ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g97 8/3 стр. 23-27
  • Музиката, дрогата и пиењето беа мојот живот

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Музиката, дрогата и пиењето беа мојот живот
  • Разбудете се! 1997
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Предизвиците на растењето
  • Воена служба во Виетнам
  • Борба да се прилагодам на цивилниот живот
  • Опасен начин на живот
  • Многу прашања, малку одговори
  • Враќање кај сопствениот народ
  • Библијата менува животи
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
  • Кое е местото на музиката?
    Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2
  • Библијата менува животи
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
  • „Повеќе не му робувам на насилството“
    Библијата менува животи
Повеќе
Разбудете се! 1997
g97 8/3 стр. 23-27

Музиката, дрогата и пиењето беа мојот живот

ЈАС сум домороден Американец. Татко ми, кој почина пред четири години, беше Чипева, од Шугар Ајленд (Мичиген, САД). Мајка ми, од Онтерио (Канада), е од индијанските народи Отава и Оџибва. Преку татко ми, јас сум член на племето Со Сент Мари на Чипева Индијанците. Поради влијанието на католичката мисија и интернатските училишта, бевме воспитани како католици, што подразбираше посетување миса секоја недела.

Моето детство во индијанскиот резерват беше едноставно и среќно. Од детско гледиште, летата беа долги, бавни и мирни. Живеевме во едно зафрлено подрачје — немавме текушта вода и внатрешни тоалети, а се капевме во езерото или во корито. Нашето игралиште беше под ведрото небо. Коњите, говедата и другите земјоделски животни ни беа играчки. Во тоа време посакував целиот свет засекогаш да биде таков.

Предизвиците на растењето

Кога пораснав и отидов во државно училиште, моите посети во резерватот не беа толку чести. Училиштето, спортот и музиката почнаа да го окупираат поголемиот дел од моето време. Како тинејџер во 1960-тите години, бев обликуван според духот на времето. До мојата 13-та година, дрогата и алкохолот беа веќе редовен дел од мојот живот. Побуната против општеството беше во мода и мразев сѐ што застапуваше системот. Не можев да разберам зошто луѓето прават нехумани работи едни на други.

Отприлика во тоа време, ја добив мојата прва гитара. Нашата фамилија беше музикална. Татко ми свиреше на пијано и степуваше, но и неговите браќа беа наклонети кон музиката. Затоа, кога татко ми и чичковците ќе се собереа, свиревме џига и игравме квадрили сѐ до раните утрински часови. Уживав во тоа. Набргу научив да свирам гитара и се приклучив во една рокенрол група. Свиревме на училишни игранки и при други настани. Тоа нѐ донесе до баровите и ноќните клубови што нормално значеше повеќе алкохол и дрога. Марихуаната и метамфетаминот (спид) беа дел од мојот начин на живот.

Воена служба во Виетнам

На 19 години веќе бев оженет и очекував да бидам татко. На истата возраст бев примен во морнарицата на САД. Тоа беше преголем притисок за мене. За да можам да се справам со тоа, по 24 часа на ден бев опиен од дрога и алкохол.

Бев доделен во логор за обучување во Регрутната касарна на Морнарскиот корпус во Сан Диего (Калифорнија), а потоа на напредна пешадиска обука во логорот Пендлтон (Калифорнија). Станав оспособен теренски телеграфски и радио телефонист. Тоа беше на крајот од 1969 година. Сега требаше да дојде вистинскиот испит — служба во Виетнам. Значи, на 19-годишна возраст, само неколку месеци после средното училиште, се најдов на црвената почва во Виетнам. Како што беше случај со многу домородни Американци, патриотизмот ме подбуди и мене да служам и покрај неправдите кои општеството ги извршило против нас како членови на малцинството.

Мојата прва доделба беше Првиот морнарски воздухопловен полк, веднаш до Да Нанг. Околу 50 мажи — всушност момчиња — беа одговорни за одржувањето на комуникацискиот систем на комплексот воени згради. Ние го опфаќавме подрачјето од ДМЗ (демилитаризираната зона) помеѓу Северен и Јужен Виетнам до околу 80 километри јужно од Да Нанг.

Во Да Нанг нагрнуваа бегалци и насекаде никнуваа гета. Имаше и многу сиротилишта. Тоа што ги гледав младите деца, од кои повеќето беа осакатени, имаше длабоко влијание врз мене. Ми падна чудно тоа што скоро сите беа девојчиња или мали момчиња. Наскоро дознав зошто. Момчињата од 11-годишна возраст и нагоре се бореа во војната. Подоцна се запознав со еден млад виетнамски војник и го прашав колку години има. „Четиринаесет“, гласеше одговорот. Се борел веќе три години! Тоа ме запрепасти. Ме потсети на мојот 14-годишен брат, само што преокупацијата на брат ми беше бејзбол од малата лига, а не убивање.

За време на мојата служба во морнарицата, почнаа да ми се појавуваат прашања на кои беа потребни одговори. Една вечер, отидов во црквата во нашиот комплекс згради. Католичкиот капелан одржа проповед за Исус, за мирот и за љубовта! Сакав да врискам. Неговата проповед беше спротивно на сѐ она што се случуваше таму. После церемонијата го запрашав како може да го оправда тоа што е христијанин, а истовремено се бори во оваа војна. Неговиот одговор? „Па, војниче, ете, ние на овој начин војуваме за Господ.“ Излегов надвор и си реков во себеси дека не сакам никогаш повторно да имам нешто со црквата.

Кога мојот задолжителен рок заврши, знаев дека сум имал среќа што сум останал жив; но многу настрадав во умствен и морален поглед. Секојдневното слушање, гледање и мирисање на војната и смртта остави длабоки траги во мојот млад ум и срце. Иако сето тоа се случи пред повеќе од 25 години, се чини дека спомените се само еден ден постари.

Борба да се прилагодам на цивилниот живот

Кога се вратив дома, почнав со цело срце да се посветувам на мојата музичка кариера. Мојот приватен живот беше хаос — бев женет и имав дете, а сѐ уште консумирав големи количини дрога и алкохол. Мојот однос со сопругата стана напнат, и сето тоа водеше до развод. Можеби тоа беше најголемиот пад во мојот живот. Почнав да се изолирам и најдов утеха надвор од сѐ, фаќајќи пастрмка во оддалечените подрачја на Минесота и Горен Мичиген.

Во 1974 година, се преселив во Нешвил (Тенеси) со цел да ја унапредам мојата музичка кариера како гитарист и пејач. Свирев во многу ноќни клубови, секогаш надевајќи се да се пробијам во мејнстрим музиката. Но тоа беше тежок предизвик — имаше толку многу талентирани гитаристи и сите се обидуваа да стигнат до врвот.

Меѓутоа, кога работите почнаа вистински да ми одат на добро и само што намирисав шанса за професионален успех, се случи нешто што ме потресе.

Опасен начин на живот

Отидов да посетам еден стар познаник со кого бев поврзан преку трговијата на дрога. Тој ме пречека на вратата со ловџиска пушка калибар 12. Се наоѓаше во делумен калап од гипс за телото а устата му беше затворена со жица поради скршена вилица. Зборувајќи низ стиснати заби, ми кажа што се случило. Не знаев дека бил вмешан во еден картел за дрога во Нешвил кога исчезнала една огромна количина кокаин. Магнатите на дрога покажале со прст на него. Испратиле засилувачи, односно платени убијци да го претепаат. Му рекле да им го врати кокаинот или да ја плати неговата продажна вредност на улица од 20.000 долари. Не само што нему му се заканувале туку во опасност биле и жена му и детето. Ми рече дека не е безбедно да ме видат со него и дека можеби треба да си заминам. Сфатив што сакаше да ми каже и си заминав.

Овој инцидент ме натера по малку да се плашам за својот живот. Без да увидам, сум станал дел од еден насилен свет. Мнозинството од луѓето кои ги познавав во мојот круг на музиката и дрогата носеа пиштол. И јас само што не купив еден револвер со калибар од 0,38 милиметри за моја сопствена заштита. Сфатив дека колку поблиску стигнувам до мејнстрим музичката индустрија, толку повисока е цената што треба да ја платам. Затоа, одлучив да го напуштам Нешвил и планирав да отпатувам за Бразил за да студирам латиноамериканска музика.

Многу прашања, малку одговори

И покрај моите негативни искуства со религијата, имав силна желба да го обожавам Бог. И сѐ уште имав неодговорени прашања. Така ја започнав мојата потрага по вистината. Посетував разновидни неконфесионални црковни групи, но сѐ уште бев незадоволен. Се сеќавам на една црква што ја посетив во Минесота. Пасторот ја скрати проповедта затоа што тој ден играше фудбалскиот тим на Минесота, Викинзи. Нѐ охрабри сите нас да си одиме дома и да се молиме за победа на Викинзите! Јас станав и си заминав. Плиткото размислување кое го поврзува Бог со површните спортски активности ме нервира до ден-денеска.

Додека работев во Дјулут (Минесота), еден пријател ми остави во мојот апартман едно списание Стражарска кула. Ја прочитав дискусијата за Матеј, поглавје 24, и сето тоа ми звучеше некако вистинито. Ме натера да размислувам: ‚Кои се тие Јеховини сведоци? Кој е Јехова?‘ Не добив одговори сѐ до 1975 година. Истиот тој пријател ми ја остави книгата Вистина која води до вечен животa и Библијата.

Таа вечер ја прочитав книгата. До крајот на првото поглавје, веќе знаев дека сум ја пронашол вистината. Како да ми се тргна превез од умот. Ја дочитав книгата, и следниот ден отидов преку улица кај некои соседи кои беа Сведоци и ги замолив да ја проучуваат Библијата со мене.

Се откажав од моите планови да патувам за Бразил и почнав да присуствувам на состаноците во Салата на Царството. Со Јеховина помош, веднаш ги оставив дрогата и алкохолот, ослободувајќи се после 12 години зависност. Во рок од неколку месеци, почнав да учествувам во службата од куќа до куќа.

