Како клукајдрвците не си го кршат вратот?
ДАЛИ некогаш сте чуле како клукајдрвец дупчи во дрво? Бидејќи постојат околу 200 видови клукајдрвци ширум светот, можеби сте го забележале нивното упорно клукање кое звучи како митралез. Кога видов еден како со клунот клука во стеблото на едно дрво, тоа ме натера да се запрашам: ‚Како не си го крши вратот или не си го повредува мозокот?‘ Кога ние луѓето би направиле нешто слично, би ни била потребна помош од хиропрактичар или неврохирург! Значи, во што е тајната?
Да го земеме за пример црвеноградиот американски клукајдрвец, кој живее во источниот дел на Соединетите Држави. Book of North American Birds наведува: „Со својот тежок клун во облик на длето, тој ги делка инсектите кои се наоѓаат под кората на дрвото, прави дупки за да ги достигне инсектите кои живеат во шуплините на дрвјата, расечува деланки дрво додека копа дупка за гнездото“. Како се заштитува од дрвениот прав? „Носниците му се прикладно покриени со малечка маска од фини четкасти пердуви“.
А како е со главата кога се удира? „За да се спречи оштетување на мозокот . . ., јакиот врат, дебелиот череп и перничестиот простор помеѓу тешката надворешна мембрана и самиот мозок служат како посебна заштита.“
Еден друг клукајдрвец, жолтоградиот американски клукајдрвец, дупчи уредни редови дупчиња во кората на дрвото, од која го цица растителниот сок. За разлика од црвеноградиот американски клукајдрвец кој има неверојатно долг, цилиндричен јазик со шилест врв за набодување на инсекти, жолтоградиот има пократок јазик со тенки влакна кои помагаат при голтање на сокот.
Ваквата прекрасна разноликост во облиците секако укажува на еден Обликувач, Јехова Бог. Треба да ги повторуваме понизно зборовите на Јов: „Знам, дека Ти сѐ можеш, и дека намерата [замислата, НС] Твоја не може да биде неизвршена [недостижна, НС]“. А Давид напишал: „Прекрасни се Твоите дела; душата моја тоа добро го сознава“ (Јов 42:2; Псалм 138:14).
[Извори на слики на страница 31]
Leonard Lee Rue, 111/ H. Armstrong Roberts
Лево: H. Armstrong Roberts