Што вели Библијата
„Послаб сад“ — навреда за жените?
„ЗОШТО ЖЕНИТЕ СЕ ПРОСУДУВААТ ПО НИВНИОТ ПОЛ, А НЕ ПО НИВНОТО ИСКУСТВО, СПОСОБНОСТ И ИНТЕЛИГЕНЦИЈА?“ (БЕТИ А.)
„ЖЕНИТЕ СЕ НАВИКНАТИ ДА МИСЛАТ ДЕКА СЕ ПОМАЛКУ ВРЕДНИ СУШТЕСТВА“ (ЛИН Х.)
ДАЛИ библискиот израз „послаб сад“ ги омаловажува жените? Станува збор за библискиот стих од 1. Петрово 3:7, кој гласи: „Така и вие, мажите, живејте со своите жени разумно, и почитувајте ги како послабо суштество [послаб сад, НС], и како сонаследници на благодатниот живот, за да не се појави препрека во молитвите ваши“.
Кога Петар ги напишал овие зборови до сохристијаните, жените имале многу малку права, не само во древниот пагански свет туку и во отпадничката еврејска средина. Дали Петар и првите христијани го застапувале тогашното раширено гледиште за жените?
Послаби садови?
Како би го протолкувале терминот „послаб сад“ оние кои ги читале Петровите зборови во првиот век? Грчкит збор за сад (скеуос) е употребен повеќе пати во Грчките списи и се однесува на различни садови, алати, прибор и инструменти. Кога Петар ги нарекол жените „послаб сад“, не ги омаловажил, затоа што изразот укажува на тоа дека и сопругот е кршлив или слаб сад. Други библиски стихови користат сличен сликовит говор кога зборуваат за мажите и за жените, како на пример: „глинени садови“ (2. Коринтјаните 4:7) и ‚садови на милосрдноста‘ (Римјаните 9:23). Вистина, Петар ги опишува жените како ‚послаб‘ пол. Но, Римјаните 5:6 го користи изразот ‚слаб‘ кога зборува за сите луѓе — и мажи и жени. Според тоа, првите христијани не би го сметале изразот „послаб сад“ како нешто навредливо за жените.
Напротив, на Петровите зборови би се гледало како на издигнување на положбата на жените. Во Петрово време, почитувањето спрема жените било реткост. Како што прорекол Бог долго пред тоа, мажите често пати доминирале и ги злоупотребувале своите жени физички, сексуално и емоционално (1. Мојсеева 3:16). Затоа, Петровиот совет до христијанските сопрузи, во суштина значел: Не злоупотребувајте ја моќта што световното општество им ја дало на мажите.
Да го погледнеме одблиску изразот „послаб“. Во овој стих Петар зборувал за физички, а не за емоционални особини. Мажите се слаби садови; но во споредба со нив, жените се послаби садови. Како тоа? Структурата на коските и на мускулите е таква што мажите обично се обдарени со поголема физичка сила. Меѓутоа, ништо не укажува на тоа дека Петар ја споредувал моралната, духовната или умствената сила. Навистина, што се однесува до емоционалното реагирање на настаните, најдобро би било жените да се опишат како поинакви од мажите, а не како послаби или појаки. Библијата го опишува јакиот морален карактер, истрајноста и разборитоста на жените коишто го следеле Божјиот пат — како што се Сара, Девора, Рут и Естир, да споменеме само неколку. На понизните мажи не им е тешко да признаат дека жените можат да бидат поинтелигентни од нив.
Сепак, некои мислат дека кога се зборува за жените како за „послаби“, се мисли дека тие се помалку вредни личности. Но, разгледај го следниов пример. Некој има два корисни сада. Едниот е цврст, а другиот е послаб. Дали вториот сад е помалку вреден затоа што не е толку цврст? Всушност, со послабиот сад обично се постапува со поголема грижа и внимание отколку со поцврстиот. Според тоа, дали жената вреди помалку затоа што има помала физичка сила од мажот? Секако дека не! Петар го користи терминот „послаб сад“ не за да ги оцрни жените туку да поттикне на почитување.
„На сличен начин. . . според спознанието“
Петар ги советувал сопрузите да ‚живеат на сличен начин со нив [нивните сопруги] според спознанието‘ (НС). „На сличен начин“ спрема кого? Во претходните стихови Петар зборувал за Христовата љубезна грижа за неговите следбеници и ги поучил сопрузите да се грижат за своите сопруги „на сличен начин“ (1. Петрово 2:21-25; 3:7). Христос секогаш ги ставал доброто и интересите на своите ученици пред сопствените желби и склоности. Бил заинтересиран за нивното духовно и физичко добро, и ги земал во обѕир нивните ограничувања. Сопрузите треба да го имитираат Христовиот љубезен пример, однесувајќи се кон своите сопруги „на сличен начин“.
Добриот брак не е случајност. И мажот и жената мораат да знаат како да придонесат за успехот на бракот. Според тоа, Петровиот совет е сопрузите и понатаму да живеат со своите сопруги „според спознанието“. Сопрузите мора да научат на кој начин Јехова и неговиот Син, Исус Христос, постапувале со жените. Треба да знаат како Бог сака тие да постапуваат со своите сопруги.
