ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g96 8/10 стр. 18-23
  • Бев одметник

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Бев одметник
  • Разбудете се! 1996
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Зошто станав одметник
  • Активност на одметник
  • Затворање и осудување
  • Дознавање на библиските вистини
  • Противење од капеланот
  • Сала на Царството в затвор
  • Крстен в затвор
  • Правење ученици в затвор
  • Прилики на голема радост
  • Единствена надеж за правда
  • Наградувачки живот
  • „Вие го променивте мојот впечаток за Јеховините сведоци“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1999
  • Од разрикан лав до кротко јагне
    Разбудете се! 1999
  • Од политички активист до неутрален христијанин
    Разбудете се! 2002
  • Приказни за верата од еден историски затвор
    Разбудете се! 2002
Повеќе
Разбудете се! 1996
g96 8/10 стр. 18-23

Бев одметник

БЕШЕ тоа 1 мај 1947, на Сицилија. Околу 3.000 луѓе, вклучувајќи жени со бебиња, беа собрани во еден планински премин за годишната прослава на Денот на работниците. Не беа свесни за опасноста што се криеше во блиските ридови. Можеби сте прочитале или дури сте гледале филмови за трагедијата што следеше. Масакрот беше наречен Колежот кај Портела дела Џинестра, кој остави 11 мртви и 56 ранети лица.

Иако јас не учествував во оваа трагедија, навистина припаѓав на групата сепаратисти кои беа одговорни за неа. Нивни водач беше Салваторе Џулијано, со кого пораснав во селото Монтелепре. Тој беше само една година постар од мене. Во 1942, кога имав 19 години, бев регрутиран да служам во војската, за време на II светска војна. Една година пред тоа се вљубив во Вита Мотизи и се оженив со неа. На крајот, имавме три сина; првиот беше роден во 1943 година.

Зошто станав одметник

Во 1945, годината кога заврши II светска војна, ѝ се придружив на западната дивизија на Доброволната армија за сицилијанска независност (ЕВИС). Тоа беше паравоен огранок на сепаратистичката политичка партија, позната како Движење за независност на Сицилија (МИС). Салваторе Џулијано, веќе бегалец, беше наименуван од вишите чинови на ЕВИС и МИС да ја преземе командата над нашата дивизија.

Тој и јас бевме обединети во љубовта кон нашиот остров Сицилија и кон нашиот народ. И бевме гневни поради неправдите што ги чувствувавме. Затоа, ја прифатив целта на бандата на Џулијано — да се анексира Сицилија кон Соединетите Американски Држави како нивна 49-та држава. Имаше ли причина да веруваме дека тоа е можно? Навистина имаше, бидејќи службениците на МИС нѐ уверуваа дека имаат блиска врска со Вашингтон, Д.Ц. и дека претседателот на Соединетите Држави, Хари С. Труман, беше за една таква анексија.

Активност на одметник

Работата на мојата група се состоеше главно од киднапирање истакнати личности и нивно држење за откуп. На тој начин набавувавме средства за да ги купиме потребните залихи. Ниту еден од оние што беа киднапирани, а кои ги нарекувавме „наши гости“, никогаш не беше повреден. Кога ги ослободувавме, им дававме признаница да ја искористат како надомест на парите за откуп што ги примавме. Им кажувавме дека признаницата би можеле да ја искористат за да си ги повратат своите пари откако ќе извојуваме победа.

Јас учествував во околу 20 киднапирања, како и во некои воени напади на касарни на Карабинерите — народна воена полициска сила. Но, среќен сум што можам да кажам дека никогаш не сум убил никого. Нашите сепаратистички напади кулминираа во непромислена акција во селото Портела дела Џинестра. Неа ја организираа околу дванаесеттина мажи од групата на Џулијано и беше насочена против Комунистичката партија.

Иако убивањето на обичниот народ — вклучувајќи соседи и приврзаници — не беше со умисла, луѓето кои нѐ поддржуваа и се чувствуваа заштитени од нас, мислеа дека сме ги изневериле. Оттогаш па натаму, потерата по одметниците од бандата на Џулијано беше непрестана. Откако ѝ беа поткажани на полицијата, многумина од моите другари беа фатени. На 19 март 1950, упаднав во една стапица и бев уапсен. А тоа лето беше убиен и Џулијано.

