Сиромаштија — ,тивка вонредна состојба‘
„СЛУШАМЕ многу за гласни вонредни состојби на глобално загревање и за загадување на озонските слоеви и на океаните“, рекол советникот на Обединетите нации, д-р Махбуб Ул-Хак, но и додал: „Глобалното загревање и многу други гласни вонредни состојби допрва ќе убиваат некого, [додека] тивките вонредни состојби секој ден запустуваат многу животи во земјите во развој.“ Д-р Ул-Хак коментирал за една од тие тивки вонредни состојби. „Сиромаштијата“, рекол тој, „всушност е најголемиот убиец.“ Како тоа?
За мнозината од 1,3 милијарди луѓе ширум светот кои преживуваат секој ден со по еден долар или помалку, сиромаштијата навистина се претвора во една смртоносна несреќа. Дури 18 милиони луѓе, известува списанието UN Chronicle, секоја година умираат од „причини поврзани со сиромаштијата“. Овој број е зачудувачки! Замислете ги „гласните“ ударни наслови, на пример, кога целото население на Австралија, околу 18 милиони, би умрело од глад за една година! Сепак, за смртта на тие милиони сиромашни, коментирала една радио-програма на ОН, „многу не се зборува“. Тоа всушност претставува ‚тивка катастрофа‘.
За да се прекине молчењето, претставници од 117 земји, кои присуствувале на првиот некогаш одржан Светски самит за социјален развој, зборувале за начините на справување со светскиот проблем на сиромаштија. „Пред сто и педесет години, светот презеде едно движење против ропството“, потсетил Џејмс Густав Спет, администратор на Програмата за развој при Обединетите нации. „Денес, мораме да преземеме светско движење против масовната сиромаштија.“ Зошто таква загриженост? Сиромаштијата, предупредил тој, „создава очај и нестабилност и [го] загрозува нашиот свет“.
Меѓутоа, уште додека делегатите дискутирале за начините како да ѝ стават крај на сиромаштијата, еден ‚часовник на сиромаштијата‘ кој секој ден го следи бројот на бебињата родени во сиромашни семејства, покажувал дека сликата на глобалната сиромаштија станува сѐ поцрна. Часовникот, изложен на конгресното место, покажувал дека за време на самитот, кој траел една седмица, скоро 600.000 новороденчиња биле придадени кон сѐ поголемите редови на сиромашните. На крајот од последниот ден на самитот, излогот со часовникот бил исклучен; но во суштина, како што забележал Спет, „часовникот продолжува да чука“. Прашањето сега е: Дали ќе се чуе?