Гледиште на Библијата
Што да сторите кога ќе ги навредите другите
НЕШТО не е во ред. Тоа едноставно го знаете. Вашиот христијански брат ве игнорира. Тој не ви кажал што го мачи, но едвај ве поздравува — и тоа само ако вие први го поздравите! Треба ли да му пристапите за да откриете што не е во ред?
‚Тоа е негов проблем‘, можеби си мислите. ‚Ако тој има нешто против мене, тогаш тој треба да дојде и да разговара со мене за тоа.‘ Точно, Библијата го охрабрува навреденото лице да преземе иницијатива да се помири со својот брат. (Спореди Матеј 18:15—17.) Но што е со виновникот? Каква одговорност, ако воопшто ја има, лежи на него?
Во својата Проповед на гората, Исус рекол: „И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па отиди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот“ (Матеј 5:23, 24). Забележете дека овие Исусови зборови се упатени до виновникот. Каква одговорност има тој за да ја расчисти работата? За да одговориме на тоа, да разгледаме какво значење имале Исусовите зборови за неговите еврејски слушатели од првиот век.
,Принесувајќи дар на жртвеникот‘
Исус овде дава една живописна слика: Еден еврејски обожавател дошол во Ерусалим на еден од годишните празници. Тој има дар — веројатно животно — кој ќе му го жртвува на Јехова.a Принесувањето жртва секако не бил некаков безначаен ритуал. Книгата Judaism—Practice and Belief (Јудаизам — Обичај и верување) објаснува: „Избирање на згоени жртви кои биле без маана, посматрање како стручните лица ги прегледуваат жртвите, шетање со нив до неколку метри од разгорениот олтар, предавање на жртвата, положување на рацете врз главата на животното, исповедање на нечистотија или на вина или, пак, некој друг начин на посветување на животното, расечување на гркланот или само држење во раката — сиве овие работи ги гарантирале значајноста и стравопочитувањето на моментот. . . . Никој кој верувал дека Бог ја заповедал целата служба . . . не можел да помине низ тоа без да биде обземен со такви чувства“.
Според тоа, Исусовите зборови во Матеј 5:23, 24 ги пренесуваат неговите слушатели во еден момент исполнет со значење и стравопочитување за еврејскиот обожавател. Еден библиски научник ја опишува сцената на следниов начин: „Обожавателот влегува во храмот; тој поминува низ низата дворови — Дворот на народите, Дворот на жените, Дворот на мажите. Зад нив се наоѓал Дворот на свештениците во кој лаикот не можел да оди. Обожавателот стои кај оградата, подготвен да ја предаде својата жртва на свештеникот; рацете му се на [главата од животното] за да се исповеда“.
Во тој пресуден момент, обожавателот се сеќава дека неговиот брат има нешто против него. Можеби неговата совест му го кажува тоа или, пак, можеби осетил од ставот што го покажува братот спрема него дека постои некакво чувство на навреда. Што треба да стори?
„Остави го дарот . . . па отиди“
„Тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот“, објаснува Исус, „па отиди.“ Зошто? Што би можело да биде поважно во тој момент од принесувањето жртва на Јехова? „Најнапред помири се со брата си“, понатаму објаснува Исус, „а потоа дојди и принеси го дарот.“ Значи, обожавателот ја остава својата жива жртва на олтарот за жртви сепаленици и оди да го бара својот навреден брат.
Затоа што е празник, навредениот брат, без сомнение, е меѓу поклониците кои се собрале во Ерусалим. Со тесни улици и збиени куќи, Ерусалим има прилично големо население. А сега уште е и празник, и градот е преполн со посетители.b
Дури и ако луѓе од истиот град патувале и логорувале заедно, да се пробиеш низ преполниот град за да пронајдеш некого би изискувало приличен напор. На пример, за време на празникот Сеници, посетителите поставувале сеници по целиот град и по патиштата и градините околу Ерусалим (3. Мојсеева 23:34, 42, 43). Сепак, еврејскиот обожавател требало да го бара својот навреден брат сѐ додека не го најде. Што потоа?
„Помири се со брата си“, вели Исус. Грчкиот израз преведен со „помири се“ доаѓа од глагол (di·al·lasʹso) што значи „,да се предизвика измена, да се промени‘ и, оттука, ‚да се помири‘“. Поради тоа што вложил значителен труд да го пронајде својот навреден брат, еврејскиот обожавател настојува да се помири со него. Потоа, вели Исус, може да се врати во храмот и да го принесе својот дар, зашто сега Бог ќе го прифати.
Според тоа, Исусовите зборови во Матеј 5:23, 24 даваат една пресудна лекција: Помирувањето или мирот доаѓаат пред жртвата. Начинот како постапуваме со сообожавателите има директно влијание врз нашиот однос со Бог (1. Јованово 4:20).
Што да сторите кога ќе ги навредите другите
Тогаш, што ако се најдете во ситуацијата опишана на почетокот од оваа статија — чувствувате дека сте навредиле некој сообожавател? Што треба да сторите?
Применувајќи го Исусовиот совет, преземете иницијатива да му пристапите на вашиот брат. Со каква цел? Да го уверите дека тој нема никаква причина зошто се чувствува навреден? Никако! Проблемот може да биде повеќе од само едноставно недоразбирање. „Помири се“, рекол Исус. Отстрани го, доколку е можно, непријателството од неговото срце (Римјаните 14:19). За таа цел, можеби ќе морате да ги признаете, а не да ги порекнувате неговите повредени чувства. Исто така, можеби ќе морате да се запрашате: ‚Што можам да сторам за да ги поправам работите?‘ Честопати, искреното извинување е сѐ што е потребно. Меѓутоа, во некои случаи, можеби на навреденото лице ќе му треба извесно време да ги разјасни своите чувства.
Но што ако и покрај постојаните напори не сте во можност да постигнете помирување? Римјаните 12:18 вели: „Ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“. На тој начин, можете да бидете уверени дека откако сте се потрудиле да се помирите, Јехова задоволно ќе го прифати вашето обожавање.
[Фусноти]
a Вообичаеното време за носење жртвени приноси биле трите сезонски празници — Пасха, Пентакост и Сеници (5. Мојсеева 16:16, 17).
b Проценките варираат што се однесува до бројот на поклониците кои за време на празниците се собирале во древниот Ерусалим. Јосиф, еврејскиот историчар од првиот век, пресметал дека скоро три милиони Евреи биле присутни за време на Пасхата (The Jewish War, II, 280 [xiv, 3]; VI, 425 [ix, 3]).