Затворање и осудување

Во затворот во Палермо, каде што ме држеа за време на судењето, тагував поради тоа што бев одвоен од мојата млада сопруга и трите сина. Сепак, желбата да се борам за она што јас мислев дека е исправно, ме заштити од тотален очај. За да си го исполнам времето, почнав да читам. Една книга ми ја разгоре желбата да ја читам Библијата. Тоа беше автобиографијата на Силвио Пелико, еден Италијанец кој бил затворен поради политички причини, во текот на XIX век.

Пелико напишал дека во затворот секогаш имал со себе речник и Библија. Иако моето семејство и јас бевме римокатолици, навистина немав слушнато ништо за Библијата. Затоа, од властите побарав да добијам еден примерок. Ми рекоа дека тоа е забрането, но ми дадоа примерок од Евангелијата по Матеј, Марко, Лука и Јован. Подоцна, можев да добијам примерок од целата Библија, која сѐ уште ја чувам како скап спомен.

Конечно, во 1951, почна моето судење во Витербо, близу Рим. Траеше 13 месеци. Бев осуден на две доживотни робии плус 302 години затвор! Тоа значеше дека никогаш нема да излезам жив од затвор.

Дознавање на библиските вистини

Кога се вратив во затворот во Палермо, ме ставија во еден оддел каде што беше затворен и еден член на нашата група, кој беше братучед на Џулијано. Него го уапсија три години пред мене. Претходно, тој во затворот запознал еден Јеховин сведок од Швајцарија кој му зборувал за извонредните библиски ветувања. Човекот бил уапсен со некој друг Сведок од Палермо додека ја проповедале добрата вест за Божјето Царство (Матеј 24:14). Подоцна ми беше кажано дека неговото апсење било подбуцнато од членови на свештенството.

И покрај моите незаконски активности, верував во Бог и во учењата на црквата. Затоа, бев вчудовиден кога дознав дека почитувањето на таканаречените светци е небиблиско и дека една од Десетте заповеди забранува употреба на ликови при обожавањето (2. Мојсеева 20:3, 4). Се претплатив на списанијата Стражарска кула и Разбудете се! кои ми станаа многу скапоцени. Не разбирав сѐ што читав, меѓутоа колку повеќе читав толку повеќе чувствував потреба да избегам, но не од затвор, туку од затворот на религиозната лага и духовното слепило.

Со текот на времето сфатив дека, за да му угодам на Бог, морам да ја соблечам мојата стара личност и да облечам нова — личност која е кротка и слична на личноста на Христос Исус (Ефесјаните 4:20—24). Мојата промена одеше постепено. Сепак, речиси веднаш почнав да правам нешто во корист на другите затвореници и се обидов да им зборувам за прекрасните работи што ги учев. Така, во 1953 за мене започна еден радосен период. Но, имаше препреки.

Противење од капеланот

Шест месеци откако се претплатив на Стражарска кула и Разбудете се! нивната испорака беше прекината. Отидов кај цензорот на поштата на затворениците и му ја изнесов работата. Тој ми рече дека испораката ја суспендирал затворскиот капелан.

Побарав да го видам капеланот. За време на нашата дискусија му го покажав она малку што го знаев од Библијата, вклучувајќи и такви стихови како што се 2. Мојсеева 20:3, 4 и Исаија 44:14—17, во врска со употребата на ликови при обожавањето. Исто така, му ги прочитав Исусовите зборови запишани во Матеј 23:8, 9 да ‚не го викаме татко никого на земјата‘. Разлутен, тој одговори дека јас не можам да ја разберам Библијата бидејќи сум прост човек.

Беше добро тоа што јас веќе бев почнал да ја менувам мојата личност — инаку, не знам што сѐ можев да направам. Останувајќи смирен, му одговорив: „Да, точно е; јас сум прост. Но, Вие сте изучувале и не сте направиле ништо за да ме поучите за библиските вистини“. Капеланот одговори дека, за да добивам литература од Јеховини сведоци, би морал да поднесам барање до Министерството за правда за да се откажам од католичката религија. Веднаш го сторив тоа, но барањето не беше одобрено. Меѓутоа подоцна, можев да се регистрирам како Јеховин сведок и можев повторно да ги добивам списанијата. Но морав да бидам многу упорен.

Сала на Царството в затвор

Извесно време од директорот на затворот барав работа за да можам да заработам пари и да му пратам на моето семејство. Тој секогаш ќе ми речеше дека ако би ми дал работа мене, тогаш би морал да им даде работа и на другите, а тоа не е можно. Но, утрото на 5 август 1955, директорот ми кажа една радосна вест — треба да преземам работа како службеник во затворот.

Мојата работа ми овозможи да стекнам почитување од затворскиот директор, кој љубезно ми даде дозвола да користам еден склад за да одржувам состаноци за проучување на Библијата. Така, во 1956, користејќи го дрвото од исфрлените витрини за досиеја, направив клупи за она што можеше да се смета за Сала на Царството, како што се нарекуваат местата за состанување на Јеховините сведоци. Таму се состанувавме секоја недела со другите цимери, а најголемиот број присутни што го достигнавме на нашите библиски дискусии беше 25.

Со текот на времето, капеланот ги откри состаноците кои ги одржував, и збесна. Поради тоа, летото 1957 бев префрлен од Палермо во казнено-поправниот дом Порто Азуро на островот Елба. Ова место беше на ужасен глас.

Крстен в затвор

Кога пристигнав, ме ставија во самица 18 дена. Таму не ми беше дозволено да ја држам ниту мојата Библија. Подоцна, повторно напишав барање до Министерството за правда да ми биде дозволено да се откажам од католичката религија. Меѓутоа, овојпат побарав помош од канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Рим. После десет месеци дојде долгоочекуваниот одговор. Министерството ја призна мојата промена на религијата! Ова не само што значеше дека можам да имам Библија, списанија и друга библиска литература туку значеше дека би можел да бидам и редовно посетуван од некој верски слуга на Јеховините сведоци.

Мојата радост беше безгранична кога ја имав првата посета од Џузепе Романо, кој беше од канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Италија. Со дозвола од затворските службеници, беа направени подготовки за да можам конечно да го симболизирам моето предание на Јехова со крштавање во вода. На 4 октомври 1958, во присуство на директорот на затворот, командирот кој беше одговорен за дисциплина и други службеници, брат Романо ме крсти заедно со еден цимер, во едно огромно буре кое служеше за полевање на затворската градина.

Иако речиси секогаш можев да ја проучувам Стражарска кула со другите цимери, годишниот Спомен на Христовата смрт морав да го прославувам сам во мојата ќелија, бидејќи оваа прослава се одржуваше после заоѓање на Сонцето. Ќе ги затворев очите и ќе се молев, замислувајќи дека сум собран со другите Сведоци.

Правење ученици в затвор

Во 1968 бев префрлен во затворот во Фосомброне, во провинцијата Песаро. Таму се радував на добрите резултати од зборувањето со другите за библиските вистини. Работев во амбуланта, каде што ми беше лесно да најдам прилики да сведочам. Особено беше радосно да се види напредокот на еден цимер, Емануеле Алтавила. После два месеца проучување, тој увиде дека мора да го примени советот од Дела 19:19 и да ја уништи својата книга со магични вештини. Подоцна, Емануеле стана Јеховин сведок.

Следната година бев преместен во затворот на островот Прочида, токму наспроти заливот од Неапол. Поради доброто однесување, повторно бев доделен во амбулантата. Таму го запознав Марио Морено, еден цимер кој беше закоравен католик. И тој имаше одговорна положба, работејќи во одделот за сметководство.

Една вечер Марио ми побара нешто за читање и јас му ја дадов книгата Вистина која води до вечен живот.a Тој веднаш ја разбра важноста на она што го читаше и започнавме библиска студија. Марио престана да ги пуши неговите три кутии цигари на ден. Освен тоа, увиде дека мора да се однесува чесно дури и во работата со сметководството, што ја вршеше во затворот. Почна да ѝ сведочи на неговата свршеница, која исто така ги прифати библиските учења. Кратко после тоа, тие се венчаа во затворот. Сопругата на Марио се крсти на еден конгрес во Неапол, 1975 година. Нејзината радост беше голема кога слушна дека и нејзиниот сопруг се крстил истиот ден во затворот!

Ми беа дозволени седмични разговори со Сведоците кои ме посетуваа на Прочида. Исто така, ми беше дозволено да подготвам оброци за да ги поделам со нив во салата за посетители. Можеше да бидат присутни најмногу десетмина во исто време. Кога нѐ посетуваа патувачките надгледници на Јеховините сведоци, добивав дозвола да ги прикажувам нивните презентации со дијапозитиви. Еднаш го имав задоволството да водам студија на Стражарска кула за време на посетата од 14 Сведоци. Изгледа дека властите имаа потполна доверба во мене. Одредени денови, кон приквечер, одев да проповедам од ќелија до ќелија.

