Преземете контрола над Вашиот живот сега!
НАУЧНОТО истражување на човечкото однесување и мотивација ни користело на многу начини. Можеби ни помогнало да се бориме со некоја болест врз основа на тоа што сме имале потемелно разбирање за неа. Истовремено, мудро е да се биде претпазлив кога станува збор за сензационални теории, особено оние кои се чини дека се спротивни на добро утврдените начела.
Во врска со темата за генетика и однесување, се покренуваат прашањата: Можеме ли да ги повлечеме своите одговорности и да не прифаќаме никаква вина за своите постапки? Можеме ли да се изговараме или дури да обвинуваме некој или нешто друго за каква и да била непромисленост или престапување, и на тој начин да им се придружиме на сѐ поголемите броеви во оваа „не сум јас“ генерација? Никако. Повеќето луѓе спремно ја прифаќаат заслугата за секакви успеси во животот, па тогаш зошто не би биле подеднакво спремни да прифатат и одговорност за своите грешки?
Според тоа, би можеле да прашаме: Што има да каже Божјата Реч, Светото писмо, во врска со тоа кој или што го контролира нашиот живот денес?
Кое е гледиштето на Библијата?
Првото нешто што треба да го признаеме е дека сите ние сме родени во грев наследен од нашите првобитни родители Адам и Ева (Псалм 50:5). Освен тоа, ние живееме во едно посебно време, наречено ‚последни денови‘, кога луѓето доживуваат „критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“ (2. Тимотеј 3:1, НС). Тоа покажува дека, општо земено, ние наидуваме на повеќе проблеми во користењето на здрава контрола над нашите животи отколку нашите претци.
Сепак, сите луѓе се лица со слободна волја и тие можат да направат сопствен личен избор. До таа мерка тие имаат контрола над своите животи. Тоа било така уште од дамнешни времиња, а може да се види од зборовите на Исус Навин упатени до израелската нација: „Одберете си сега, кому да му служите“ (Исус Навин 24:15).
Библијата признава дека Сатана Ѓаволот бил исфрлен од небото и сега, повеќе од кога и да е порано, врши силно влијание на лошо врз целиот човечки род. Таа исто така ни кажува дека, дури и во деновите на апостол Јован, целиот свет лежел во моќта на злобниот (1. Јованово 5:19; Откровение 12:9, 12). Меѓутоа, исто како што Семоќниот Бог не ја контролира секоја наша постапка или не нѐ предодредува до некој крај кој само тој го знае, не треба да ја фрламе вината директно врз Сатана за секоја наша грешка или неуспех. Урамнотежената библиска вистина е дека „секого го искушува неговата похот, која го влече и мами. Потоа похотта, откако ќе се зачне, раѓа грев“ (Јаков 1:14, 15). Апостол Павле ги напишал овие инспирирани зборови: „Не лажете се: Бог не позволува да биде поруган. Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее“ (Галатјаните 6:7).
Значи, Јехова Бог нѐ смета лично одговорни за нашите постапки. Мораме да бидеме внимателни да не се обидуваме да се оправдуваме себеси поради нашиот генетски состав и наследени несовршености. Бог ја сметал за одговорна насилната, хомосексуална заедница на древните Содом и Гомор заради нивните расипани постапки. Очигледно, тој не ги сметал жителите за бедни и несреќни суштества кои поради некаква наводна генетска маана не можеле а да не бидат злобни. На сличен начин, луѓето кои живееле во деновите на Ное вршеле многу лоши влијанија околу нив; сепак, морале да направат избор, лична одлука, ако сакале да го преживеат потопот кој наскоро требало да се случи. Малкумина направиле исправен избор. Повеќето не избрале исправно.
Хебрејскиот пророк Језекиил потврдува дека се бара лична контрола ако сакаме да заслужиме Божја милост: „Ако го опоменеш беззаконикот и тој не се откаже од беззаконието свое и од грешниот свој пат, беззаконикот ќе умре во беззаконието свое, а ти ќе си ја спасиш душата своја“ (Језекиил 3:19).
Најдобрата достапна помош
Се разбира, на сите ни е потребна помош за да покажуваме лична контрола во нашиот секојдневен живот, но за многумина од нас тоа е вистински предизвик. Сепак, не мора да очајуваме. Иако нашите наследени грешни склоности се неприфатливи за Бог, ако сакаме да го промениме нашето однесување, тој ќе ни ја даде најдобрата достапна помош — неговиот свет дух и неговата инспирирана вистина. И покрај какви и да било генетски предиспозиции кои можеби ги имаме и какви и да било надворешни влијанија кои можеби нѐ погодуваат, ние можеме ‚да го соблечеме стариот човек со неговите дела, и да се облечеме во новиот, кој се обновува во познанието, според образот на својот Создател‘ (Колосјаните 3:9, 10).
Многу христијани во коринтското собрание направиле драматични промени во своето однесување. Инспирираниот извештај ни кажува: „Ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубодејците, ниту ракоблудците, ни мажеложниците, ниту крадците, ни користољупците, ни пијаниците, ниту хулниците, ни грабачите нема да го наследат царството Божјо. А такви беа и некои од вас; туку се измивте, се осветивте, се оправдавте во името на нашиот Господ Исус Христос преку Духот на нашиот Бог“ (1. Коринтјаните 6:9—11).
Затоа, ако ние се бориме со своите несовршености, да не дозволиме да им се предаваме. Многу денешни христијани докажале дека со Јеховина помош биле во можност да ‚се преобразат со променување на нивниот ум, за да можат преку испитување да утврдат што е добрата и прифатлива и совршена Божја волја‘. Тие ги хранат своите мисли со сѐ што е вистинито, праведно, чисто, вредно за љубов, доблесно, вредно за пофалба; и ‚понатаму размислуваат за тие работи‘. Тие земаат цврста духовна храна и преку нејзиното користење ја извежбале својата прониклива моќ, да распознаваат и исправно и погрешно (Римјаните 12:2; Филипјаните 4:8; Евреите 5:14, сите НС).
Охрабрувачки е да се знае за нивните борби, за нивните привремени неуспеси и за нивниот конечен успех со помош на Божјиот свет дух. Бог нѐ уверува дека во менувањето на нашето однесување честопати е вклучено срцето и неговата желба: „Кога мудроста ќе влезе во срцето твое, и знаењето ќе ѝ биде пријатно на душата твоја, тогаш расудувањето ќе те брани, разумот ќе те чува, за да те спаси од лош пат“ (Изреки 2:10—12).
Затоа, ако сакате вечниот живот да го направите Ваша цел — живот без неволјите од злобниот свет и ослободен од изнемоштувачките несовршености — „напрегајте се“ да преземете контрола над Вашиот живот сега и да бидете водени од небесната мудрост (Лука 13:24, НС). Користете ја помошта од Јеховиниот свет дух за да можете да го дадете плодот самосовладување. Нека биде желба на Вашето срце да го доведете Вашиот живот во согласност со Божјите закони, и внимавајте на советот: „Од сѐ, што е за пазење, најмногу чувај го срцето свое, зашто од него се изворите на животот“ (Изреки 4:23). Да се добие „вистинскиот живот“ во Божјиот нов свет — во кој Јехова Бог ќе поправи секакви генетски недостатоци врз основа на верата во откупната жртва на Исус Христос — вредно е за сите напори што ги правите да го контролирате Вашиот живот во овој свет! (1. Тимотеј 6:19, НС; Јован 3:16).
[Слика на страница 9]
Проучувањето на Библијата може да ни даде сила да совладаме длабоко вкоренети слабости
[Слика на страница 9]
Библиската студија може да ни помогне да останеме верни на Божјите морални мерила