ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g95 8/4 стр. 27-31
  • Rh-факторот и ти

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Rh-факторот и ти
  • Разбудете се! 1995
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Историјата на Rh–проблемот
  • Rh-факторот, генетиката и болните бебиња
  • Епохално откритие на полето на превентивата
  • Здрави мајки, здрави бебиња
    Разбудете се! 2009
  • Да се спаси животот со крв — како?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1991
  • Дали проверената крв е сигурна?
    Разбудете се! 2008
  • Трансфузија на крв — колку е безбедна?
    Како може крвта да ти го спаси животот?
Разбудете се! 1995
g95 8/4 стр. 27-31

Rh-факторот и ти

ГОРДИОТ татко задоволно го гледа своето новородено дете кое спокојно спие во прегратката на мајка си. Мина една долга ноќ во породилниот дом, но сега сето тоа е зад нив. Доаѓа докторот за да ги прегледа своите пациенти и да им честита на сите. „Само уште една работа, сосема рутинска“, вели тој.

Крвта на мајката е Rh-негативна, а испитувањата покажаа дека на детето е Rh-позитивна, па затоа на мајката треба да ѝ се даде инјекција заради имунизација. „Тоа е само мала инјекција што се состои од човечки антитела, но е мошне важна“, ги уверува докторот, „за да се спречат компликации со идните бремености.“

Иако докторот смета дека тоа е рутинска инјекција, самото споменување на инјекцијата, како и можните „компликации“, создава мноштво прашања во умот на загрижените родители. Што, всушност, се постигнува со оваа инјекција? Колку е неопходна? Што ќе се случи ако родителите не сакаат таква инјекција? За христијаните излегува на површина и уште едно прашање. Со оглед на тоа дека Библијата вели ‚да се воздржуваме од крв‘, можат ли христијаните да ја прифатат инјекцијата со чиста совест доколку содржи човечки антитела земени од нечија крв? (Дела 15:20, 29).

Историјата на Rh–проблемот

Пред неколку децении, научниците открија дека човечката крв содржи многу фактори, односно антигени, што ја прават единствена кај секој поединец. Со текот на времето сознаа дека два антигенски системи во црвените крвни зрнца се причина за повеќето медицински проблеми кога крвта на една особа ќе дојде во контакт со крвта на друга. Едниот од овие антигени е наречен „ABO“, а другиот „Rh“. Едно кратко разгледување на Rh-системот ќе ни помогне да одговориме на важните прашања што ги имаат овие загрижени родители, а кои можеби си ги поставувал и ти самиот.

Во 1939, лекарите го објавија загадочниот случај на една 25-годишна жена чиешто второ дете умрело за време на бременоста. Откако го родила мртвото дете, на жената ѝ била дадена трансфузија на крв, после која настанале силни реакции и покрај тоа што крвта била од нејзиниот сопруг и, во поглед на ABO антигените, очигледно била компатибилна со нејзината. Лекарите подоцна насетиле дека некој непознат фактор од крвта на првото дете се измешал со нејзината крв и ја „сензибилизирал“, што довело до реакција на крвта од нејзиниот сопруг, како и до губење на второто дете.

Овој непознат фактор подоцна е идентификуван преку експерименти врз мајмуни од видот Резус (Rhesus), па затоа е наречен „Rh-фактор“. Овој крвен фактор беше предмет на големо интересирање во медицината во 1960-тите, бидејќи беше откриено дека е причина на една, донекаде вообичаена и честопати трагична болест кај бебињата, наречена фетална еритробластоза. Додека докторите го проучуваа Rh-факторот и болеста, настануваше една зачудувачка медицинска приказна.

Rh-факторот, генетиката и болните бебиња

Повеќето луѓе се погодени кога едно новороденче е сериозно болно или умира. На многумина им паѓа тешко кога само гледаат како едно дете е болно или се мачи, а ни докторите не реагираат поинаку. Но, овој Rh-фактор убиствен за бебиња стана посебна преокупација за лекарите од други две причини.

Првата беше тоа што докторите почнаа да ги согледуваат законитостите на болеста и да разбираат како е вклучен Rh-факторот во заболувањето и во смртта. Rh-факторот е присутен во црвените крвни зрнца кај околу 85 до 95 проценти од населението, како мажи така и жени. Тие се наречени „Rh-позитивни“. Оние 5 до 15 проценти без него, се сметаат за „Rh-негативни“. Ако едно Rh-негативно лице е изложено на крв од Rh-позитивно лице, тој или таа може да формира молекули наречени антитела кои ја уништуваат Rh-позитивната крв.

