Младите прашуваат . . .
Зошто сите стапуваат во брак, освен јас?
„Би сакала да се омажам. Тогаш би била среќна“ (Шерил).a
СОСЕМ е природна желбата да се стапи во брак. Бог ги надарил мажот и жената со природна привлечност меѓу половите. Го основал бракот како трајна заедница помеѓу мажот и жената (1. Мојсеева 1:27, 28; 2:21-24).
Тогаш, разбирливо е што можеби се чувствуваш помалку обесхрабрен или дури отфрлен ако сѐ уште не си во брак — особено ако повеќето твои врсници веќе стапиле во брак. Добронамерните пријатели можат да го зголемат притисокот. „Имам 24 години, не сум омажена и моментално не излегувам со никого“, вели Тина. „Се чини дека сите други се толку загрижени зошто не сум омажена што почнувам да добивам комплекс поради тоа. Ме наведуваат да се чувствувам како стара мома или како нешто да не во ред со мене.“
За некои поединци самештвото може да почне да изгледа како ѕид, несовладлива бариера која ги одвојува од среќата. Со секоја измината година, може да изгледа како да се става уште еден ред цигли згора на тој ѕид. Еден млад човек може да се чувствува дека тој или таа сигурно се непривлечни или непожелни. Една девојка од Италија, по име Розана, вели: „Често пати се чувствувам осамена и бескорисна; се чини дека немам никакви шанси да се омажам“. Младите момчиња можат да имаат слични чувства. На пример, Френк почнал да мисли дека сите негови пријатели станале поинтересни и попрефинети откако се ожениле. Почнал да се прашува дали бракот би го направил истото и за него.
Дали и ти размислуваш на сличен начин? Ако си самец, се прашуваш ли понекогаш дали нешто не е во ред со тебе или дали можеби засекогаш си осуден на самечки живот?
Брак — мит против факти
Ајде прво да го разгледаме популарното верување дека бракот автоматски ја отвора вратата кон среќата. Вистина е дека бракот може, а често пати и придонесува за нечија среќа. Меѓутоа, некој не станува среќен само затоа што склопил брак. Дури и најдобрите бракови носат одредена мера на „телесни неволи“ (1. Коринтјаните 7:28). Брачната среќа доаѓа само преку постојана самопожртвуваност и силно напрегање. Интересно е што најголемиот човек кој некогаш живеел, Исус Христос, бил самец. Дали некој би го нарекол несреќен? Никако! Неговата радост произлегувала од вршењето на Јеховината волја (Јован 4:34).
Друг мит е дека бракот е загарантиран лек против осаменоста. Не е точно! Еден оженет христијанин се жалел: „Мојата сопруга никогаш не ми се доверувала нити, пак, водела некогаш со мене смисловен разговор!“ Некои христијански сопруги на сличен начин се жалеле дека нивните сопрузи не комуницираат со нив или дека изгледаат позаинтересирани за своите работни места или за пријателите отколку за нив. Жалосно е тоа што многу честа појава е некој да е во брак, а е осамен.
Потоа постојат лица кои гледаат на бракот како на бегство од семејните проблеми. Една млада омажена жена вели: „Мислам дека моите родители требаше да ми дадат прилика да пораснам. Но не ми дозволуваа да имам дечко или да излегувам . . . Да ми дадеа прилика, мислам дека немаше да се омажам на 16 години. Но јас сакав да им покажам“.
Можеби мислиш дека животот дома има премногу ограничувања. Но бракот носи одговорности кои можат во голема мера да ограничат нечија лична слобода. Размисли што сѐ е вклучено во тоа да се задржи работното место, плаќањето сметки, поправки во домот и на автомобилот, готвење, чистење, перење, можеби дури и подигање деца! (Изреки 31:10-31; Ефесјаните 6:4; 1. Тимотеј 5:8). Многу млади луѓе добиваат нервен шок кога се соочуваат со овие одговорности на возрасни луѓе.
Некои исто така веруваат дека бракот е клучот за популарност. Но не е загарантирано дека другите ќе копнеат по твоето друштво — или друштвото на твојот партнер — само затоа што си во брак. Луѓето ќе те сакаат ако си љубезен, дарежлив и несебичен, без разлика дали си во брак или не (Изреки 11:25). Иако на двојките им е полесно да се вклопуваат со оженети пријатели, мажот и жената мора да запомнат дека тие се „едно тело“ (1. Мојсеева 2:24). Нивната главна грижа мора да биде како тие се сложуваат меѓусебно — а не со нивните пријатели.
Подготвен за брак?
Се разбира, дури и да ја согледуваш разумноста на овие гледишта, сепак понекогаш можеби ќе се чувствуваш обесхрабрено. Една стара поговорка го изразила тоа на следниов начин: „Надежта, долго неостварена, го изнемоштува срцето“ (Изреки 13:12). На пример, младиот Тони се нашол во состојба кога бил скоро спремен на сѐ затоа што бил самец. Почнал да мисли дека е спремен да се ожени за која и да било. Исто така, една млада девојка по име Сандра почнала да се обесхрабрува секојпат кога ќе слушнела дека се развива некоја романса; се прашувала кога и нејзе ќе ѝ дојде редот.
