантно, биди како мудриот автомобилист — и покрај тоа провери за да бидеш сигурен дека не постои никаква опасност.
Испитувај го своето размислување да видиш дали е во согласност со Божјето размислување. Употреби ја неговата Реч како резонатор за да ја оцениш твојата совест. Изреките 3:5, 6 мудро велат: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце, и не потпирај се на својот сопствен разум. На сите свои патишта имај го на ум и тој самиот ќе ги исправи твоите патеки“.
Да, мудро е да ја слушаш својата совест. Но сепак, уште помудро е да го споредиме сето она што го правиме со Божјата волја која е откриена во неговата Реч. Само тогаш ќе можеме со сигурност да кажеме: „Уверени сме дека имаме добра совест“ (Евреите 13:18; 2. Коринтјаните 1:12).
[Слика на страница 28]
„Преобраќање на Св. Павле“
[Извор на слика]
Слика од Караваџо: Scala/Art Resource, N.Y.