Католичката црква во Африка
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ИТАЛИЈА
ВО АФРИКА, католичката црква има десетици милиони приврзаници, и нејзините тамошни проблеми се значајни. На почетокот на минатата година, во текот на еден посебен едномесечен синод, преку 300 црковни водачи се состанале во Ватикан во Рим за да дискутираат за некои од тие проблеми.
Отворајќи го заседавањето, како што се известува во L’Osservatore Romano, папата рекол: „По прв пат, денес, се одржува Синод на Африканската црква која го опфаќа целиот континент. . . . Денес, претставници од цела Африка се присутни во базиликата Св. Петар. Со длабока наклоност бискупот на Рим ја поздравува Африка“.
Племенски конфликти
Како што многумина се свесни, проблемите на Католичката црква се посебно големи во африканските земји Бурунди и Руанда, кои се претежно католички. Оваа пролет, племенската војна таму стана меѓународна вест кога стотици илјади беа испоклани од страна на нивните соседи. Еден очевидец известил: „Видовме како убиваат жени со мали деца на грбот. Видовме како деца убиваат деца“.
Весникот National Catholic Reporter извести за маката на католичкото раководство. Наведе дека папата „чувствувал ‚неизмерна болка‘ поради новите извештаи за конфликтите во малечката африканска земја [Бурунди], чие население е претежно католичко“.
Масакрите во Руанда беа уште попогубни за католичкото раководство. „Папата го осудува геноцидот во една 70% католичка нација“, гласел еден наслов во истиот весник. Статијата забележува: „Борбите во африканската нација вклучуваат ‚вистински и чист геноцид за кој се одговорни, за жал, дури и католиците‘, рече папата“.
Бидејќи свирепостите во Руанда се вршеа во исто време кога се одржуваше историскиот католички синод во Рим, очигледно вниманието на бискупите беше сосредоточено на ситуацијата во Руанда. Весникот National Catholic Reporter навел: „Конфликтот во Руанда открива нешто алармантно: Христијанската вера не пуштила доволно длабоки корења во Африка за да го надмине чувството на племенска припадност“.
Забележувајќи ја загриженоста на собраните бискупи, National Catholic Reporter понатаму продолжува: „Оваа тема [за племенската припадност] ја обработи Алберт Канене Обиефуна, бискуп од Авка (Нигерија), зборувајќи пред синодот“. Во своето обраќање, Обиефуна објаснил: „Семејниот и христијанскиот живот на типичниот Африканец се вртат околу неговите или нејзините племенски интереси“.
Потоа, мислејќи сигурно на Руанда, Обиефуна го продолжил својот говор до синодот: „Овој менталитет е толку раширен што кај Африканците се вели дека кога ќе се дојде до критична ситуација, тогаш не преовладува христијанскиот концепт на Црквата како семејство, туку изреката дека ‚крвта не е вода‘. Под вода овде може веројатно да се вклучат водите на Крштевањето преку кои некој се раѓа во семејството на Црквата. Крвните врски се поважни дури и за Африканецот кој станал христијанин“.
Така, бискупот признал дека католичката вера во Африка била неуспешна во создавањето на едно христијанско братство каде што верниците навистина се љубат меѓусебно, онака како што ги поучил Исус Христос (Јован 13:35). Наместо тоа, за африканските католици „поважна е крвната врска“. Од тие причини, тие ја ставаат племенската омраза пред сите други размислувања. Како што признал папата, католиците во Африка мораат да сносат одговорност за некои од најголемите свирепости во поновата историја.
Се вели дека опстанокот е ставен на коцка
Африканските бискупи за време на синодот изразиле загриженост за опстанокот на католицизмот во Африка. „Ако сакаме Црквата и понатаму да постои во мојата земја“, рекол Бонифејшес Хаушику, еден намибиски бискуп, „мораме сериозно да размислиме за прашањето на инкултурација.“
Изразувајќи слични чувства, италијанската католичка новинска агенција Adista рече: „Да се зборува за ‚инкултурација‘ на Евангелието во Африка значи да се зборува за самата судбина на Католичката црква на тој континент, за нејзините изгледи да преживее или да не преживее“.
Што, всушност, мислат бискупите под терминот „инкултурација“?