Ова е навистина вообичаена, нормална реакција на имунолошкиот систем на телото кога се бори против надворешни напаѓачи. Проблемот е во тоа што една Rh-негативна мајка може да има дете кое наследило Rh-позитивна крв од својот татко. Тоа не претставува проблем кога плацентата функционира совршено и кога крвта на детето е одвоена од крвта на мајката. (Спореди Псалм 138:13.) Но, поради тоа што нашите тела се несовршени, мало количество од крвта на детето може понекогаш да се излие и да дојде во контакт со крвта на мајката. Повремено, ова се случува при некоја медицинска постапка, како што е амниоцентезата (извлекување на примерок од течноста во амнионот кој го опкружува детето што се развива). Или, пак, малку крв од детето може да се измеша со крвта на мајката и при породувањето. Сеедно од која причина, мајката може да се сензибилизира и да создаде антитела против Rh-позитивната крв.

Претстави си го проблемот: Кога еднаш мајката ќе создаде такви антитела, сите наредни деца се во опасност доколку наследат Rh-позитивна крв од таткото. Во опасност се затоа што мајката сега има антитела за Rh-позитивната крв.

Како што видовме, нормално е извесни антитела да минуваат низ плацентата. Ова е добра работа бидејќи овозможува секое дете да се роди со извесен степен на привремен природен имунитет стекнат преку својата мајка. Меѓутоа, кај Rh-болеста, сензибилизираните Rh-антитела од мајката минуваат низ плацентата и ја напаѓаат Rh-позитивната крв на детето. Ова ретко го погодува првото дете, повообичаено е за секое наредно. Тоа предизвикува заболување наречено Rh-хемолитична болест кај новороденчиња (или фетална еритробластоза, во потешки случаи).

Постојат многу начини на лекување на оваа болест, иако, како што ќе видиме, тие имаат честопати ограничен успех. Но да се сосредоточиме на еден медицински аспект од овој проблем — на можните превентивни средства.

Епохално откритие на полето на превентивата

Можеби се сеќаваш дека оваа болест посебно ги заинтересира лекарите од две причини. Прво беше тоа што им стана познат и разбирлив механизмот на болеста. Но, која беше втората причина?

Таа се појави во 1968. После долгогодишно испитување и фрустрирачки обиди на лекарите да ги лекуваат овие сериозно болни бебиња, што имаше ограничен успех, беше развиена постапка на имунизација која делотворно го превенираше проблемот со „Rh-бебињата“. Ова беше добра вест. Но, на кој принцип се засноваше?

Сети се дека Rh-проблемот (за второто, како и за наредните Rh-позитивни деца) се создава кога од првото Rh-позитивно дете ќе се „излие“ крв во Rh-негативниот крвоток на мајката и ќе ја наведе да создава антитела. Постои ли начин да се уловат црвените крвни зрнца од детето во мајчиниот систем пред тие да добијат прилика да го сензибилизираат?

Пронајдената метода беше инјекција за имунизација на мајката, наречена Rh имуноглобулин, или RhIG, позната во некои земји по продажното име како Rhogam и Rhesonativ. Инјекцијата се состои од антитела против Rh-позитивниот антиген. Начинот на кој дејствува е сложен, па дури и нејасен, но изгледа дека во суштина се случува следново.

Кога постои сомневање дека една Rh-негативна мајка ќе биде изложена на Rh-позитивна крв, што се случува, на пример, после раѓање на Rh-позитивно дете, на мајката ѝ се дава RhIG инјекција. Овие антитела брзо го напаѓаат секое излеано Rh-позитивно црвено крвно зрнце од детето и го уништуваат пред тоа да ја сензибилизира мајката. Ова успешно ја елиминира опасноста за следното дете, бидејќи мајката не создала антитела против Rh-позитивната крв. Вистинската предност што докторите ја согледуваат е тоа што инјекцијата служи за да се спречи болеста наместо да се лечи откако ќе се развие.

Теоретски, ова звучи добро, но дали функционира во пракса? Очигледно функционира. Во една земја, имено во Соединетите Држави, зачестеноста на Rh-хемолитичната болест опадна за 65 проценти во текот на 1970-тите. Иако многу работи придонесоа за ова, 60 до 70 проценти од овој пад можеа да се припишат на употребата на RhIG. Во една канадска провинција, бројот на деца што умреле од Rh-хемолитична болест се намали од 29 во 1964 на 1 меѓу 1974 и 1975. Во медицинските кругови ова се сметаше за потврда на правилото дека е „подобро да се спречи отколку да се лечи“. Познавајќи ги овие основни факти, можеме да разгледаме некои специфични прашања кои честопати се поставуваат во врска со Rh-болеста.

Какви се ризиците да имам проблеми со Rh-болеста во текот на својата бременост?

Со едноставно тестирање на крвта може да се одреди Rh-факторот на крвната група на мајката и на таткото; во просек, секој седми брак е меѓу Rh-негативна жена и Rh-позитивен маж. Некои аспекти на генетската градба на таткото го смалуваат целокупниот ризик на околу 10 проценти.a

Меѓутоа, ова се статистики за населението воопшто. Ако си Rh-негативна жена и омажена си за Rh-позитивен маж, шансите да добиеш Rh-позитивно дете се меѓу 50 и 100 проценти, зависно од генетската градба на твојот сопруг.b (Не постои сигурен начин за одредување на генетиката на сопругот, исто како што сѐ уште не постои едноставен начин да се одреди дали детето во утробата е Rh-позитивно.)

За Rh-негативна мајка која носи Rh-позитивно дете, шансите да биде сензибилизирана се 16 проценти при секоја бременост, доведувајќи ги на тој начин во ризик наредните бремености. Се разбира, тоа е само просек. Првото дете во бракот, обично, не е во опасност да добие Rh-болест, освен ако мајката претходно примила трансфузија на крв или дошла во контакт со туѓа крв. После првото дете, прилично е тешко да се предвиди ризикот во секој поединечен случај. Една жена може да биде сензибилизирана уште со првото Rh-позитивно дете. Друга може да има пет или повеќе Rh-позитивни деца и никогаш да не биде сензибилизирана. Ако мајката биде сензибилизирана, ризикот дека ќе умре секое наредно Rh-позитивно дете е 30 проценти, и тоа не се менува во зависност од интервалот меѓу бременостите. Значи, тоа не треба да се сфати површно.

Може ли лабораторискиот преглед да ми покаже дали е во опасност детето што го носам?

Да, донекаде. Во текот на бременоста, за да се види дали мајката создава антитела против крвта на детето, може да се мери нивото на антитела во нејзината крв. Исто така, амниоцентезата може да покаже дали крвта на детето се уништува и дали детето е во опасност. Сепак, самата амниоцентеза понекогаш создава компликации, па затоа мора да се покаже претпазливост во врска со нејзината употреба.

Дали RhIG инјекцијата има нуспојави?

Сѐ уште постои извесна полемика околу нејзината употреба во текот на бременоста, поради имунолошката штета што може да му ја нанесе на ембрионот што се развива. Па сепак, повеќето стручњаци заклучуваат дека имунизацијата е релативно безбедна и за мајката и за детето што се развива во неа.

Според лекарите, колку често треба да се прима инјекцијата?

Авторитетите велат дека инјекцијата треба да се дава по кратко време откако ќе се случи нешто што може да предизвика Rh-позитивна крв да навлезе во крвотокот на Rh-негативна жена. Затоа, засега се препорачува инјекцијата да се даде во рок од 72 часа по раѓањето на детето, ако се покаже дека неговата крв е Rh-позитивна. Истото се препорачува и во случај на амниоцентеза или на пометнување.

Освен тоа, бидејќи истражувањата покажале дека мало количество од крвта на детето може да навлезе во крвотокот на мајката во текот на една нормална бременост, некои доктори препорачуваат инјекцијата да се даде во рок од 28 седмици по почетокот на бременоста за да се спречи сензибилизација. И во тој случај, препораката да се даде инјекција после раѓањето на детето, останува да важи.

Постои ли некој начин на лекување доколку детето добие Rh-болест?

Да, постои. Иако хемолитичната болест на новороденчето е сериозно заболување, постојат добри докази во корист на начините на лекување кои не вклучуваат трансфузија за менување на крвта на детето. Компликацијата од која најмногу се стравува кај оваа болест го вклучува создавањето на едно хемиско соединение наречено билирубин, што е последица на распаѓањето на црвени крвни зрнца. Тоа предизвикува жолтица и може, во некои случаи, да ги оштети органите на детето. (Кога сме веќе тука, блага жолтица може да настапи и кога постои ABO инкомпатибилност меѓу крвта на мајката и крвта на детето, но таа обично не е толку сериозна.)

Лекарите со години сметаа дека одреден интензитет на жолтица е индикација за трансфузија за промена на крвта кај тие деца, но натамошните истражувања открија различни алтернативни начини на лекување. Предвременото раѓање или царскиот рез, фототерапијата (ултравиолетово зрачење) и лековите како што е фенобарбитал, активен јаглен, како и други начини на лекување, се покажаа корисни и драматично го намалија притисокот да се прибегне кон трансфузија. Всушност, некои понови извештаи ја нагласуваат бескорисноста, па дури и опасноста од трансфузиите за промена на крвта кај децата заболени од Rh-болест. (Види ја рамката на 26. страница.)

Сепак, постојат екстремни случаи кај кои лекарите инсистираат на трансфузии за промена на крвта како на единствен прифатлив начин на лекување. Затоа, некои родители сметаат дека е подобро да се избегне целиот проблем со инјекција која ќе ја спречи болеста, а на тој начин и жолтицата.