Меѓутоа, имав проблем со кој морав да се соочам. Никогаш не сум имал постојана работа и одбивна ми беше самата помисла да се врзам за некаков распоред. Сега морав да станам одговорна личност, затоа што Деби повторно влезе во мојот живот. Порано се состанувавме; но таа отиде на колеџ да студира за наставник, а јас требаше да бидам музичар. Сега и таа ја прифати библиската вистина и повторно бевме привлечени еден кон друг. Се венчавме и потоа се крстивме како Сведоци во Со Сент Мари (Онтерио, Канада) во 1976. Со текот на времето, имавме четири деца — три момчиња и едно девојче.

За да се грижам за моето семејство, отворив музичка продавница и држев часови по џез импровизација и гитара. Водев и мало студио за снимање и повремено свирев по вечерни клубови. Тогаш, како чудо над чудата, се појавија поволни прилики да се вратам на врвот во професионалниот музички свет. Три пати се преговараше со мене да свирам како придружба на прочуени артисти кои снимаат. Еве голема шанса за мене — всушност, трета за две години. Ми беше понудена прилика да одам за Лос Анџелес (Калифорнија), да свирам за една добро позната џез група. Но знаев дека тоа би значело да се вратам на чести патувања, концерти и периодични снимања. Размислував за понудата околу пет секунди и учтиво реков: „Благодарам, не“. Самото сеќавање на мојот минат живот на дрога, алкохол и опасност од убијци ме натера да сфатам дека тоа едноставно не вреди. Мојот нов христијански живот со мојата сопруга и децата ми значеше многу повеќе.

Неколку години работев како телевизиски инженер за образовни и документарни програми кои се прикажуваа на PBS (Public Broadcasting Service) телевизијата. Во мојата сегашна работа, ја координирам видео комуникацијата до Хопи резерватот за еден универзитет во северна Аризона.

Враќање кај сопствениот народ

Поминаа дваесет години откако му се предадов на Јехова Бог. Имав и дваесет години среќен брак. Деби, нашиот 19-годишен син Дилан и нашата 16-годишна ќерка Лезли се во полновремена служба. Всушност, Дилан сега служи во печатницата и комплексот фарми на Watchtower Society во Волкил (Њујорк). Двете наши помлади момчиња, 12-годишниот Кејси и 14-годишниот Маршал неодамна му се предадоа на Јехова и се крстија.

Пред три години ја прифативме поканата да се преселиме таму каде што потребата од христијанско проповедање е поголема и дојдовме во Кимс Кањон (Аризона) да служиме меѓу Навахо и Хопи Индијанците. Јас сум старешина во собранието. Задоволство е да се живее повторно меѓу домородните Американци. Поради разликата во културата и овдешните услови за живеење со оние во типичното американско предградие, имаме чувство како да сме во мисионерско дело. Оставивме голема и удобна куќа за да живееме — ние шестмина — во многу помала подвижна куќа. Животот овде е потежок. Многу домови немаат внатрешен водовод, само полски клозети. Некои фамилии патуваат со километри во зимата само за да набават дрва и јаглен. Вода се донесува од општествени бунари. Многу патишта се само со земја и не се означени на картата. Како дете на резерватот, лесно се справував со сето тоа. Сега, мојата фамилија и јас сфаќаме колку напорна работа и енергија се потребни за извршување само на неопходните работи од секојдневниот живот.

Иако Индијанците имаат свое правосудство на резерватите, сѐ уште се соочени со истите проблеми кои ги погодуваат сите влади — внатрешни конфликти, пристрасност, недостиг на парични средства, несоодветно трошење, па дури и криминал меѓу нивните службеници и водачи. Индијанците се соочуваат со бичот на алкохолизмот, злоупотребата на дрога, невработеноста, злоупотребата во домот и брачните и семејни проблеми. Некои сѐ уште го обвинуваат белиот човек за нивната сегашна ситуација, но и белиот човек е погоден од истите маки. Меѓутоа, и покрај притисокот од семејството, пријателите и другите припадници на племињата, многу домородни Американци се одѕиваат на библиското образовно дело на Јеховините сведоци. Тие увидуваат дека пријателството со Бог е вредно за секоја цена. Многумина патуваат по повеќе од 120 километри во еден правец за да присуствуваат на христијанските состаноци. Среќни сме што можеме да ја споделуваме добрата вест за Божјето Царство со Навахо и со Хопи Индијанците.

Со радост го очекувам денот кога Јеховината влада ќе ‚ги погуби губителите на земјата‘ и кога целото послушно човештво ќе живее заедно во мир и хармонија како едно обединето семејство. Тогаш животот ќе биде онаков каков што посакував да биде како Чипева момче во Канада (Откровение 11:18; 21:1—4; раскажал Бертон Мекерчи).

[Фуснота]

a Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.; сега веќе не се печати.

[Слика на страница 25]

Бев во потрага по одговорите на моите прашања за Бог

[Слики на страница 27]

Горе: Мојата фамилија и, лево, еден Навахо пријател

Долу: Нашиот подвижен дом во близината на Салата на Царството

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели