Разоткривање на корењата на погрдниот говор
„Од преполнето срце прикажува устата“ (МАТЕЈ 12:34).
ПРЕД околу два милениума, Исус Христос ги изјавил горните зборови. Да, зборовите на една личност честопати ги одразуваат нејзините најдлабоки чувства и мотиви. Тие можат да бидат вредни за пофалба (Изреки 16:23). Од друга страна, можат да бидат подмолни (Матеј 15:19).
Во врска со својот брачен другар, една жена рекла: „Тој знае да се разлути неочекувано, и животот со него честопати е како да одиш низ минско поле — никогаш не знаеш што ќе го предизвика да избувне“. Ричард опишува слична ситуација со својата сопруга. „Лидија секогаш е подготвена за борба“, вели тој. „Не само што зборува; таа напаѓа на еден воинствен начин, вперувајќи го прстот во мене како да сум дете.“
Се разбира, можат да избувнат расправии дури и во најдобрите бракови, и сите сопрузи и сопруги кажуваат работи за кои подоцна се каат (Јаков 3:2). Но погрдниот говор во бракот е нешто повеќе од тоа; тој вклучува понижувачки и критички говор кој служи за да господари со или да го контролира сопружникот. Понекогаш, навредливот говор се крие зад маската на благост. На пример, псалмистот Давид опишал еден човек кој бил милозвучен, а сепак однатре злобен: „Зборовите на неговата уста се помазни од путер, но неговото срце е наклонето за борба. Неговите зборови се помеки од масло, но тие се испружени мечови“ (Псалм 55:21, НС; Изреки 26:24, 25). Без разлика дали однадвор е злобен или прикриен, грубиот говор може да го уништи бракот.
Како започнува
Што предизвикува некој да користи погрден говор? Општо земено, употребата на таквиот говор води потекло од она што некој го гледа и слуша. Во многу земји, сарказмот, навредите и омаловажувањата се сметаат за прифатливи, па дури и за хумористични.a Особено сопрузите можат да паднат под влијание на медиумите, кои честопати „вистинските“ мажи ги прикажувале како доминантни и агресивни.
Слично на тоа, многумина кои користат омаловажувачки говор израснале во домови каде што редовно имало излив на гнев, огорченост и презир на родителот. На тој начин, тие уште на рана возраст сфатиле дека ваквиот вид однесување е нормално.
Едно дете кое е одгледано во таква средина може да научи повеќе отколку само начинот на изразување; тој може и да присвои искривено гледиште за себеси и за другите. На пример, ако грубиот говор му е упатен на детето, тоа може да порасне со чувството на безвредност, па дури и да биде гневно. Но што ако детето напросто го наслушне татко му како со зборови ја малтретира мајка му? Дури и ако детето е многу мало, тоа може да го присвои презирот на својот татко спрема жените. Едно момче може од однесувањето на таткото да научи дека мажот мора да ги контролира жените и дека за да стекне контрола над нив, мора да ги заплашува или повредува.
Гневен родител може да одгледа гневно дете кое, пак, може да порасте во „господар на гневот“ кој извршува „многу престапи“ (Изреки 29:22, НС, фуснота). Според тоа, наследениот говор што повредува може да се пренесе од една генерација на друга. Со добра причина, Павле ги советувал татковците: „Не дразнете ја челадта своја“ (Колосјаните 3:21). Според Theological Lexicon of the New Testament, значајно е тоа што грчкиот збор преведен со ‚дразне‘ може да ја носи смислата на „подготвување и поттикнување на борба“.
Се разбира, родителското влијание не оправдува другите да бидат напаѓани, било вербално или на некој друг начин; но помага да се објасни како една склоност кон груб говор може да стане длабоко вкоренета. Еден млад човек можеби нема физички да ја повреди својата сопруга, но дали ја повредува со своите зборови и со својата промена на расположението? Самоиспитувањето може некому да открие дека тој го присвоил татковиот презир спрема жените.
Очигледно дека горните начела можат да важат и за жените. Ако мајката вербално го повредувала својот сопруг, ќерката може да се однесува кон својот сопруг на истиот начин кога таа ќе се омажи. Една библиска изрека вели: „Подобро е да живееш во пуста земја отколку со жена со остар јазик и лута“ (Изреки 21:19, The Bible in Basic English). Сепак, мажот треба особено да биде внимателен во овој поглед. Зошто?
Моќта на угнетувачите
Сопругот обично има поголема моќ во бракот отколку сопругата. Тој скоро секогаш е физички посилен, со што секакви заканувања за физичка повреда стануваат уште позастрашувачки.b Покрај тоа, мажот честопати има подобри работни вештини, повеќе независни вештини за заработување за живот и поголеми финансиски добивки. Поради тоа, една жена која е вербално малтретирана веројатно ќе се чувствува фатена во стапица и осамена. Таа може да се согласи со изјавата на мудриот цар Соломон: „Се свртив и ги видов сите неправди, што стануваат под сонцето; и ете, солзите на онеправданите, а утешител немаат; силата е во рацете на клеветниците, а закрилник нема“ (Проповедник 4:1).
Сопругата може да биде збунета ако нејзиниот сопруг оди во крајности — еден момент учтив, а следниот критички настроен. (Спореди Јаков 3:10.) Освен тоа, ако нејзиниот сопруг се грижи за материјалните работи на еден задоволителен начин, сопругата која е мета на груб говор може да се чувствува виновна затоа што мисли дека нешто не е во ред со бракот. Може дури и себеси да се обвинува за однесувањето на својот сопруг. „Исто како една физички тепана сопруга“, признава една жена, „секогаш мислев дека јас бев причината за тоа.“ Една друга сопруга вели: „Бев наведена да верувам дека би нашла мир само кога би се трудела повеќе да го разберам и да ‚бидам пострплива‘ со него“. За жал, малтретирањето честопати продолжува.
Навистина е трагично тоа што многу сопрузи ја злоупотребуваат својата моќ на тој начин што владеат над жената за која се заколнале дека ќе ја сакаат и ценат (1. Мојсеева 3:16). Што може да се стори во таква ситуација? „Не сакам да си заминам“, вели една сопруга, „само сакам да престане да ме навредува.“ После девет години брак, еден сопруг признава: „Сфаќам дека во нашиот однос има вербално навредување и дека јас сум тој што навредува. Секако дека сакам да се променам, а не да си заминам“.
Постои помош за оние чиј брак е погоден од говор кој повредува, како што ќе покаже следната статија.
[Фусноти]
a Истото очигледно било случај во првиот век. The New International Dictionary of New Testament Theology забележува дека „за Гркот една од уметностите на животот била да знае како да ги навредува другите или како да ги поднесува навредите упатени до него“.
b Вербалната агресија може да биде скалило кон куќното насилство. (Спореди 2. Мојсеева 21:18.) Една советничка за претепани жени вели: „Секоја жена која доаѓа поради законска заштита од тепањето, бодежите или давењето кои го загрозуваат нејзиниот живот, покрај тоа имала долга и болна историја на нефизичка злоупотреба“.
[Истакната мисла на страница 6]
Трагично е тоа што многу сопрузи ја злоупотребуваат својата моќ така што владеат над жената за која се заколнале дека ќе ја сакаат и ценат
[Слика на страница 7]
Врз детето влијае начинот како неговите родители постапуваат еден спрема друг