Заштита од сексуална злоупотреба во домот
Моник имала девет години кога тој почнал сексуално да ја злоупотребува. Прво почнал така што потајно ја гледал додека се соблекувала; потоа почнал да ја посетува нејзината соба навечер и да ѝ ги допира интимните делови. Кога му се спротивставувала, тој бил бесен. Еднаш дури ја нападнал со чекан и ја турнал долу низ скалите. „Никој не би ми верувал“, се присеќава Моник — па дури ни мајка ѝ. Силеџијата бил нејзиниот очув.
ТОА не е некој странец во мантил, осаменик кој се притајува во грмушките и кој претставува најголема закана за децата. Тоа е некој член на семејството. Поголемиот број сексуални злоупотреби се случуваат во домот. Затоа, како може домот да биде поотпорен на сексуална злоупотреба?
Во својата книга Slaughter of the Innocents, историчарот д-р Сандер Џ. Брајнер ги испитува доказите на злоупотреба на деца во пет древни општества — Египет, Кина, Грција, Рим и Израел. Тој заклучува дека иако во Израел постоела злоупотреба, таа била релативно ретка во споредба со другите четири цивилизации. Зошто? За разлика од нивните соседи, луѓето во Израел се поучувале да имаат почитување спрема жените и децата — едно просветено гледиште кое се должело на Светото Писмо. Кога Израелците го применувале божествениот закон на семејниот живот, тие ја спречувале злоупотребата на деца. На семејствата денес им се потребни овие чисти и практични начела повеќе од кога и да било порано.
Морални закони
Дали библискиот закон влијае на вашето семејство? На пример, во 3. Мојсеева 18:6 читаме: „Никој не смее да се доближува до сродниците по тело, за да ја открие голотијата нивна. Јас сум Господ“. На сличен начин, христијанското собрание денес спроведува стриктни закони против сите облици на сексуална злоупотреба. Секој кој сексуално злоупотребува дете рискира да биде исклучен, истеран од собраниетоa (1. Коринтјаните 6:9, 10).
Сите семејства треба да ги знаат ваквите закони и заедно да ги разгледуваат. Петта Мојсеева 6:6, 7 поттикнува: „Овие зборови, што ти ги заповедам денес, да бидат во срцето твое и во душата твоја; и пренесувај им ги на децата свои и говори за нив, кога седиш дома и кога си на пат, кога си легнуваш и кога стануваш“. Да се всадат тие закони значи повеќе отколку само повремено да им одржувате лекции на вашите деца. Тоа вклучува редовно разговарање со меѓусебна размена на мисли. Одвреме навреме, и мајката и таткото треба да потврдат дека ги поддржуваат Божјите закони во врска со инцестот и причините за тие закони кои се темелат на љубов.
Би можеле да користите и приказни како што е онаа за Тамар и Амнон, Давидовите деца, за да им покажете на децата дека во сексуалните работи постојат граници кои никој — па ни блиските роднини — не би требало никогаш да ги преминат (1. Мојсеева 9:20-29; 2. Царства 13:10-16).
Почитување спрема овие начела може да се покаже дури и во практичниот распоред на просторот за живеење. Истражувањата покажале дека во една ориентална земја често се случува инцест во семејства каде што децата спијат со родителите, па дури и кога не постои економска потреба за тоа. Слично на тоа, обично е немудро деца од спротивен пол да спијат во ист кревет или соба кога ќе пораснат, ако тоа некако може да се избегне. Дури и кога тесните услови за живот се неизбежни, родителите треба да покажат добро просудување кога одлучуваат каде секој член од семејството треба да спие.
Библискиот закон забранува прекумерно пиење и наведува дека тоа може да доведе до перверзија (Изреки 23:29-33). Според едно проучување, околу 60 до 70 отсто од жртвите на инцест известиле дека нивните родители кои ги злоупотребиле биле пијани кога започнало малтретирањето.
Љубезен семеен поглавар
Истражувачите откриле дека малтретирањето е повообичаено кај семејствата кои имаат доминантен сопруг. Нашироко прифатеното гледиште дека жените постојат само за да ги задоволат машките потреби, според Библијата е погрешно. Некои мажи го користат тоа нехристијанско мислење за да се оправдаат зошто се обраќале кај ќерките за да добијат нешто што не можеле да го добијат од сопругата. Ваквиот вид угнетување може да предизвика жените во ваквите околности да ја изгубат својата емоционална рамнотежа. Многу жени го губат дури и природниот нагон да ги заштитат сопствените деца. (Спореди Проповедник 7:7, НС.) Од друга страна, едно истражување открило дека кога татковците, кои се фанатици во работата, се ретко во домашниот круг, понекогаш се развила сексуална злоупотреба помеѓу мајка и син.
Како е со вашето семејство? Дали вие како сопруг сериозно ја сфаќате улогата на поглавар или ѝ ја препуштате на вашата сопруга? (1. Коринтјаните 11:3). Дали се однесувате спрема сопругата со љубов, чест и почитување? (Ефесјаните 5:25; 1. Петрово 3:7). Дали ги земате предвид нејзините гледишта? (1. Мојсеева 21:12; Изреки 31:26, 28). А како е со вашите деца? Дали се скапоцени тие за вас? (Псалм 126:3). Или гледате на нив само како на товар кој може лесно да се искористи? (Спореди 2. Коринтјаните 12:14.) Отстранете изопачени, небиблиски гледишта за семејните улоги во вашето домаќинство и тоа ќе биде подобро заштитено од сексуална злоупотреба.
Емоционално сигурно место
Една млада жена, која ќе ја наречеме Сенди, вели: „Моето семејство беше идеално за малтретирање. Тоа беше изолирано од околината, а секој член изолиран еден од друг“. Изолација, вкочанетост и таинственост — тие нездрави, небиблиски ставови се ознака на инцестно семејство. (Спореди 2. Царства 12:12; Изреки 18:1, НС; Филипјаните 4:5.) Создадете домашна атмосфера во која децата се чувствуваат емоционално сигурни. Домот треба да биде место каде што тие чувствуваат изграденост, слободни се да го отворат срцето и отворено да зборуваат.
Децата имаат и голема потреба од телесни изрази на љубов — гушкање, милување, држење за раце и трчање наоколу. Затоа, немојте претерано да реагирате на опасностите од сексуално малтретирање така што ќе се воздржувате од такви изрази на љубов. Преку отворена и срдечна наклоност и пофалба, дајте им до знаење на децата дека ги цените. Сенди се присеќава: „Гледиштето на мајка ми беше дека е погрешно да му се даваат било какви пофалби на некого. Тоа ќе те вообразело“. Сенди молчешкум трпела сексуално малтретирање најмалку десет години. Децата кои не се сигурни во спознанието дека се сакани и ценети би можеле да бидат поподложни на фалбите на силеџијата, на неговата „наклоност“ или на неговите заканувања дека ќе им ја одземат љубовта.
Еден педофиличар кој во 40-годишен период сексуално злоупотребил стотици момчиња, признал дека „најдобрите“ жртви биле оние момчиња кои имале емоционална потреба од пријател како него. Немојте да дозволите кај вашето дете да се развие таква потреба.
Прекинете го кругот на злоупотреба
Под тешко искушение Јов рекол: „Ѝ дотегна на душата моја мојот живот; ќе се предадам на тагата своја; ќе говорам со горчината на душата своја“ (Јов 10:1). На сличен начин, многу родители откриле дека можат на нивните деца да им помогнат ако самите себеси си помогнат. Во билтенот The Harvard Mental Health Letter неодамна било наведено: „Се чини дека кругот на злоупотреба трае затоа што општеството никако не одобрува кога мажите изразуваат болка“. Изгледа дека мажите кои никогаш немале прилика да ја изразат својата болка поради тоа што биле сексуално малтретирани, се посклони и самите да станат силеџии. Книгата The Safe Child Book известува дека повеќето силувачи на деца и самите биле сексуално малтретирани како деца, но никогаш не добиле помош за да оздрават. Својата болка и гнев ги изразуваат така што малтретираат други деца.b (Види и Јов 7:11; 32:20.)
Ризикот за децата може исто така да биде поголем ако мајките порано биле злоупотребени и не можат да го совладаат тоа. На пример, истражувачите известуваат дека жените кои биле сексуално злоупотребени како девојки, често се мажеле за силеџии на деца. Освен тоа, ако жената не може да ја заборави злоупотребата во минатото, разбирливо ќе ѝ биде тешко да разговара со своите деца за злоупотребата. Ако се случи злоупотреба, веројатно ќе биде помалку способна да ја препознае и да преземе позитивни чекори. Тогаш децата плаќаат ужасна цена за пасивноста на мајката.
На тој начин, злоупотребата може да премине од една генерација на друга. Се разбира, многу поединци кои одлучуваат да не разговараат за нивното болно минато се чини дека доста добро успеваат во животот, и тоа е пофално. Но кај многумина болката е подлабока, и потребно им е да вложат заеднички труд — ако е потребно и да побараат компетентна стручна помош — за да ги лечат таквите тешки рани од детството. Нивната цел не е да се оддадат на самосожалување. Тие сакаат да го прекинат тој болен, штетен круг на злоупотреба на деца од која страда нивното семејство. (Види Разбудете се! од 8. јануари 1991, страници 3 до 11.)
Крај на злоупотребата
Ако исправно се применат, горенаведените информации можат многу да придонесат за да се намали веројатноста од злоупотреба на деца во вашиот дом. Но, запомнете дека силеџиите дејствуваат во тајност, ја искористуваат довербата и користат тактики на возрасните врз невини деца. Затоа некои неизбежно поминуваат неказнето со нивните одвратни злосторства.