Црквата и „инкултурацијата“
Џон М. Валиго објаснил дека „изразот прилагодување долго време се користел за да ја означи истата реалност“. Едноставно речено, „инкултурација“ значи асимилирање на традициите и сфаќањата на племенската религија во католичките церемонии и обожавање, давајќи им на древните ритуали, предмети, гестови и места, ново име и ново значење.
Инкултурацијата им дозволува на Африканците да бидат угледни католици, а сепак да си ги задржат обичаите, церемониите и верувањата од својата племенска религија. Треба ли на тоа да се приговара? Италијанскиот весник La Repubblica, на пример, го поставил прашањето: „Зарем не е вистина дека во Европа, Божиќ бил прикачен за прославата на Solis Invicti, која се паѓала на 25 декември?“
Навистина, Кардиналот Јозеф Томко, префект на Конгрегацијата за евангелизација на народите, во врска со тоа забележал: „Мисионерската црква го практикувала делото на инкултурација долго време пред да почне да се користи терминот“. Божиќната прослава добро го илустрира тоа, како што забележал весникот La Repubblica. Првобитно тоа било паганска прослава. „Датумот 25 декември не се совпаѓа со Христовото раѓање“, признава New Catholic Encyclopedia, „туку со славата на Natalis Solis Invicti, римскиот празник на Сонцето кој се одржувал за време на рамноденицата.“
Божиќ е само еден од многуте црковни обичаи прикачени за паганизмот. Такви верувања се тројството, бесмртноста на душата и вечното мачење на човечката душа по смртта. Кардиналот Џон Хенри Њуман, од XIX век, напишал дека „владетелите на Црквата уште од раните времиња биле спремни, кога ќе се појавела прилика, да ги прилагодат или имитираат или, пак, одобрат постоечките ритуали и обичаи на народот“. Наведувајќи многу црковни обичаи и празници, тој рекол дека „сите тие биле од паганско потекло и дека биле посветени со нивното усвојување од страна на Црквата“.
Кога католиците влегуваат во нехристијански подрачја, како што се делови од Африка, често откриваат дека луѓето веќе имаат религиозни обичаи и верувања слични на оние од Црквата. Ова е затоа што во текот на изминатите векови, Црквата присвоила обичаи и учења од нехристијанските народи и ги вовела во католицизмот. Таквите обичаи и учења, тврдел кардиналот Њуман, биле „посветени со нивното усвојување од страна на Црквата“.
Така, L’Osservatore Romano го цитира папата Јован Павле II кој пред извесно време посетил некои нехристијански народи во Африка. „Во Котону [Бенин, Африка] ги запознав следбениците на вуду-култот и, од начинот на кој зборуваа, беше очигледно дека во нивниот менталитет, ритуали, симболи и склоности, веќе имаат на некој начин нешто што Црквата сака да им понуди. Тие само чекаат на времето некој да дојде и да им подаде рака да го преминат прагот и да живеат преку Крштевањето онака како што во извесна смисла веќе го живееле и го искусиле пред Крштевањето.“
Што треба да сторите?
Неуспехот на Црквата да ги поучи народите во Африка за вистинското и неизвалкано христијанство, имало катастрофални последици. Племенското уредување продолжило да постои, како што на други места постои национализмот, што довело до меѓусебно колење на католици. Каков срам е тоа за Христос! Библијата вели дека таквото беззаконско убивање ги идентификува луѓето како ‚чеда ѓаволски‘, а за таквите Исус вели: „Бегајте од Мене вие што правите незаконски дела!“ (1. Јованово 3:10-12; Матеј 7:23).
Тогаш, што мораат да сторат искрените католици? Библијата ги поттикнува христијаните да се чуваат од компромис со некој обичај или верување што во Божји очи би го извалкало нивното обожавање. „Не впрегнувајте се заедно со неверниците“, вели Библијата. За да уживате Божја милост, треба да се ‚одделите и да не допирате ништо што е нечисто во Божји очи‘ (2. Коринтјаните 6:14-17).
[Истакната мисла на страница 20]
‚Војната во Руанда е чист геноцид за кој се одговорни дури и католиците‘, рече папата
[Извор на слика на страница 18]
Фотографија: Jerden Bouman/Sipa Press