ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g96 8/10 стр. 15-17
  • Лајмова болест — дали сте во опасност?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Лајмова болест — дали сте во опасност?
  • Разбудете се! 1996
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Крлежите, дивечот и Вие
  • Симптоми и проблеми
  • Лекување и превентива
  • Што да правам ако имам сериозна болест? (Дел 3)
    Младите прашуваат
  • Трансфузија на крв — колку е безбедна?
    Како може крвта да ти го спаси животот?
  • Артритис — осакатувачка болест
    Разбудете се! 2002
  • Како да се заштитиш од заразни болести
    Разбудете се! 2016
Повеќе
Разбудете се! 1996
g96 8/10 стр. 15-17

Лајмова болест — дали сте во опасност?

ДОДЕКА СИДА-та ги зграпчува ударните наслови, Лајмовата болест едвај создава фусноти. Сепак, Лајмовата болест брзо се шири. Всушност, пред неколку години, The New York Times Magazine ја нарече „заразна болест која најбрзо се шири во [Соединетите Држави] после СИДА-та“. Извештаите од другите земји покажуваат дека болеста, исто така, се шири во Азија, Европа и Јужна Америка.

Што е Лајмова болест? Како се шири таа? Дали Вие сте во опасност?

Крлежите, дивечот и Вие

Пред околу 20 години, еден мистериозен пораст на случаи на артритис се појавил во градот Лајм (Конектикат) и во околината, кој се наоѓа во североисточниот дел од Соединетите Држави. Жртвите најмногу биле деца. Нивниот артритис започнал со осипи, главоболки и болки во зглобовите. Една жителка забележала дека наскоро нејзиниот „сопруг и две од децата се нашле на патерици“. За кратко време, повеќе од 50 луѓе биле погодени во тоа подрачје, а во рок од неколку години, илјадници страдале од истите болни симптоми.

Истражувачите, увидувајќи дека ова заболување е поинакво од другите болести, му дале име Лајмова болест. Нејзината причина? Borrelia burgdorferi — спирална бактерија која живее во крлежи. Како се шири? Шетајќи се низ шумата, човек може да собере некој инфициран крлеж. Крлежот ја продупчува кожата и во несреќниот минувач ја вметнува бактеријата која предизвикува болест. Поради тоа што овие инфицирани крлежи честопати патуваат, се хранат и се спаруваат додека се кај дивечот и поради тоа што сѐ повеќе луѓе се населуваат во рурални подрачја каде што дивечот напредува, не е чудо што се зголемува распространетоста на Лајмовата болест.

Симптоми и проблеми

Првиот симптом на Лајмова болест обично е осип на кожата (познат како еритема мигранс, или ЕМ) кој започнува како мала црвена дамка. Низ период од денови или седмици, показателната дамка се проширува во тркалест, триаголен или јајцевиден осип кој може да биде во величина на паричка или може да се прошири по целата ширина на грбот. Треска, главоболка, вкочанет врат, болки по телото и исцрпеност честопати го придружуваат осипот. Ако не се лекува навреме, повеќе од половината жртви страдаат од напади на болни и отечени зглобови, кои може да траат со месеци. До 20 проценти од пациентите кои не се лекуваат, завршуваат со хроничен артритис. Иако е помалку вообичаено, болеста може да влијае и врз нервниот систем и да предизвика срцеви проблеми. (Види ја придружната рамка.)

Многу стручњаци сметаат дека Лајмовата болест е тешка за дијагностицирање затоа што нејзините почетни симптоми, кои потсетуваат на грип, се слични на симптомите на други инфекции. Освен тоа, кај секое 4-то заразено лице не се појавува осип — единственото обележје кое е уникатно за Лајмовата болест — и многу пациенти не можат да се сетат дали биле каснати од крлеж затоа што неговиот убод обично е безболен.

Дијагнозата на болеста понатаму е спречена поради тоа што крвните анализи за антитела кои моментално се на располагање, се несигурни. Антителата во крвта на пациентот кажуваат дека имунолошкиот систем на телото открил напаѓачи, но некои тестови не можат да покажат дали тие напаѓачи се бактерии на Лајмова болест. Затоа, пациентот може да биде позитивен на тестот за Лајмова болест додека, во суштина, неговите симптоми потекнуваат од други бактериски инфекции. Според тоа, Националните институти за здравје во Соединетите Држави (National Institutes of Health — NIH) ги советуваат лекарите да ја темелат својата дијагноза врз историјата на убодот од крлеж, симптомите на пациентот и потполното исклучување на други болести кои би можеле да ги предизвикаат тие симптоми.

Лекување и превентива

Ако се дијагностицира навреме, повеќето пациенти можат успешно да бидат лекувани со антибиотици. Што поскоро ќе почне лекувањето толку побрзо и попотполно ќе биде оздравувањето. Исцрпеноста и чувството на болка можат да траат уште неколку месеци после лекувањето, но овие симптоми ќе се намалат без потреба од натамошни терапии со антибиотици. Меѓутоа, предупредува NIH, „еден напад на Лајмова болест не е никаква гаранција дека во иднина болеста ќе биде спречена“.

Дали тој вознемирувачки изглед некогаш ќе се промени? Едно новинско издание на Медицинскиот факултет на универзитетот Јејл во Соединетите Држави објавило дека истражувачите создале една експериментална вакцина која може да ја спречи Лајмовата болест. Оваа вакцина со „двојно дејство“ го стимулира човековиот имунолошки систем за да создаде антитела кои ги напаѓаат и убиваат навлезените Лајмови бактерии. Таа истовремено ги уништува и бактериите што живеат во крлежите кои каснуваат вакцинирана жртва.

„Тестирањето на оваа вакцина“, вели д-р Стивен Е. Малависта, еден од истражувачите кои ја открија Лајмовата болест во 1975 година, „е главен достиг во нашите напори да ги заштитиме луѓето од потенцијалните сериозни последици на Лајмовата болест.“ Научниците, забележува The New York Times‚ се надеваат дека во подрачјата каде што стравот од болеста ги задржало луѓето внатре, „оваа вакцина ќе помогне да ја припитоми дивината за човеково користење“.

Но, во меѓувреме, сами можете да преземете некои превентивни мерки. NIH препорачува: Ако се шетате низ подрачја кои изобилуваат со крлежи, останете во средината на патеките. Носете долги пантолони, кошули со долги ракави и шешир. Пикнете ги ногавиците од пантолоните во чорапите и носете обувки кои не откриваат ниеден дел од стапалата. Полесно е да се откријат крлежите ако се носи облека во светли бои. Средствата за уништување на инсекти кои се ставаат на облеката и на кожата се делотворни, но тие можат да создадат сериозни несакани последици, особено кај децата. „Бремените жени треба особено да внимаваат да избегнуваат крлежи во подрачјата на Лајмова болест“, предупредува NIH, „затоа што заразата може да се пренесе на нероденото дете“ и може да ја зголеми веројатноста од пометнување или мртвороденче.

Штом сте внатре, проверете се себеси и своите деца од крлежи, особено во влакнестите делови на телото. Правете го тоа внимателно затоа што недоразвиените крлежи се ситни колку точката на крајот од оваа реченица и лесно можете по грешка да ги замените со честица прав. Ако имате домашни животни, и нив проверете ги пред да влезат во куќата — и тие можат да се заразат од Лајмова болест.

Како се отстранува крлежот? Не со голи прсти, туку со тапа пинцета. Нежно, но цврсто повлечете во близината на главата на крлежот додека тој не го ослободи својот стисок на кожата, но немојте да му го стиснувате телото. Потоа, темелно избришете го со антисептик каснатото подрачје. Ако отстраните крлеж во рок од 24 часа, вели д-р Гери Вормсер, американски специјалист за заразни болести, тоа може да Ве спаси од заразување со Лајмова болест.

Се разбира, дури и во подрачјата преплавени со крлежи, шансата да се добие осакатувачката Лајмова болест е мала. Сепак, преземањето на овие едноставни мерки на претпазливост ќе ја направи таа шанса уште помала. Дали овие заштитни средства се вредни за труд? Прашајте го секој кој страда од Лајмова болест.

[Рамка на страница 15]

Знаци на Лајмова болест

Почетно заразување:

○ Осип

○ Болки во мускулите и зглобовите

○ Главоболка

○ Вкочанет врат

○ Значителна исцрпеност

○ Треска

○ Парализа на лицето

○ Менингитис

○ Кратки периоди на болка во зглобовите и отеченост

Помалку вообичаени:

○ Воспаление на очите

○ Вртоглавица

○ Недостиг на воздух

Подоцнежна инфекција:

○ Артритис, повремен или хроничен

Помалку вообичаени:

○ Губење на памтењето

○ Потешкотии со концентрацијата

○ Промена на расположението или навиките на спиење

Еден или повеќе од овие симптоми можат да бидат присутни во различно време во текот на инфекцијата [Lyme Disease​—The Facts, the Challenge (Лајмова болест — фактите, предизвикот), издадена од Националните институти за здравје].

[Слика на страница 16]

Една прошетка низ шумата може да Ве стави во опасност

[Слика на страница 17]

Крлеж (многу увеличен)

[Извор на слика]

Медицински факултет Јејл

[Слика на страница 17]

Крлеж (вистинска големина)

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели