Ситните светлоносци на Нов Зеланд
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО НОВ ЗЕЛАНД
НОЌТА беше многу темна — без месечина и јасна. Кога светлата на логорот се изгаснаа, се чинеше дека сме во универзум со сјајни ѕвезди. Се пробивме низ една стрмна патека до еден термален базен на дното од една тесна клисура. На двете страни од водата која испаруваше растеа растенија. Се спуштивме во водата и се релаксиравме после еден долг ден патување. Овој базен, од кој природно од почвата клокотеше топла вода, се наоѓаше во еден камп со приколки каде што ноќевавме.
Посматрав една ѕвезда која брзо се движеше преку небото. Се свртив за да ѝ го кажам тоа на мојата сопруга и, додека го правев тоа, се сопнав и бучно се испрскав. На моја зачуденост, наеднаш се изгаснаа неколку ѕвезди — исчезнаа! И додека зборував со изненаденост, исчезна цело јато. Како да предизвикав дупка во универзумот!
Додека се обидував да откријам што се случило, една по една, ѕвездите повторно се појавуваа и сега видов дека едното јато беше многу поблиску до мене отколку главната група ѕвезди. Всушност, некои беа доволно блиску за да ги фатам. Првпат се сретнавме со светлечките „црви“ на Нов Зеланд. Тие висеа од невидливите ѕидови на зеленилото над нас и нивните пригушени светла се слејуваа со ѕвездената позадина.
Светлечкиот „црв“ на Нов Зеланд не е црв, туку инсект. Тој се разликува од светлечкиот „црв“ и светулките во другите делови од светот. Неговото име Arachnocampa luminosa можеби Ви ја пренесува идејата дека тоа е еден вид светлосен пајак. Но, и тоа не е вистина.
Кратко после нашата прва средба, повторно се сретнавме со светлечките „црви“ во пештерата Ваитомо, на Северниот остров на Нов Зеланд. Дозволете ми да Ви го опишам нашето патување до пештерата на светлечките „црви“, каде што нѐ одведе еден чамец за да ги видиме тие ситни суштества.
Пештерата Ваитомо
Пештерата на светлечките „црви“ е едно чудо, кое е прекрасно осветлено за да ја покаже величествената артистичка вредност на формациите на сталактити и сталагмити, кои се создале низ многу илјадници години. Нашиот водич ги пушташе светлата додека се приближувавме кон секое подрачје и бевме зачудени од фасцинантните формации и тунели — неочекуван и необичен свет на чуда под Земјата. Нашите стапки грозоморно одекнуваа кога се собравме на врвот од скалите кои се спуштаа во црнилата. Додека нашите очи се привикнуваа на темното, почнавме да гледаме високо угоре ситни светкања на зеленикаво светло. Светлечки „црви“!
Стигнавме до еден насип и влеговме во еден чамец. Оддалечувајќи се од насипот, отпловивме во темнината. Потоа, како што завртивме околу еден ќош, веднаш над нас се појави нешто што можам само да го опишам како збиена верзија на целиот Млечен Пат — сводот на пештерата беше целосно покриен со светлечки „црви“. Авторот Џорџ Бернард Шо тоа место го нарекол „осмо светско чудо“.
Фасцинантниот светлечки „црв“
Кога обиколката заврши, нашата воодушевеност од светлечкиот „црв“ нѐ охрабри да научиме повеќе за него. И, тоа што го научивме беше исто толку фасцинантно колку и она што го бевме виделе. Започнувајќи го животот како ситна ларва, со веќе вклучено задно светло, светлечкиот „црв“ на Нов Зеланд си гради мрежеста лулка од слуз и свила од поединечните жлезди во устата и ја прицврстува за таванот од една пештера. Мрежестата лулка всушност претставува тунел во кој ларвата може да се движи напред назад.
За да преживее, на светлечкиот „црв“ му е потребна храна, па затоа од шест до девет месеци се занимава со рибарење. Но, неговиот плен е во воздухот иако доаѓа преку водата. Главниот поток донесува залиха од мушички, комарци, пролетници и еднодневки, кои се привлечени од светлината. За да ги фати, светлечкиот „црв“ испушта низа свиленкасти нитки (понекогаш дури и до 70) од својата мрежеста лулка. Поредени рамномерно, по секоја нитка се наоѓаат низа лепливи капкички слуз, и затоа нитките личат на ситни бисерни ланчиња кои висат право надолу.
Најфасцинантниот дел од светлечкиот „црв“ е светлината со која ги осветлува нитките за рибарење. Светлечкиот „црв“ на Нов Зеланд е еден од групата инсекти чиј блесок не е поврзан со нервниот систем. Сепак, може да го вклучи светлото по своја волја. Органот за светло е сместен на крајот од неговите канали за лачење, а дел од системот за дишење на ларвата делува како рефлектор, испраќајќи ја светлината надолу. Светлото го исклучува така што го ограничува кислородот или хемикалиите кои се потребни за да се создаде светлина.
Меѓутоа, светлината на крајот од тунелот на светлечкиот „црв“ не е надежниот знак што го очекува еден инсект. Тој лета во смртоносната завеса каде што, според некои претпоставки, некоја хемикалија може постепено да го анестезира. Чувствувајќи ги вибрациите на жртвата која се бори, ларвата несигурно виси од мрежестата лулка и ја влече нитката во својата уста, користејќи ги грчењата на своето тело.
Откако рибарела и се хранела шест до девет месеци, ларвата се поткожурува и потоа го ужива животот како возрасен инсект. Неизвесно е дали возрасниот инсект воопшто ужива во животот. Тој трае само два или три дена, затоа што возрасниот инсект нема уста и поради тоа не може да јаде. Неговото преостанато време е посветено на репродукција. Возрасните машки инсекти ги оплодуваат женските во моментот штом ќе излезат од нивните кожурци. На женката можеби ѝ е потребно цел ден да ги снесе јајцата, едно по едно, а после тоа умира. Откако придонел за една светликава галаксија која им дава на луѓето неизмерно задоволство, 10 до 11-месечниот животен циклус на ситниот светлоносец на Нов Зеланд завршува.
[Слика на страница 20]
Спротивната страница: Влегување во пештерата со светлечки „црви“
[Слика на страница 21]
Горе: Сводот на пештерата со лајт шоу од светлечки „црви“
[Слика на страница 21]
Десно: Нитките за рибарење на светлечкиот „црв“
[Извор на слика на страница 20]
Слики на страници 20 и 21: Waitomo Caves Museum Society Inc.