Меѓутоа, бидете сигурни дека Бог го гледа она што тие го прават (Јов 34:22). Ако не се покајат и не се променат, нема да заборави на нивните подли постапки. Тој ќе ги открие во свое време. (Спореди Матеј 10:26.) И ќе бара правда. Јехова Бог ветува време кога сите такви подмолни луѓе ќе бидат ‚искоренети од земјата‘, и само на кротките и мирните кои го љубат Бог и ближниот ќе им биде дозволено да останат (Изреки 2:22; Псалм 36:10, 11, 29; 2. Петрово 2:9-12). Благодарение на откупната жртва на Исус Христос ја имаме прекрасната надеж за еден нов свет (1. Тимотеј 2:6). Тогаш, и само тогаш, злоупотребата ќе престане засекогаш.
Во меѓувреме, мораме да сториме сѐ за да ги заштитиме нашите деца. Тие се многу скапоцени! Повеќето родители спремно ја рискираат својата лична сигурност за да ги заштитат своите мали деца. (Спореди Јован 15:13.) Ако не ги заштитиме нашите деца, последиците можат да бидат ужасни. Ако ги штитиме, им даваме еден прекрасен подарок — невино детство кое е ослободено од несреќа. Тие можат да се чувствуваат исто како и псалмистот кој напишал: „И ќе Му рече [речам, НС] на Господа: Ти си мој застапник, Ти си мое пребивалиште, Бог мој, и на Тебе ќе се надевам!“ (Псалм 90:2).
[Фусноти]
a Сексуално злоупотребување на дете се случува кога некој користи дете за да задоволи свои сексуални желби. Честопати се работи за она кое Библијата го нарекува блудство, или порнеи́а, која би можела да вклучува галење на половите органи, полови односи и орални или анални сексуални односи. Некои постапки на малтретирање, како што се галење на градите, конкретни неморални предлози, покажување порнографија на дете, воајерство и непристојно разголување може да се сведе на она што Библијата го осудува како „распуштено однесување“ (Галатјаните 5:19-21, НС; Види Стражарска кула од 1. јули 1983, фуснота на страница 17).
b Иако повеќето силувачи на деца биле малтретирани како деца, тоа не значи дека злоупотребата ги претвора децата во силувачи. Помалку од една третина злоупотребени деца стануваат силувачи на деца.
[Рамка на страница 11]
Една жртва која пред многу години доживеала инцест, рекла: „Злоупотребата ги убива децата, ја убива нивната доверба, нивното право да се чувствуваат невини. Затоа децата мора да бидат заштитени. Зашто, јас сега морам одново да го градам целиот свој живот. Зошто треба уште толку многу деца да го прават истото?“
Навистина, зошто?
[Рамка на страница 11]
Слушајте ги децата!
ВО БРИТАНСКА КОЛУМБИЈА (Канада), неодамна биле проучувани кариерите на 30 силувачи на деца. Резултатите биле застрашувачки. Овие 30 поединци злоупотребиле вкупно 2.099 деца. Половината од нив биле на доверливи положби — учители, свештеници, управници и воспитувачи на деца. Еден од силувачите, 50-годишен заболекар, за 26 години злоупотребил околу 500 деца.
Меѓутоа, весникот The Globe and Mail од Торонто, забележува: „Во 80 отсто случаи, една или повеќе општествени групи, вклучувајќи пријатели или колеги на престапникот, семејствата на жртвите, други деца и некои жртви, го негирале или го потценувале малтретирањето“. Не е чудно што „извештајот наведува дека негирањето и неверувањето овозможуваат злоупотребата да продолжи“.
Некои жртви ги разоткриле силувачите. Меѓутоа, „родителите на младите жртви не биле спремни да поверуваат во она што нивните деца им го кажувале“, стои во еден извештај во The Globe and Mail. Слично на тоа, една владина службеничка во Германија неодамна цитирала еден извештај дека децата што се жртви на сексуалната злоупотреба мораат до седум пати да им се обратат на возрасните пред тие да им поверуваат.
[Рамка на страница 12]
„Побарајте помош веднаш“
„АКО СТЕ маж и ако имате сексуални врски со деца, можеби си мислите: ‚Нејзе ѝ се допаѓа тоа‘ или ‚Сам си го бараше‘, или ‚Ја поучувам за сексуалните односи‘. Се лажете самите. Вистинските мажи немаат сексуални контакти со деца. Ако имате барем малку чувство на грижа за тоа дете, престанете со тоа. Побарајте помош веднаш“. (Предложена јавна изјава на државни институции, цитирана во книгата By Silence Betrayed).
[Слика на страница 13]
На децата им е потребно многу срдечно и љубезно внимание