Во 1974, откако поминав 24 години во различни затвори, ме посети еден судија кој ме охрабри да поднесам молба за помилување. Јас сметав дека не е прикладно да го направам тоа, затоа што тоа би можело да укаже на вмешаност во колежот во Портела дела Џинестра, а јас не учествував во него.

Прилики на голема радост

Во 1975, еден нов закон даде можност за издавање дозволи за излез од затворот. Така, имав можност да присуствувам на мојот прв конгрес на Јеховини сведоци во градот Неапол. Уживав пет незаборавни денови, во кои запознав повеќе христијански браќа и сестри отколку што сум видел пред тоа.

Она што ми донесе посебна радост беше тоа што, после толку многу години, конечно бев повторно обединет со моето семејство. Мојата сопруга Вита ми остана верна, а моите три сина сега веќе беа млади мажи во своите 20-ти и 30-ти години.

Следната година — во која се радував што повеќепати добив излез од затворот — ми беше предложено да дадам молба за ослободување од затвор. Во извештајот за моето условно ослободување, судијата предложи мојата молба да биде прифатена. Тој напиша: „Без страв од противречност, може да се рече дека Манино, во споредба со крвожедниот младич кој ги спроведуваше одредбите на Џулијано, денес е друг човек; тој е целосно непрепознатлив“.

Со текот на времето, затворските власти на Прочида побараа помилување за мене. Конечно, помилувањето беше дадено и, на 28 декември 1978, бев ослободен од затвор. Колкава само радост беше после повеќе од 28 години затвор да се биде слободен човек!

Единствена надеж за правда

Како киднапер под командата на Салваторе Џулијано, се борев за она за кое верував дека ќе му донесе вистинска слобода на моето семејство и на моите сонародници. Сепак, од Библијата дознав дека без оглед на тоа колку и да се луѓето искрени, тие никогаш не можат да ја донесат правдата која толку искрено ја сакав како млад човек. Благодарен сум што библиското спознание ми помогна да видам дека само Божјето Царство во рацете на неговиот Син, Исус Христос, може да донесе ослободување од неправдата, што е очајнички потребно (Исаија 9:6, 7; Даниил 2:44; Матеј 6:9, 10; Откровение 21:3, 4).

Многу весници ја документираа промената на мојата личност, за која е заслужно таквото библиско спознание. На пример, весникот Paese Sera го цитираше затворскиот управник на Прочида, со зборовите: „Доколку сите затвореници беа како Франк, затворите би исчезнале; неговото однесување беше беспрекорно, тој никогаш не се караше и никогаш не доби дури ни најмала опомена“. Друг весник, Avvenire‚ рече: „Тој е модел на несекојдневен затвореник. Неговото рехабилитирање е над сите очекувања. Тој има почитување кон институциите и затворските службеници и поседува извонредна духовност“.

Наградувачки живот

Од 1984 служам во едно собрание на Јеховините сведоци како старешина и како пионер, како што се наречени полновремените слуги. Во 1990 ми телефонираше еден затворски чувар, со кого го споделив библиското спознание пред 15 години, за да ми каже дека тој и целото негово семејство станале Јеховини сведоци.

Но, моето најсреќно доживување настапи во јули 1995. Таа година ја имав големата радост да присуствувам на крштавањето на мојата драга сопруга Вита. После толку многу години, таа ги направи библиските учења своја сопственост. Можеби и моите три сина, кои засега не ја делат мојата вера, еден ден ќе го прифатат она што го дознав од Божјата Реч.

Моите искуства во помагањето на другите да ги дознаат библиските вистини, ми донесоа неспоредливо задоволство. Колку е наградувачки да се поседува спознанието што води до вечен живот и да се биде во можност да се споделува со искрените луѓе! (Јован 17:3). (Раскажал Франк Манино.)

[Фуснота]

a Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

[Слика на страница 18]

Планинскиот премин покрај Сицилија каде што се случи колежот

[Слика на страница 19]

Кога се венчавме, 1942

[Слика на страница 21]

Често ги споделував библиските вистини со затворските чувари

[Слика на страница 23]

Со мојата сопруга

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели