Бог ни дозволи да го најдеме
КОГА цар Давид бил спремен да му го предаде царството на својот син Соломон, тој му го дал овој совет: „Да го познаваш Бога, твојот Татко, и да Му служиш од сѐ срце и со сета душа своја, зашто Господ ги испитува сите срца и ги знае сите движења на мислите. Ако Го бараш, ќе Го најдеш; ако Го оставиш, Он ќе те остави засекогаш“ (1. Летописи 28:9).
Увидовме дека ова е вистинито во нашиот случај. Го баравме Бог и навистина го најдовме — но дури откако бевме застранувани по многу лажни патеки. Веруваме дека Јехова препозна колку силно склоностите на нашите мисли беа сосредоточени на него и на неговата служба, и дозволи да го пронајдеме. Еве како се случи тоа.
Ние бевме четворица браќа, пораснати на Флорида (САД). Нашиот татко работеше долги смени како готвач за да го издржува семејството, мајка ми беше домаќинка, а ние четирите момчиња наоѓавме работа така што косевме трева, разнесувавме весници — сѐ што би придонело за приходот на семејството. Мајка ми беше католик, а татко ми — баптист. Сите ние верувавме во Бог и во Библијата но не правевме ништо околу тоа, а в црква одевме ретко. Тоа беше во раните 70-ти, кога мирот, ѕвонарките, долгата коса и рок музиката беа на својот врв. Сето тоа имаше влијание врз нашиот живот.
Дури во 1982, ние двајцата, Скот и Стив — на возраст од 24 и 17 години — покажавме сериозен интерес за Библијата и развивавме сѐ поголема загриженост за влошените светски околности. Скот имаше свој градежен бизнис. Тоа одеше добро, па така заедно се преселивме во еден стан. Ни се здосади истата стара глетка во барот и тој начин на живот; знаевме дека некаде на друго место мора да е поубаво. Почнавме да се чувствуваме гладни за духовни работи. Нашето редовното читање на Библијата ни помогна да посакаме поголемо спознание и увид во Божјата Реч.
Во неделите почнавме да одиме во различни цркви. Во оние во кои одевме, а кои се наоѓаа близу нашиот дом во Леик Ворт (Флорида), 25 минути од неделната проповед беше во врска со давање пари. „Давајте великодушно, посегнете длабоко во вашите џебови“, ќе речеше свештеникот додека се наведнуваше преку говорничкиот пулт. Често тие ќе поминеа со послужавникот за пари по трипати на еден состанок, што доведуваше до тоа многумина да си отидат со превртени џебови. Отидовме во многу цркви, но наоѓавме само повеќе послужавници кои поминуваа за прилози, како и друштвени собири.
Предупредени во врска со Јеховините сведоци
Навистина бевме задоени со тоа за кое мислевме дека се основни библиски учења, а ние ги прифативме бидејќи учителите беа професионални теолози. Еден од часовите беше во врска со култовите во Америка, а на врвот од листата беа Јеховините сведоци. Бевме предупредени дека тие не веруваат во Исус, дека имаат своја Библија, дека не одат на небото и веруваат дека не постои никаков пекол. Сето ова, се разбира, нѐ наведе да заклучиме дека Сведоците не се во право.
До тоа време имавме силна ревност но не според точното спознание (Римјаните 10:2, НС). Сепак, знаевме што рекол Исус во Матеј 28:19, 20 — мораме да ја проповедаме добрата вест и да правиме учници. Во тоа време посетувавме една црква со 2.000 членови, наречена Библиски град, каде што бевме дел од една младинска група од 100 членови, на возраст помеѓу 17 и 30 години. Скот се обиде да ги убеди за да извршуваат некој облик на проповедање — но без успех.
Затоа, почнавме наша сопствена проповедничка кампања. Скот доби идеја да поставиме еден штанд на локалниот пазар за стари работи и да делиме трактати и Библии. Така и направивме. Отидовме до локалната „христијанска“ книжарница и купивме една добра залиха на трактати и Библии, отидовме на пазарот за стари работи, поставивме две дрвени магариња, над нив ставивме една широка шперплоча, на која ги положивме нашите трактати и Библии, обидувајќи се да станеме „извршители на словото, а не само слушатели“ (Јаков 1:22).
Како што одминуваше секоја седмица, се зголемуваа и таканаречените служби на пазарот за стари работи, при што се нудеше литература и на англиски и на шпански јазик. Исто така, имавме Библии, 30 различни видови трактати, па дури и значки за капи кои гласеа „Бог те сака“. Кратко време после тоа, Скот купи една машина за да се печатат со неа мали библиски пораки на маици — изјави како: „Дали денес ја читаше твојата Библија?“ „Дали се прашуваш зошто се смеам? Го имам Исус во моето срце“, и многу други. Една гласеше „Откровение“ со четирите јавачи на слика.
Мислевме дека со тоа што ќе се носат тие маици насекаде, даваме едно тивко сведоштво. Секоја сабота и недела, од 8.00 до 13.00 часот се појавуваа службите на пазарот за стари работи. Ако сте поминувале низ паркиралиштето и сте виделе трактати на автомобилите, тогаш — ние сме биле таму. Цела литература беше на доброволна база, иако се добиваа многу малку пари. Една година ги пресметавме годишните трошоци, и тие достигнаа преку 10.000 долари.
Среќаваме еден Јеховин сведок
Еднаш, додека се капевме на една од плажите во Бонита Спрингс, ни се приближи еден постар човек и коментираше дека ги видел налепниците на нашиот камион и ги забележал нашите маици. Тој почна да зборува за Библијата и да расудува по Писмото. Тој ја изнесе поентата од Дела 2:31, прашувајќи: Да имаше огнен пекол и да одеа таму само лошите луѓе, тогаш зошто Библијата би рекла дека Исус бил таму?“ Тој понатаму продолжи, дискутирајќи за многу други стихови. Тогаш Скот му рече: „Вие мора да сте Јеховин сведок“. Тој одговори: „Да, сум“. Потоа, Скот рече: „Вие луѓе, не верувате во Исус“. Следните 20 минути Сведокот зборуваше за Исус, но тоа не ни остави баш некаков впечаток.
Продолживме со службите на пазарот за стари работи за време на викендите. Тоа го правевме три години — цело време верувајќи дека ја имаме вистината и дека ја вршиме исправната работа. Сѐ уште ги посетувавме црквите, секоја недела навечер по една, и никогаш не бевме задоволни со ниту една од оние што ги посетивме. Ги посетивме речиси сите цркви, па така една вечер одлучивме да одиме во една од „црквите на Јеховините сведоци“, како што ги викавме. Отидовме за да им проповедаме за Исус. Ја најдовме адресата во телефонскиот именик и една недела навечер отидовме таму. Откако дознавме дека немаат состанок во недела навечер како сите други цркви, заклучивме дека тие навистина не веруваат во Исус. На натписот кој ги покажуваше термините за состаноци видовме дека имаат студија на книга во понеделник навечер. Затоа се вративме носејќи ги нашите Библии и облечени во нашите маици. Се сеќаваме дека ни требаа неколку минути за да одлучиме кои маици да ги облечеме — кои би биле добро сведоштво. Таму стигнавме малку порано и ни пријдоа неколку браќа. Тие беа срдечни и пријателски настроени. Веднаш влеговме во една длабока дискусија за Откровението. Тие нѐ поканија да останеме на состанокот. Ни ја дадоа книгата Обединети во обожавањето, па така ние седнавме.a Еден брат ја отвори студијата со молитва.
Слушавме сконцентрирано. Во заклучокот, тој рече: „Во името на Исус. Амин“. Шокирани се погледнавме еден со друг. „Дали исправно го слушнавме? Тој се помоли во името на Исус!“ Во тој момент како да ни се отворија очите и да отпаднаа дебелите лушпи. Ако нашите срца беа исправно настроени, ова беше време за да слушаме. Братот ги замоли сите да отворат кај 21. поглавје од книгата Обединети во обожавањето, кое беше за Исус и за тоа да не се биде никаков дел од светот. Не можеше да се присуствува на подобра студија. Таа беше за Исусовиот живот и служба, за последните денови и за неутралноста. Ги слушавме помладите како коментираат за многу точки кои ние воопшто не ги знаевме. Потоа, на крајот од состанокот, братот повторно се помоли во името на Исус!
Духовно се храниме
Отидовме во салата жеднувајќи за вистината, а таа беше таму, воопшто не беше далеку. Си заминавме знаејќи дека бевме духовно нахранети, па така никогаш повеќе не стапнавме в црква. Следната вечер, додека перевме во јавната пералница, до автоматот за сода забележавме огромен куп списанија Стражарска кула и Разбудете се! — најмалку 150. Никогаш пред тоа немаше да ги прочитаме, но сега ги собравме заинтересирани за многу теми.
Една од статиите прашуваше „Дали веруваш во тројство?“ Друга — „Дали навистина постои пекол?“ Во едно Разбудете се! имаше статија за ликовите. Истата ноќ Стив ја прочита статијата за тројството, многу истражуваше, ги провери сите стихови и, поради она што го научи, го разбуди Скот во 00.30 часот. Следниот ден, во среда после работа, Стив ја прочита статијата за пеколот. Тој расудуваше на темел на Јован 11:11, каде Исус рекол дека Лазар спие. Кога Стив го виде Скот, му рече: „Мојата Библија не учи дека постои огнен пекол“. Откако го прочитавме Разбудете се! за ликовите и различните видови крстови, ги фрливме оние што ги имавме во еден камион за ѓубре и посматравме сѐ додека не се изгубија. Се погледнавме еден со друг, одмавнавме со главите и се насмевнавме. Знаевме дека најдовме нешто многу извонредно — вистината.
По еден ден стигнаа две кутии. Во нив имаше 5.000 трактати кои велеа дека ако не се покаеш, ќе одиш во пеколот. Сега знаевме дека многу од овие трактати не се во согласност со библиското учење. Малку збунети, повторно присуствуваме на студија на книга во понеделник навечер и донесовме многу од нашите трактати. Прашавме: „Дали ова е во ред?“ Една вечер сите ги разгледавме. Наскоро едн куп трактати лежеа на подот — ниту еден од нив не можеше да се одржи наспроти библиското учење. Се ослободивме од сите нив. Знаевме дека нашата новопронајдена вера значеше живот и за нас и за оние на кои им проповедавме. Сакавме да избегаме за да ја проучуваме Библијата без никаква пречка.
Се преселивме на Алјаска. На нашиот прв состанок таму прашавме еден старешина дали би проучувал со нас секој ден. Ми се чини дека сите присутни нѐ слушнаа. Добро напредувавме, ја завршивме книгата Живеј засекогаш и сакавме да се крстиме на еден од дводневните конгреси.* Но моравме малку да почекаме. Наша цел беше да бидеме пионери. Неочекувано, нашиот татко се разболе, и моравме да се вратиме на Флорида за да помогнеме.
Напредуваме кон духовна зрелост
На Флорида добро напредувавме, ја завршивме книгата Обединети во обожавањето и потоа во 1987 се крстивме. Тоа беше 11 месеци откако почнавме. Веднаш станавме помошни пионери, а после 6 месеци — општи пионери. Само година и пол подоцна, обајцата бевме наименувани за слуги помошници. Две години после нашето крштавање се најдовме во служба во бруклинскиот Бетел, каде што Скот сѐ уште служи и веќе две години учи кинески. Стив сега служи во Москва (Русија) како општ пионер. Двајцата увидуваме дека вистината и потрагата по неа се токму онака како што го опишуваат тоа Изреките 2:1—5: „Синко, ако ги примиш зборовите на Моите заповеди и ги зачуваш во себеси, ако увото твое внимателно ја слуша мудроста, ако срцето твое се приклони кон размислување, ако со нив го поучиш синот твој; ако ги повикаш знаењето и разумот; ако ги бараш како сребро и ги истражуваш како ризница, — ќе го разбереш стравот Господов и ќе го најдеш знаењето за Бога“.
Како Стив заврши во Москва
Живеејќи во Њујорк, каде што знаењето додатен јазик го прави проповедничкото дело поинтересно — и размислувањето дека можеби наскоро Јехова ќе ја отвори вратата во Русија — јас решив да започнам со руски. Во тоа време, додека служев во бруклинскиот Бетел, почнав да посетувам студија на книга на руски. Имаше само една група за студија на книга на руски која се состануваше во петоците. Како што минуваше времето, почнав сѐ повеќе да се вклучувам во руската група. Ги придружував во проповедничката активност, која беше многу радосна поради срдечноста на Русите. Пишав до Службениот одбор барајќи да се преместам во руската група. Бев многу среќен кога тие се согласија со тоа.
Еден ден, на утринското обожавање во Бетелот, претседателот на Библиското и трактатно Друштво Стражарска кула, Милтон Хеншел, кажа пред семејството дека ќе има еден специјален извештај. Потоа објави дека Јеховините сведоци во Русија се легално признати и дека нашите браќа сега ќе се радуваат на слободата на обожавање. Мислам дека никој во Бетелот нема да ја заборави радоста што ја почувствувавме кога ги слушнавме тие прекрасни вести тоа утро. Во тој момент помислив дека би било голема предност да може да се биде дел од тоа пространо ново подрачје.
Почнав да се допишувам со еден брат од Русија по име Володеја, кој живее во Краснодар (Русија). Тој ме покани да ја посетам Русија. Така, во јуни 1992, си ги спакував торбите и тргнав за Москва. Кога пристигнав, бев многу среќен кога го видов брат Володеја како ме чека на аеродромот. Отседнав кај брат Стефан Левински — 45 години во вистина. Тој беше првиот Сведок што го сретнав во Москва, кој поминал многу години во затвор поради неговиот став за вистината. Гостољубивоста на браќата беше навистина прекрасна.
Така, јас бев во Москва не познавајќи го многу јазикот. Во тоа време имаше само четири собранија и ни се чинеше дека ги знаеме сите браќа. Оттогаш, обидувајќи се на различни начини, успевам да ги продолжувам моите визи. Одвреме навреме можам да работам за да ги покривам моите трошоци. Најголема потешкотија што ја имав ми беше да научам руски доволно добро за да комуницирам и духовно да се хранам на состаноците. Тоа одеше споро и, се разбира, сѐ уште работам на тоа.
Ја имав предноста да посетам многу конгреси и да бидам сведок на зачудувачкиот пораст и на рекордот во крштавања. Да се види чистата ревност на нашите браќа овде е огромно искуство кое ја зајакнува верата. Тоа не би го менувал за ништо друго. Многумина од браќата и сестрите кои ги сретнав, кои штотуку беа почнале да проучуваат или штотуку беа крстени кога дојдов, сега служат како полновремени пионери, слуги помошници или како бетелити во Солнежное, близу Ст. Петерсбург (Русија).
Собранието каде што присуствувам се полни со по 530 присутни секоја недела, и секој месец имаме во просек по 12 некрстени објавители. Последниот извештај беше 380 објавители, 3 старешини и 7 слуги помошници. Нашето собрание известува преку 486 домашни библиски студии. Во февруари 1995 имав предност да ги посетувам нашите 29 студии на книга и да одржам говор за служба. Посетував по четири групи секоја седмица. Исто така, пред секој конгрес сме многу зафатени со прашањата за кандидатите за крштавање. Во мај 1995 имавме Ден за посебен состанок каде што 30 од крстените беа од нашето собрание. Сѐ на сѐ, имаше 607 крстени со околу 10.000 присутни. На летниот обласен конгрес, меѓу 877-те крстени 24 беа од нашето собрание! Во нашето собрание имаме 13 пионери и 3 специјални пионери. Тие заедно известуваат 110 библиски студии! Во моментов имаме 132 некрстени објавители.
На нашиот Спомен во 1995 бевме 1.012 присутни! Заедницата тукушто прати во нашето собрание и еден брат од Полска, Матеш. Тој дипломирал на Школата за оспособување слуги и ќе биде од голема помош. Сега имаме тројца старешини. Затоа ќе биде формирано уште едно собрание, а нашето подрачје — близу еден милион население — ќе биде поделено на половина. Секое од двете собранија ќе има по околу 200 објавители. Едното собрание ќе има двајца старешини, а другото — еден старешина. Ни се приближува уште еден конгрес, па затоа сега ги поминуваме прашањата со 44 лица кои тогаш ќе бидат спремни за крштавање. Звучи неверојатно! Навистина духовен рај! Тоа е зачудувачки! Јеховината рака навистина дејствува. Изгледа дека неговата кола лета низ Русија во ова време. До октомври 1995, во Москва има 40 собранија. Лесно би можеле да се удвојат ако има доволно старешини.
Деновите на нашите служби на пазарот за стари работи се далечно минато. Скот е во бруклинскиот Бетел, Стив служи како старешина во едно од московските собранија — двајцата сме му толку благодарни на Јехова што ни дозволи да го најдеме. Ние се молиме уште милиони да го бараат Бог и тој да им дозволи да го најдат (Раскажале Скот и Стив Дејвис).
[Фуснота]
a Издадена од Библиското и трактатно Друштво Стражарска кула, Њујорк, инк.
[Слика на страница 26]
Скот
[Слика на страница 27]
Стив
[Слика на страница 29]
Едно московско собрание има над 530 присутни секоја недела