Освен тоа, сопрузите треба добро да ги познаваат своите сопруги — нивните чувства, јаките страни, ограничувањата, што им се допаѓа, а што не. Треба да знаат како да ги почитуваат интелигенцијата, искуството и достоинството на своите сопруги. Библијата вели: „Вие, мажите, сакајте ги жените свои, како што и Христос ја засака Црквата и се предаде Себеси за неа. И така, мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела; оти, кој ја сака жената своја, тој се сака и самиот себеси. Зашто никој никогаш не го намразил телото свое, туку го храни и го стоплува“ (Ефесјаните 5:25, 28, 29).
Почитувајте ги
Кога Петар зборувал за жените како за „послаб сад“, тој исто така навел дека сопрузите треба ‚да ги почитуваат‘. На грчки, именката тиме ја изразува смислата на чест, почит, вредност и скапоценост. Со други зборови, да се покажува почитување не значи само да се изрази наклоност туку и да им се оддава признание за она што тие го заслужуваат. Павле ги поучил сите христијани, и мажите и жените, со следниве зборови: „Еден спрема друг бидете љубезни со братска љубов: натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг“ (Римјаните 12:10).
Секако дека Јехова Бог не гледа на жените како на ситни експонати. Во Израел, Божјиот закон подеднакво важел и за мажите и за жените кои биле виновни за прељуба, инцест, бестијалност и други злосторства (3. Мојсеева 18:6-17, 23, 29; 20:10-12). Жените можеле да ги уживаат користите од Сабатот, од законите кои се однесувале на Назиреите, од празниците и од многу други подготовки од Законот (2. Мојсеева 20:10; 4. Мојсеева 6:2; 5. Мојсеева 12:18; 16:11, 14). Мајката, исто како таткото, требало да биде почитувана и да се слуша (3. Мојсеева 19:3; 20:9; 5. Мојсеева 5:16; 27:16; Изреки 1:8).
Стиховите 10 до 31 од Изреки 31. поглавје ѝ оддаваат чест на ‚добродетелната жена‘ поради нејзината верност, марливост и мудрост во грижата за нејзините многубројни одговорности. Со право ѝ било оддавано признание за нејзиниот удел во водењето на домашните работи, како и другите финансиски работи. Колку поинаку од ставот на некои мажи кои на жените гледаат само како на украси! Подоцна, во раното христијанско собрание жените биле ополномоштени со светиот дух како сведоци на Христос (Дела 1:14, 15, 16а; 2:3, 4; спореди Јоил 2:28, 29). Затоа, некои жени се одредени да станат небесни судии на мажи, жени, па дури и на ангели (1. Коринтјаните 6:2, 3). Вистина, жените не требало да поучуваат на собраниските собири; меѓутоа, имало ситуации кога христијанките можеле да се молат или да пророкуваат. Тие биле овластени да бидат учителки на помладите жени, на децата и на оние надвор од собранието (Матеј 24:14; 1. Коринтјаните 11:3-6; Тит 2:3-5; спореди Псалм 68:11, НС).
Еден друг показател за тоа што мислел Петар кога рекол да се почитуваат жените, се наоѓа во 2. Петрово 1:17. Таму читаме дека Јехова му оддавал чест на Исус така што во присуство на другите рекол дека го одобрува, изјавувајќи: „Овој е Мојот возљубен Син“. На сличен начин сопругот треба да покаже преку неговите дела, и во јавноста и приватно, дека ѝ оддава чест на својата сопруга.
Наследници на животот
Низ историјата мажите често пати сметале дека жените не заслужуваат да им се оддава чест или почит — дека се робови, или само инструменти за задоволување на мажите. Христијанскиот концепт за оддавање чест на жените секако дека ги издигнува на повисоко ниво на почитување. Книгата Barnes’ Notes on the New Testament (Барнзови забелешки кон Новиот завет) забележува дека Петровиот совет „содржи многу важна вистина во врска со женскиот пол. Под било кој друг религиозен систем, освен христијанскиот, жената во секој поглед била сметана за инфериорна во однос на мажот. Христијанството учи дека . . . таа има право на сите надежи и ветувања кои ги дава религијата. . . . Оваа единствена вистина требало насекаде да го издигне женскиот пол од понижената состојба, и веднаш да им стави крај на општествените зла на човечкиот род“.
Бидејќи Христос има право на сопствеништво и над мажите и над жените, постои добра причина зошто сопрузите треба да ги чуваат своите сопруги како Христово сопствеништво. Веднаш откако се осврнал на жените како на „послаб сад“, Петровите зборови продолжуваат: „И како сонаследници на благодатниот живот, за да не се појави препрека во молитвите ваши“ (1. Петрово 3:7б). Петар покажал дека ако мажот ја малтретира жената, тоа може да го наруши неговиот однос со Бог, спречувајќи да дојдат неговите молитви до него.
Во никој случај изразот „послаб сад“ не е наменет за да ги навреди жените. Иако Јехова ги поставува мажите како глава на домаќинството, тој не одобрува тие да ги малтретираат своите жени. Наместо тоа, тој му заповеда на мажот, со спознание да се грижи и да ја почитува жената.
Библијата ги поучува и оженетите и неоженетите мажи да ги почитуваат жените, а не да се однесуваат спрема нив како спрема помалку вредни личности. Мажите и жените кои искрено го обожаваат Бог и кои меѓусебно се удостојуваат, ќе добијат богати благослови од Божјата рака. (Спореди 1. Коринтјаните 7:16.)
[Извор на слика на страница 27]
Госпоѓица Џ. Е. К. / Сликар: Alice D. Kellogg 1862-1900
Со љубезна дозвола од Joanne W. Bowie