Дали е RhIG инјекцијата направена од крв?

Да. Антителата што се содржани во инјекцијата се земени од крвта на поединци кои станале имуни или сензибилизирани на Rh-факторот. RhIG кој нема да потекнува од крв, туку ќе се добие со генетски инженеринг, можеби ќе биде достапен во иднина.

Може ли еден христијанин со мирна совест да прими RhIG?

Тука е вклучено прашањето за можна злоупотреба на крвта. Светото писмо јасно го забранува јадењето на крв или некоја друга нејзина злоупотреба (3. Мојсеева 17:11, 12; Дела 15:28, 29). Бидејќи RhIG се добива од крв, дали една христијанка би ја прекршила библиската заповед да се воздржува од крв кога би примила таква инјекција?

Ова списание, како и неговиот придружник Стражарска кула, доследно коментираат по ова прашање.c Сме забележале дека кај секоја бременост, антителата слободно циркулирааат меѓу мајката и детето преку плацентата. Според тоа, некои христијани заклучиле дека за нив не претставува прекршок на библиски закон ако примат инјекција што се состои од антитела, како што е RhIG, бидејќи процесот во основа е сличен на она што се случува природно.

Сепак, конечната одлука за тоа дали да се прими RhIG треба, во склад со својата совест, да ја донесе секоја христијанска брачна двојка. Меѓутоа, ако сопругот и сопругата, кои се соочуваат со Rh-прашање, одлучат да не примат RhIG кога за тоа постојат медицински индикации, треба да бидат спремни да го прифатат ризикот еден ден да имаат дете кое сериозно ќе заболи од болест која можела да се спречи. Во ваква ситуација тие, сметајќи дека е помудро да се преземат додатни мерки на претпазливост, можеби ќе одлучат да немаат повеќе деца и да не се излагаат на можноста од таква трагедија. Совесните христијански родители треба во молитва да ги разгледаат сите аспекти на проблемот, пред да донесат таква значајна одлука.

[Фусноти]

a Овие статистики варираат, зависно од расната припадност. Кај повеќето белци, зачестеноста на Rh-негативниот фактор е 15 проценти; кај американските црнци, 7 до 8 проценти; кај Индоевроазијците, околу 2 проценти; кај азиските Кинези и Јапонци, скоро нула (Transfusion Medicine Reviews, септември 1988, страница 130).

b Некои жени во ваква ситуација имале по неколку деца, и сите тие биле Rh-негативни, а мајката не била сензибилизирана. Но во други случаи, уште првото дете било Rh-позитивно и ја сензибилизирало мајката.

c Види Стражарска кула од 1 јуни 1990, страници 30, 31 (англ.); 15 јуни 1978, страници 30, 31 (англ.); и How Can Blood Save Your Life? (Како може крвта да ти го спаси животот?), објавена од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула од Њујорк, Инк.

[Рамка на страница 30]

Повишен билирубин — дали е тоа причина за трансфузија?

Лекарите долго време стравуваат од последиците на повишен билирубин кај бебињата, и тоа толку многу што кога ќе почне да се повишува билирубинот — особено кон бројката 20 mg/100 ml — честопати инсистираат на трансфузија за промена на крвта „за да се спречи оштетување на мозокот“ (керниктерус). Дали нивниот страв, како и вредноста на трансфузијата, е оправдан?

Д-р Антони Диксон забележува: „Неколку испитувања спроведени над таквите доенчиња не успеаја да откријат некакви последици, било краткорочни било долгорочни, во случаи кога нивото на билирубинот се движеше меѓу 18 и 51 mg на 100 ml“. Д-р Диксон понатаму расправа за „вигинтифобија: страв од 20“. И покрај тоа што не е докажано дека има корист од лекувањето на ова повишено ниво на билирубин, д-р Диксон заклучува: „Дилемата е јасна. Агресивното лекување на зголеменото количество на серумот билирубин сега е стандардна практика. Стандардната практика не треба да се доведува во прашање сѐ додека не се покаже дека е погрешна, а сепак, секој обид да се докаже дека е погрешна, е неетичен!“ (Canadian Family Physician, октомври 1984, страница 1981).

Од друга страна, пак, еден италијански авторитет, д-р Ерсилија Гарбањати, има пишувано за заштитната улога на билирубинот и за „можните неочекувани опасности од несоодветно ниските нивоа на серумот билирубин“ (Pediatrics, март 1990, страница 380). (Нагласено од нас.) Одејќи чекор понатаму, д-р Џоан Хајмен пишува за Western Journal of Medicine: „Трансфузијата за промена на крвта нема да го спречи билирубинот да го оштети мозокот со своето ниско ниво. Со оглед на горенаведената експериментална работа, таа може да биде дури и штетна“ (јуни 1984, страница 933).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели