Зошто црквата го губи влијанието?
„Секој стоик бил стоик; но каде е христијанинот во христијанството?“
(РАЛФ ВАЛДО ЕМЕРСОН, АМЕРИКАНСКИ ЕСЕИСТ И ПОЕТ ОД XIX ВЕК).
„ЈАС сум католичка — но не активна“, објаснува една млада мајка. „Не ми е гајле за религијата“, додава еден тинејџер. Нивните коментари се типични за помладата генерација Европејци. Иако нивните родители или, поверојатно, нивните баби и дедовци сѐ уште ја посетуваат црквата, религиозното убедување не го премостило генерацискиот јаз.
Зошто се напуштени религиозните навики кои со векови биле толку драгоцени за Европејците?
Стравот повеќе не е фактор
Со векови, стравот од пеколен оган и од чистилиште вршел моќно влијание врз Европејците. Огнените проповеди и живописните црковни слики за неуништлив пекол што гори, ги убедиле лаиците дека само совесно посетување на црквата би можело да ги спаси од проклетство. Понатаму, делото Катехизам на Католичката црква наведува дека „Црквата ги обврзува верниците ‚да земат учество во божествената литургија во неделите и на празничните денови‘ “.a Во селските подрачја бил забележителен и друштвениот притисок — од секого се очекувало да биде присутен в црква во неделите.
Но времињата се промениле. Сега луѓето се чувствуваат слободни да го прават она што го сакаат. Стравот повеќе не е фактор. Пеколот полека исчезнал од дневен ред, бидејќи повеќето европски католици повеќе не веруваат во него.
Во пракса, „гревот“ да се прескокнува неделната миса не се сфаќа пресериозно. Тирсо Вакеро, католички свештеник во Мадрид (Шпанија), признава: „Ако некој христијанин [католик] не дојде на миса во недела, ние искрено жалиме, затоа што го пропуштил тој момент на комуникација со Бог и со своите браќа, а не затоа што направил некаков грев. Тоа е споредно“.
Значи, стравот повеќе не всадува предаденост. А што е со моралниот авторитет на црквата и на нејзините водачи — можат ли да бараат лојалност од своите стада?
Криза на авторитетот
Изумирањето на религиозниот страв се совпаднал со забележителното влошување на моралната положба на црквата. „Со векови имавме . . . толку многу учители за моралот, а толку малку морални учители“, се жали италијанскиот историчар Џордано Бруно Гуери. Овој недостиг на морално водство беше истакнат во двете светски војни кои го разориле христијанскиот свет. Европските цркви беа немоќни да ги спречат верниците да се вмешаат во крвавата гозба. Што е уште полошо, црквите активно се вклучија во воените сили — на двете страни.
„Првата светска војна, цивилна војна помеѓу христијанските секти, отвори еден период на трагедија и срам за христијанството“, забележува историчарот Пол Џонсон. „Втората светска војна ѝ зададе уште потешки удари на моралната положба на христијанската вера отколку Првата. Таа ја разоткри празнината на црквите во Германија, колевката на реформацијата, како и кукавичноста и себичноста на Светата столица.“
Конкордатите на Ватикан со нацистичкиот режим на Хитлер, како и со фашистичките влади на Мусолини во Италија и на Франко во Шпанија, исто така му нанесоа штета на моралниот авторитет на црквата. На крајот, религиозната цена за ваквиот политички опортунизам беше губење на веродостојноста.
Црквата и државата — одврзување на јазолот
Во текот на ХХ век, повеќето европски земји конечно го одврзаа јазолот кој ги поврзуваше црквата и државата. Всушност, ниедна поголема европска земја сега не го признава римокатолицизмот како своја службена религија.
Иако главните цркви можеби се сѐ уште финансиски помагани од државата, тие го губат политичкото влијание кое го имале некогаш. Со оваа нова реалност не се сложуваат сите свештеници. Истакнатиот шпански језуит Хозе Марија Диес-Алегриа смета дека „водачите на [Католичката] црква мислат — многу од нив најискрено — дека тие не можат да ја извршат својата пастирска должност без човечка платформа на ‚моќ‘“.
Но ваквата „човечка платформа на ‚моќ‘ “ се срушила. Оваа ситуација ја илустрира Шпанија, која имала „национално-католичка“ влада сѐ до 1975 година. Во изминатите години, шпанската хиерархија имала непрестајна битка со социјалистичката влада во врска со финансирањето на црквата. Бискупот на Теруел (Шпанија), неодамна им се жалел на своите парохијани дека се чувствува „прогонуван како католик“ бидејќи шпанската влада не ѝ дава доволна финансиска поддршка на црквата.
Во 1990, шпанските бискупи објавија дека шпанското општество е погодено од „тешка криза на совеста и на моралот“. Кого го обвиниле тие за оваа ‚морална криза‘? Бискупите тврделе дека една од главните причини бил „двосмислениот менталитет кој бил често унапредуван од јавната администрација [шпанската влада]“. Очигледно, бискупите очекуваат владата да ја унапредува католичката идеологија, а и да обезбедува парична поддршка.
Дали свештениците го практикуваат тоа што го проповедаат?
Огромното богатство на Католичката црква отсекогаш ги доведувало во непријатна ситуација свештениците кои работат во осиромашени парохии. А уште понепријатно било кога Ватиканската банка била вмешана во она што списанието Time го нарекло „најтежок финансиски скандал во повоена Италија“. Во 1987, италијански судии за прекршоци издале налози за апсење на еден надбискуп и други двајца службеници во Ватиканската банка. Меѓутоа, поради посебниот независен статус на Ватикан, обвинетите свештеници го избегнаа апсењето. Ватиканската банка упорно тврдела дека не било извршено никакво злодело, но не успеала да го избрише впечатокот дека црквата не го практикува тоа што го проповеда. (Спореди Матеј 23:3.)
Нашироко разгласеното лошо сексуално однесување направило уште поголема штета. Во мај 1992, еден ирски бискуп, добро познат по неговото залагање за целибатот, ја замолил својата бискупија да „му прости“ и „да се моли за него“. Тој бил присилен да поднесе оставка откако било обелоденето дека тој бил татко на едно 17-годишно момче и дека ги користел црковните фондови за да плаќа за неговото образование. Еден месец пред тоа, еден католички свештеник се појавил на германската телевизија со неговата „придружничка“ и нивните две деца. Тој рекол дека сака да „отвори дијалог“ во врска со тајните љубовни врски што ги одржуваат многу свештеници.
Скандалите неизбежно оставаат свој белег. Историчарот Гуери во својата книга Gli italiani sotto la Chiesa (Италијанците под црквата), тврди дека „црквата со векови ги шокирала Италијанците“. Еден резултат од тоа, вели тој, е „развојот на распространетиот антиклерикализам, дури и меѓу верниците“. Огорчените католици може да бидат предизвикани да му ги постават на своето свештенство истите прашања кои им ги поставил апостол Павле на Римјаните: „Вие, на пример, проповедате против крадењето, но дали сте сигурни во својата сопствена чесност? Вие го разоткривате практикувањето на прељуба, но дали сте сигурни во својата сопствена чистота“ (Римјаните 2:21, 22, Phillips).
Бездна помеѓу свештенството и лаиците
Еден помалку очигледен но можеби поослабувачки проблем е бездната помеѓу свештенството и лаиците. Пастирските писма од бискупите изгледа дека повеќе ги надразнуваат отколку што ги поучуваат парохијаните. Во една анкета во Шпанија, само 28 проценти од испитаниците „се согласиле со изјавите на бискупите“. На ист толкав број „не им било гајле“, а 18 проценти рекле дека „не разбираат за што тие [бискупите] зборуваат“. Надбискупот Убеда од Мајорка (Шпанија), признал: „Ние бискупите мораме да го прифатиме и нашиот удел во одговорноста во процесот на дехристијанизација — што е факт“.
Недостигот на јасна библиска порака уште повеќе ги одвраќа лаиците. Според Catholic Herald‚ „многу свештеници [во Франција] се одлучиле за политичко дејствување за да бидат ‚важни‘“, иако најголемиот дел од нивните парохијани повеќе би сакале тие да бидат сконцентрирани на духовните работи. Италијанскиот свештеник и социолог Силвано Бургаласи признава: „Можеби тие [младите луѓе] се повлекле од Бог поради нашиот лош пример. Ним им дадовме една ‚мешавина‘ од компромис, религија и бизнис, себичност и преправање“. Не е изненадувачки, свештениците го губат својот социјален статус. „Јас сум католик, но не им верувам на свештениците“ е израз кој често се слуша од шпанските католици.
Некои католици утврдуваат дека е тешко да се има доверба во свештениците, а други имаат сериозни сомненија во врска со црковната доктрина — особено оние учења кои тие ги сметаат за неразумни и непрактични.
Неразбирливи доктрини
Впечатлив пример е службеното католичко учење на темата пекол. Делото Катехизам на Католичката црква наведува: „Учењето на црквата го потврдува постоењето на пеколот и неговата вечност“. И покрај тоа, неодамнешните анкети покажуваат дека само една четвртина од француските католици и една третина од нивните шпански двојници веруваат дека постои пекол.
Исто така, кога се работи за морални прашања, Европејците се склони да бидат „направи-сам христијани“. Мими, една лутеранска тинејџерка од Шведска, смета дека моралните прашања, како што е да се има вонбрачни деца, се „нешто за кое се одлучува лично“. Повеќето француски католици би се сложиле со неа. Кога би биле соочени со важни одлуки во животот, 80 проценти рекле дека би го следеле водството на нивната совест а не водството на црквата.
Во минатото, авторитетот на црквата бил доволен да го загуши секој отпаднички глас. Од гледна точка на Ватикан, многу не се променило. Делото Катехизам непопустливо тврди дека „сѐ што е кажано во врска со начинот на толкување на Писмото конечно подлежи на судот на Црквата“. Меѓутоа, апсолутистичкиот пристап наидува на мала поддршка. „Што се однесува до авторитетот, тој владее неконтролирано“, се жали Антонио Елорза, шпански професор по политички науки. „Црквата повеќе сака да изгради еден заштитен ѕид, правејќи ја света полноважноста на нејзината традиција и покрај историјата.“ Надвор од тој „заштитен ѕид“ влијанието на црквата и на нејзиниот авторитет продолжува да опаѓа.
Освен пропаѓањето во духовен поглед, друг важен фактор кој придонесува за религиозната рамнодушност се социјалните причини. Потрошувачкото општество обезбедува куп можности за забава и рекреација — а повеќето Европејци имаат и желба и начин да ги пробаат. За споредба, одењето в црква изгледа досаден начин да се помине неделното утро. Освен тоа, црковните служби ретко се зафаќаат со духовните потреби на луѓето.
Изгледа неверојатно дека традиционалната религија ќе го поврати својот стисок над европското стадо. Дали религијата е сила од минатото — на која ѝ е судено да заврши како диносаурусот?
[Фуснота]
a Делото Катехизам на Католичката црква првпат било издадено во 1992, со намера тоа да биде службен исказ на доктрината за католиците низ целиот свет. Во воведот, папата Јован Павле II го опишува како еден „сигурен и автентичен прирачник за учење на католичката доктрина“. Последен пат еден таков универзален католички катехизам е издаден во 1566 година.
[Истакната мисла на страница 6]
Култот на слободното време ја победил срцевината на христијанскиот свет
[Слика на страница 7]
Кога се соочени со избор помеѓу проповед и сончање, повеќето Европејци без двоумење се упатуваат кон плажата