Превезување на бебињата — африкански и северноамерикански начин
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО НИГЕРИЈА
ПОСТОЈАТ различни начини на кои луѓето во светот ги превезуваат своите бебиња. Северноамериканскиот и африканскиот начин значително се разликуваат.
На овие различни континенти, економските услови драстично се разликуваат. Затоа би очекувале драстично да се разликуваат и начините на превезување. Најнапред да видиме како го прават тоа луѓето во Северна Америка.
Северноамерикански начин
Во Соединетите Држави, како и во многу други делови од светот, вообичаена метода се бебешките колички на четири тркала или обичните колички. Во последниве години постои тенденција тие да се направат полесни за употреба, помодерни и поудобни за бебето. Многу од нив имаат раскошни перничиња, душечиња кои можат да се перат, како и подигнати седишта.
Количките им нудат на децата пријатна починка, промена на активноста и одмор за уморните нозе. За поспаното дете, количката може да биде како кревет на тркала. Честопати, нишањето на количката која се движи, го смирува и го успокојува уморното и раздразнето дете.
Количките можат да им го олеснат животот и на родителите. Еден родител рекол: „Тоа е полесно отколку секаде да се носи детето на раце“. Можеби е лесно да се носи едно дете додека е мало, но сѐ е поинаку кога тој или таа ќе почне да ја удвојува или да ја утројува својата тежина. Освен тоа, родителите се радуваат кога знаат дека нивното дете е безбедно и сигурно во количка која можат да ја управуваат.
Во Соединетите Држави се води грижа да се конструираат безбедни колички. Тие се дизајнирани со широка основа и со ниско тежиште за да не можат лесно да се превртат. Кочниците мораат да бидат цврсти и во таква положба што детето во количката нема да може да ги откочи. Инсталирани се патент-брави за да се спречи случајно склопување на количката. Водена е грижа да се отстранат секакви „штипливи места“ — површини кои можат да ги штипнат малите прстиња. Појасите за врзување даваат дополнителна заштита.
Цената на количките може да се движи од 20 долари до осум или десетпати повеќе од тој износ. Еден луксузен модел кој во малопродажба чини околу 300 долари, опремен е со посебна голема кошница, со раскошен внатрешен дел, со надворешен дел кој е отпорен на временските прилики, со тркала кои можат да се движат во разни правци и со лесна конструкција за брзо расклопување. Посебно дизајнираните „џогинг колички“, кои им овозможуваат на мама или на тато да го туркаат бебето додека џогираат, се продаваат за околу 380 долари.
Африкански начин
Во Африка, како и во многу земји во Азија, повеќето мајки ги носат своите бебиња на грбот, токму онака како што правеле нивните мајки и мајките пред нив. Тешко дека би можело да има нешто поефтино или попрактично отколку да се носи бебето „на кркач“, како што многу Африканци го нарекуваат тоа. Единствената опрема што е потребна за ова е едно цврсто, четириаголно парче ткаенина, наречено наметка. Со еден едноставен безбеден потез, мајката се наведнува, го поставува бебето на својот грб, а потоа го завиткува и го врзува платното околу себе и бебето.
Дали бебињата некогаш паѓаат додека се така врзани? Тоа не се случува речиси никогаш. Кога го заврзува бебенцето, мајката го придржува со едната рака додека со другата ја прицврстува наметката. Што се однесува до постарите бебиња, една Нигеријка по име Блесинг рекла: „Бебињата не даваат отпор, тие цврсто се држат. Сакаат да бидат на грбот на својата мајка. Понекогаш плачат за да бидат таму. Но сепак, ако бебето се прпелка, мајката може со пазувите да го придржи едното или двете негови рачиња, сѐ додека не ја намести наметката“.
За да го потпрат вратот на оние бебиња кои се многу мали, мајките користат уште едно парче платно кое го врзуваат на ист начин како и главната наметка. За малите бебиња или за бебињата кои спијат се добива дополнителна потпора, со тоа што рачињата на бебето ќе се покријат со наметката. Постарите деца уживаат кога рачињата им се слободни.
Колку долго африканските мајки ги носат своите дечиња на грб? Во минатото, некои етнички групи, како што е Јоруба од Нигерија, ги носеле своите деца на грб сѐ до тригодишна возраст. Денес бебето добива бесплатно возење околу две години, освен ако во меѓувреме мајката не роди уште едно бебе кое ќе го заземе неговото место.
Удобно врзано за грбот на својата мајка, бебето може да оди секаде каде што оди и мајката — нагоре и надолу по скалите, преку нерамни терени, во возилата и надвор од нив. Но, освен што е практичен и ефтин начин на пренесување, носењето бебе на грб задоволува и некои важни емоционални потреби, како што е утешувањето. Мајката го става расплаканото бебе на својот грб — бебето заспива, а мајката продолжува со својата работа.
За да се премести на кревет бебето што спие на грбот, потребна е нежност бидејќи многу бебиња не сакаат да бидат вознемирувани. За да го стори тоа, мајката внимателно легнува на страна и нежно ја одврзува наметката, која сега станува ќебе. Понекогаш, за бебето да се чувствува како да е на нејзиниот грб, пред него таа потпира перниче.
Да се носи бебето на кркач има и други предности. Тоа ѝ овозможува на мајката да биде во тек со потребите на своето бебе. Ако детето е поспано, вознемирено, болежливо или мокро, таа ќе го почувствува тоа. Кркачот може да донесе и долгорочни користи. Книгата Growth and Development (Растење и развивање) изјавува: „Тесната физичка блискост во најраното детство, создава меѓу мајката и бебето една сигурна врска полна со љубов, која дава основа за меѓусебните односи во подоцнежните години. Се смета дека еден важен фактор за оваа поврзаност е фактот што детето кое се држи толку блиску до мајката, лесно може да го препознае ритамот на чукањето на нејзиното срце, токму онака како што тој или таа го чувствувале уште додека биле во мајчината утроба“.
Бебињата го сакаат блискиот контакт што го овозможува носењето на кркач. Во Африка не мора да барате долго за да видите среќни деца на грбот на својата мајка. Некои спокојно си дремат. Други, пак, си играат со мајчината коса, уши или ѓердан. Некои се придружуваат со звуци на задоволство додека мајката тивко пее во ритамот на своите чекори.
Да, африканскиот начин на превезување на бебиња обично е многу поинаков од северноамериканскиот начин. Но, секој од нив одговара на својата култура и ја постигнува својата цел.