Пред да си дозволиш да паднеш во длабока безнадежност, запрашај се: ‚Дали сум навистина спремен за брак?‘ Искрено речено, ако си тинејџер, одговорот би можел да биде јасно — не! Во Соединетите Држави, повеќето тинејџерски бракови се распаѓаат во рок од пет години.b Се разбира, некои младинци може да бидат посебно зрели за своите години и да изградат успешен брак. Но тоа не мора да значи дека и ти треба да стапиш во брак. Си размислувал ли чесно дали си спремен да ги преземеш одговорностите на бракот?
Чесното самоиспитување може многу да открие. На пример, колку си зрел и одговорен? Дали можеш да штедиш пари или ги трошиш веднаш штом ќе ги добиеш? Дали навреме ги плаќаш сметките? Дали си способен да ја задржиш работата или да водиш домаќинство? Дали добро се сложуваш со другите луѓе, како на пример, со колегите на работа и со родителите или си постојано во конфликт со нив? Ако е така, можеби ќе откриеш дека ќе ти биде многу тешко да се сложуваш со брачниот другар.
Ако сѐ уште си тинејџер, можеби ќе откриеш дека ти се потребни уште неколку години искуство со цел да стекнеш зрелост и стабилност кои ќе ти бидат потребни за да бидеш добар сопруг или добра сопруга. Сфаќањето на овој факт може да ти помогне да ги промениш твоите очекувања и на бракот да гледаш како на идна можност. Тоа може да ти помогне, барем засега, да бидеш повеќе ‚утврден во срцето‘ за твоето самештво (1. Коринтјаните 7:37, НС).
Исправна подготовка
Но, што ако мислиш дека си го поминал „цутот на младоста“ и се чувствуваш подготвен да стапиш во брак? Може да биде обесхрабрувачки ако има малку потенцијални партнери за брак или ако си одбиен секојпат кога ќе покажеш интерес за некого. Но дали тоа неопходно значи дека си непожелен? Воопшто не. Царот Соломон немал никаков успех кај една млада девојка во која се вљубил — а бил еден од најбогатите и најмудрите луѓе кои некогаш живееле! Во што бил проблемот? Срцето на девојката едноставно не било наклонето да негува романтични чувства кон него (Песна над песните 2:7). Слично на тоа, можеби уште не си се запознал со некој кој вистински ти одговара.
Дали мислиш дека изгледаш премногу едноставно за да привлечеш некого? Навистина, добриот изглед има свои предности, но не е сѐ во тоа. Кога ќе помислиш на брачните двојки кои ги познаваш, зарем не е вистина дека меѓу нив има луѓе од различна висина, градба и степен на привлечност? Освен тоа, некој кој е вистински богобојазлив првенствено ќе биде заинтересиран за тоа каков си ти во „тајната личност на срцето“ (1. Петрово 3:4, НС).
Се разбира дека не треба никако да го игнорираш твојот физички изглед; сосема е разумно да се трудиш да изгледаш колку што може најдобро. Немарното облекување и дотерување може на другите да им остава погрешен впечаток за тебе.c Исто така, слабата способност за водење разговор или твоите карактерни мани можат да ги одвратат другите од тебе уште пред да те запознаат. Еден зрел пријател или родител може да ти каже дали е потребно да направиш некои промени на овие подрачја. Вистината може да биде болна, но ако ја прифатиш можеби ќе ти помогне да направиш промени и на тој начин да бидеш попривлечен за другите (Изреки 27:6).
Меѓутоа, на крајот на краиштата, твојата цена или вредност како личност, не се одредува по тоа дали си во брак или не. Она што навистина вреди е како Бог гледа на тебе, а тој „гледа на срцето“ (1. Царства 16:7). Според тоа, треба да се сосредоточиш на тоа да добиеш признание од Јехова, а не да стапиш во брак. Потруди се да не дозволиш второво да доминира со твоите мисли и разговор. Внимавај на твоето друштво, избор на музика и забава.
Точно, желбата да стапиш во брак можеби нема да исчезне, но немој да креваш паника. Вежбај стрпливост (Проповедник 7:8). Наместо да гледаш на твоето самештво како на некакво проклетство, во потполност искористи ја слободата што ти ја нуди твоето самештво и приликите што ти ги дава за да му служиш на Бог без пречки (1. Коринтјаните 7:33-35, 38, НС). Во свое време може да склопиш брак — можеби побрзо отколку што мислиш.
[Фусноти]
a Некои имиња се изменети.
b Види ја статијата „Младите прашуваат . . . Пребрзо венчани — Можеме ли да успееме?“, во нашето издание од 22 април 1995 (англ.).
c За конкретни предлози во врска со овие работи, види ги 10. и 11. поглавје од книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, издадена од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула, Њујорк, Инк
[Слика на страница 26]
Лесно е да се чувствуваш отфрлен кога врсниците стапуваат во брак