Библиското гледиште
Дали е премногу тешко да се достигнат Божјите мерила?
„БОГ НЕ ГИ МЕРИ ЛУЃЕТО СО ПЕДИ“ (СТАРА ШКОТСКА ПОГОВОРКА).
УЧИЛИШНИТЕ тестови, разговорите за вработување и лекарските прегледи се само некои од пресвртниците во животот по кои се мери некое лице. Но кога се работи за секојдневното живеење по Божјите мерила, многу луѓе мислат дека на еден или друг начин нема да успеат да ги достигнат. Дали и Вие мислите така? Можете ли да ги достигнете Божјите мерила?
За да одговориме, прво да ги погледаме мерилата што ги поставил Бог за своите обожаватели. Библијата фрла светлина врз начинот како треба да чекориме во животот (Псалм 118:105). Библискиот писател, мудриот цар Соломон, заклучил дека „целата обврска“ на човекот е да ‚се плаши од вистинскиот Бог и да ги чува неговите заповеди‘ (Проповедник 12:13, НС). Пророкот Михеј забележал: „Што бара од тебе Господ; да работиш правично, да сакаш милосрдни дела и смирено да врвиш пред твојот Бог“ (Михеј 6:8).
Исус Христос, Божјиот сопствен Син, изјавил дека нема поголеми заповеди од тоа да ‚се возљуби Господ, твојот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила‘ и да се ‚возљуби својот ближен како себеси‘ (Марко 12:30, 31). Освен тоа, ние покажуваме дека го љубиме Бог ако сме послушни на сите негови заповеди (1. Јованово 5:3).
Едноставно речено, луѓето треба да го сакаат и да го почитуваат Бог, да ги слушаат неговите заповеди, да постапуваат непристрасно, да бидат љубезни спрема сите и да ја избегнуваат гордоста. Дали таквите мерила ни се недостижни?
Бог попушта
Бог со право очекува луѓето да ги достигнат неговите мерила. Но, искрено речено, дали некој човек постојано совршено се придржува за овие мерила? Очигледно не, затоа што сме наследиле несовршенство од нашиот прататко Адам (Римјаните 5:12). Според тоа, ние сме склони да грешиме. Сепак, тоа не нѐ прави неспособни да му служиме на Бог на прифатлив начин.
За да илустрираме, да ги земеме во обѕир проблемите на оној кој учи да вози автомобил. Потребна е постојана будност и време за да се вози доволно добро со цел да се положи возачки испит. Се разбира, сѐ уште ќе мораме да работиме на тоа добро да возиме дури и откако ќе добиеме дозвола. Додека стекнуваме искуство, ги изоструваме нашите вештини. Но сепак, не постојат совршени возачи!
За среќа, Бог ги зема во обѕир нашите недостатоци. Тој не е неразумен, па да го бара она што не можеме да го дадеме или постојано да наоѓа грешки. Тој ги разбира нашите мани и слабости. Цар Давид, кој направил тежок грев, признал: „Он не ни направи ништо според нашите беззаконија и не постапи според нашите гревови“. Од која причина? „Зашто, колку е големо растојанието од небото до земјата, толку е голема милоста на Господа, спрема оние што се бојат од Него.“ Иако Јехова знае дека грешиме, тој е спремен да ги оддалечи од нас нашите беззаконија ‚колку што е далеку исток од запад‘ (Псалм 102:10-14).
Немојте да се предавате
„Кога сум депримиран“, објаснува еден искрен обожавател на Бог, „понекогаш заклучувам дека никогаш нема да успеам да живеам по Божјите мерила. Но кога развивам попозитивно гледиште, чувствувам дека можам да живеам онака како што Бог сака. Но, тоа не е толку лесно!“ Немојте да се обесхрабрувате ако се чувствувате вака. Не сте први, а нема да бидете ни последни со такви чувства.
Христијанскиот апостол Павле отворено признал: „Кога сакам да го правам доброто, злото ми се наметнува. Бидејќи, со својот внатрешен човек наоѓам наслада во законот Божји, но во органите свои гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме прави заробеник на гревовниот закон . . . Беден човек сум!“ Сепак, тој не заклучил дека она што Бог го очекува е претешко, затоа што додал: „Кој ќе ме избави од телото на оваа смрт? Му благодарам на својот Бог преку Исуса Христа, нашиот Господ. И така, јас сам со умот свој му служам на Божјиот закон, а со телото — на гревовниот закон“ (Римјаните 7:21-25). Според ова, тој чувствувал дека може да му угодува на Бог и покрај тоа што бил грешен.
Јехова, нашиот љубезен Творец, ни ги простува нашите грешки и пропусти преку заслугата на откупната жртва на неговиот сакан Син Исус. „Ако некој направи грев“, напишал апостол Јован, „имаме помошник кај Таткото, Исус Христос, праведник. А тој е помирбена жртва за [која ги покрива] нашите гревови“ (1. Јованово 2:1, 2, НС). Бариерата што ја наметнува гревот и која нѐ спречува да ги достигнеме Божјите мерила за пријателство, е отстранета или урната преку силата на Христовата жртва. На тој начин се обновува пријателството со Бог.
Понизното прифаќање на оваа љубезна подготовка донесува простување, затоа што Бог престојува со „оној со скршен и скромен дух“ (Исаија 57:15, НС). Можеме да имаме доверба во Него дека може да ни го врати расположението. Тој ветува дека ќе го ‚подигне скромниот од самата прав‘. Повеќе нема да има потреба и понатаму да бидеме депримирани кога не успеваме совршено да го слушаме Бог. Наместо тоа, можеме да бидеме уверени дека Бог никогаш не ги игнорира напорите што ги вложуваме да живееме по неговите начела (Псалм 113:7, НС; Евреите 6:10-12).
Иако тоа претставува борба, ќе забележите дека сте посреќни кога го правите она што му е угодно на Бог. Оддаденоста кон Бог го прави животот поподнослив — и за Вас и за оние околу Вас. Размислете и за иднината. Стремењето да се живее по Божјите мерила уште сега, дава изглед за вечен живот под рајски околности (Исаија 48:17; Римјаните 6:23; 1. Тимотеј 4:8).
Искусните планинари знаат дека кога ќе стигнат на врвот, тие се само на половина пат. Треба и безбедно да се спуштат. Слично на тоа, оние кои се плашат од Бог треба да ги достигнат Божјите мерила, а потоа да истраат да живеат по нив (Лука 21:19; Јаков 1:4, обата НС).
Извлечете утеха од спознанието дека Божјите мерила не се премногу тешки за да се достигнат. Кога повремено нема да успевате совршено да се придржувате за нив, барајте негово простување. Потпирајте се на неговата љубезна поддршка (Псалм 86:5, НС). Според тоа, со Јехова и неговиот Син како Ваши Помошници, можете да ги достигнете Божјите мерила и да го добиете неговото одобрување (Изреки 12:2).