Дали недостига основата на еволуцијата?
КОЈА е суштината на Дарвиновата теорија на еволуција? „Во својата потполно развиена, биолошка смисла . . . еволуцијата значи процес со чија помош настанал животот од нежива материја и после тоа во потполност се развил преку природни средства.“ Дарвиновата еволуција тврди дека „скоро целиот живот, или барем сите негови најинтересни обележја, се резултат на природна селекција која делува на случајни варијации“ (Darwin’s Black Box—The Biochemical Challenge to Evolutiona од Мајкл Бехе, вонреден професор по биохемија при Универзитетот Лихај, Пенсилванија, САД).
Неупростлива комплексност — камен на спрепнување на еволуцијата?
Кога Дарвин ја развил својата теорија, научниците имале мало или никакво спознание за зачудувачката сложеност на живата клетка. Современата биохемија, проучување на животот на молекуларно ниво, открила дел од таа комплицираност. Тоа покренало и некои сериозни прашања и сомневања во врска со Дарвиновата теорија.
Компонентите на клетките се составени од молекули. Клетките се градежните блокови на сите живи суштества. Професор Бехе е римокатолик и верува дека еволуцијата го објаснува подоцнежниот развој на животните. Меѓутоа, тој покренува сериозни сомневања во врска со тоа дали еволуцијата може да го објасни постоењето на клетката. Тој зборува за молекуларни машини кои „го влечат товарот од едно место во клетката до друго по ‚автопатишта‘ составени од други молекули . . . Клетките пливаат користејќи машини, се дуплираат со машинерија и ја примаат храната со машинерија. Накратко, високо софистицирани молекуларни машини го контролираат секој клеточен процес. Според тоа, деталите на животот префинето се ускладени и машинеријата на животот во голема мера е комплексна“.
Па, во каков размер се одвива сета таа активност? Една типична клетка има попречна должина од само 0,03 милиметри! Во тој бесконечно мал простор се одвиваат комплексни функции кои се витални за животот. (Видете дијаграм, страници 8 и 9.) Не е чудо што е речено: „Суштинската работа е тоа дека клетката — самата основа на животот — е зашеметувачки комплексна“.
Бехе аргументира дека клетката може да функционира само како комплетен ентитет. Според тоа, не може да се одржува додека се оформува со бавни и постепени промени предизвикани од еволуцијата. Тој го користи примерот со стапица за глувци. Овој едноставен апарат може да функционира само кога сите негови компоненти се склопени. Секоја компонента одделно — основа, федер, шипка за држење, чеканче на стапицата, кука — не е стапица за глувци и не може да функционира како таква. Потребни се во исто време сите делови и мора да се состават за да постои стапица која работи. Слично на тоа, клетката може да функционира како таква само кога сите нејзини компоненти се составени. Тој ја употребува таа илустрација за да го објасни она што го нарекува „неупростлива комплексност“.b
Тоа претставува голем проблем за наводниот процес на еволуција, кој го вклучува појавувањето на постепено стекнати и корисни карактеристики. Дарвин знаел дека неговата теорија на постепена еволуција по пат на природна селекција се соочувала со голем предизвик кога рекол: „Кога би можело да се демонстрира дека постои некој комплексен орган кој нема шанси да се оформи со бројни, сукцесивни, незначителни модификации, мојата теорија апсолутно би пропаднала“ (Потекло на видовите).
Неупростливата комплексна клетка е главен камен на спрепнување за верувањето во Дарвиновата теорија. Како прво, еволуцијата не може да го објасни скокот од нежива во жива материја. Потоа, тука е и проблемот на првата комплексна клетка, која мора да се појави како една компактна единица со еден удар. Со други зборови, клетката (односно, стапицата за глувци) мора да се појави од никаде, склопена и во функција!
Неупростливата комплексност на згрутчувањето на крвта
Друг пример за неупростлива комплексност е еден процес кој повеќето од нас го земаат здраво за готово кога ќе се пресечеме — згрутчувањето на крвта. Обично, секоја течност веднаш ќе истече од некој продупчен сад и ќе тече сѐ додека садот не се испразни. Сепак, кога ќе ја продупчиме или пресечеме нашата кожа, пукнатината брзо се зачепува со формирање грутка. Меѓутоа, како што им е познато на лекарите, „згрутчувањето на крвта е многу комплексен, замрсено испреплетен систем кој се состои од мноштво меѓусебно зависни протеински делови“. Тие го активираат она што се нарекува ланец на згрутчување. Овој деликатен процес на заздравување „пресудно зависи од темпирањето и од брзината со која се одвиваат различните реакции“. Инаку, би можело на човек целата крв да му се згрутчи и да му се стврдне или, од друга страна, би можел да искрвави до смрт. Темпирањето и брзината се витални клучеви.
Биохемиското истражување покажало дека згрутчувањето на крвта вклучува многу фактори, од кои ниеден не може да недостига за да успее процесот. Бехе прашува: „Штом згрутчувањето ќе започне, што го спречува да продолжи сѐ додека целата крв . . . не се стврдне?“ Тој објаснува дека „формирањето, ограничувањето, зајакнувањето и отстранувањето згрутчена крв“ сочинуваат еден компактен биолошки систем. Ако пропадне еден дел, тогаш пропаѓа целиот систем.
Расел Дулитл, еволуционист и професор по биохемија при универзитетот во Калифорнија, прашува: „Како воопшто дошло до тоа овој комплексен и истенчено урамнотежен процес да еволвира? . . Парадокс е тоа, ако секој протеин зависи од активирањето на другиот, како тогаш можело системот воопшто и да се појави? Од каква корист би бил некој дел од планот без целиот комплет?“ Употребувајќи еволуциони аргументи, Дулитл се обидува да го објасни потеклото на процесот. Меѓутоа, професор Бехе истакнува дека би била „потребна огромна количина среќа за точните генски делови да се најдат на точните места“. Тој покажува дека објаснувањето на Дулитл и површниот јазик сокриваат огромни потешкотии.
Според тоа, еден од главните приговори на еволуциониот модел е несовладливата препрека на неупростливата комплексност. Бехе наведува: „Нагласувам дека природната селекција, моторот на Дарвиновата еволуција, работи само ако има нешто да селектира — нешто што е корисно токму сега, а не во иднина“.
„Морничава и потполна тишина“
Професор Бехе наведува дека некои научници проучиле „математички модели за еволуција или нови математички методи за споредување и интерпретирање на низа податоци“. Меѓутоа, тој заклучува: „Математиката смета дека вистинската еволуција е постепен, случаен процес; таа не го покажува тоа (ниту пак може)“. (Курзивот на последната фраза е од нас.) Тој порано рекол: „Ако ја испитате научната литература во врска со еволуцијата и ако ја сосредоточите Вашата потрага по прашањето како се развиле молекуларните машини — основата на животот, ќе најдете една морничава и потполна тишина. Комплексноста на основата на животот го парализирала обидот на науката да го образложи; молекуларните машини поставуваат една досега непробојна бариера за универзалното прифаќање на дарвинизмот“.
Тоа покренува серија прашања за размислување кај совесните научници: „Како се развил центарот за фотосинтетичка реакција? Како започнал интрамолекуларниот транспорт? Како започнала биосинтезата на холестеролот? Како ретиналот се вклучил во видот? Како се развиле фосфопротеинските сигнални патеки?“c Бехе додава: „Самиот факт што на ниеден од овие проблеми не му е обрнато внимание а камоли да е решен, е доста јак показател дека дарвинизмот е несоодветна рамка за разбирање на потеклото на комплексните биохемиски системи“.
Ако Дарвиновата теорија не може да ја објасни комплексната молекуларна основа на клетките, тогаш како може да биде задоволително објаснувањето за постоењето на милионите видови кои живеат на Земјава? Најпосле, еволуцијата не може ни да создаде нови видови фамилии со премостување на празнините од еден вид фамилија до друг (1. Мојсеева 1:11, 21, 24).
Проблемите со почетокот на животот
Колку и да изгледа Дарвиновата теорија убедлива во очите на некои научници, тие мора на крајот да се соочат со прашањето: Дури и да претпоставиме дека облиците на живите работи еволуирале по пат на природна селекција, сепак како животот го добил својот почеток? Со други зборови, проблемот не лежи во преживувањето на најспособните, туку во пристигнувањето на најспособните и првите! Меѓутоа, како што покажуваат Дарвиновите забелешки за еволуцијата на окото, проблемот за тоа како започнал животот и не го загрижувало. Тој напишал: „Како што не нѐ загрижува начинот како еден нерв станува осетлив на светлина, така не нѐ загрижува и начинот како настанал самиот живот“.
Францускиот научен писател Филип Шамбон напишал: „Самиот Дарвин се прашувал како природата селектирала облици кои се појавувале пред да бидат совршено функционални. Списокот на еволуционите мистерии е бескраен. И денешните биолози мораат понизно да признаат, заедно со проф. Жан Женермон од универзитетот на јужен Париз во Орса, дека ‚синтетичката теорија на еволуција не може лесно да го објасни потеклото на комплексните органи‘“.
Во светлото на огромната неверојатност за таквата бескрајна разноликост и комплексност на животните облици, дали Ви е тешко да верувате дека сѐ еволуирало во исправната насока сосема случајно? Дали се прашувате како некои суштества би можеле да преживеат во битката за преживување на најспособните додека сѐ уште еволуирале очите? Или додека наводно оформувале примитивни прсти на подчовечко тело? Дали се прашувате како преживеале клетките ако постоеле во една непотполна и неадекватна состојба?
Роберт Нај, еволуционист и писател за списанието Astronomy, напишал дека животот на Земјата е резултат на „долга низа неверојатни настани [кои] се случиле токму на исправниот начин за да го предизвикаат нашето постоење, како да сме добиле лотарија од милион долари милион пати по ред“. Таквиот начин на резонирање веројатно може да се примени на секое суштество кое денес постои. Сѐ е свртено против тоа. Сепак, се очекува да веруваме дека, исто така, по пат на случајност еволуцијата произвела машко и женско во исто време за да можат новите видови да се продолжат. Што е уште поневеројатно, мораме да веруваме дека машкото и женското не само што еволуирале во исто време туку тие еволуирале и на исто место! Никакво состанување, никакво обновување на родот!
Секако, да се верува дека животот постои во своите милиони усовршени облици како резултат на милиони коцкања кои се исплатиле, значи да се биде лековерен до крајна граница.
Зошто мнозинството верува?
Зошто еволуцијата е толку популарна и прифатена од толку многу луѓе како единствено објаснување за животот на Земјата? Една од причините е тоа дека е ортодоксно гледиште кое се учи во училиштата и универзитетите, и тешко Вас ако се осмелите да изразите некакви сомневања. Бехе наведува: „Многу студенти од своите учебници учат како да го гледаат светот низ еволуциона леќа. Меѓутоа, тие не учат за тоа како Дарвиновата еволуција би можела да создаде некои од извонредно замрсените биохемиски системи кои тие учебници ги опишуваат“. Тој додава: „За да се разбере успехот на дарвинизмот како ортодоксија и неговиот неуспех како наука на молекуларно ниво, мораме да ги испитаме учебниците кои се користат за да се поучуваат оние кои тежнеат да бидат научници“.
„Кога би се направила анкета на сите научници во светот, големо мнозинство би рекло дека верува оти дарвинизмот е вистинит. Но научниците, како и секој друг, повеќето свои мислења ги темелат на зборот на другите луѓе . . . Исто така, за жал, и научната заедница многу често ги отфрла критиките од страв да не им се даде оружје на креационистите. Иронично е тоа што во име на заштита на науката се отфрла острата научна критика за природната селекција.“d
Каква изводлива и доверлива алтернатива постои за Дарвиновата теорија на еволуција? Нашата последна статија во оваа серија ќе се зафати со ова прашање.
[Фусноти]
a Од овде натаму ќе се осврнуваме на неа со Darwin’s Black Box.
b „Неупростлива комплексност“ опишува „поединечен систем составен од неколку соодветно споени, взаемнодејствувачки делови кои придонесуваат кон основната функција, со што отстранувањето на кој било дел предизвикува системот да престане ефективно да функционира“ (Darwin’s Black Box). Според тоа, тоа е наједноставното ниво на кое може еден систем да функционира.
c Фотосинтезата е процес со чија помош растителните клетки, користејќи светлина и хлорофил, создаваат јаглеродни хидрати од јаглероден диоксид и вода. Некои ја нарекуваат најважната хемиска реакција која се одвива во природата. Биосинтезата е процес преку кој живите клетки произведуваат комплицирани хемиски соединенија. Ретиналот е вклучен во комплексниот визуелен систем. Фосфопротеинските сигнални патеки се интегрални функции на клетката.
d Креационизмот вклучува верување дека Земјата била создадена за шест дословни денови или, во некои случаи, дека Земјата била создадена само пред околу десет илјади години. Иако Јеховините сведоци веруваат во создавањето, тие не се креационисти. Тие веруваат дека библискиот извештај на 1. Мојсеева остава простор за тоа дека Земјата е стара милиони години.
[Истакната мисла на страница 6]
„Кога би можело да се демонстрира дека постои некој комплексен орган кој не би можел да се оформи со бројни, сукцесивни, незначителни модификации, мојата теорија апсолутно би пропаднала.“
[Истакнати мисли на страница 10]
Внатре во клетката, постои „свет на врвна технологија и збунувачка комплексност“ (Evolution: A Theory in Crisis).
Инструкциите внатре во ДНК на клетката, „кога би се испишале, би наполниле илјада книги од по 600 страници“ (National Geographic).
[Истакната мисла на страница 11]
„Математиката смета дека вистинската еволуција е постепен, случаен процес; таа не го покажува тоа (ниту пак може).“
[Истакната мисла на страница 12]
„Иронично е тоа што во име на заштита на науката, се отфрла острата научна критика за природната селекција.“
[Рамка на страница 8]
Молекулот и клетката
Биохемија — „проучување на самата основа на животот: молекулите кои ги сочинуваат клетките и ткивата, кои ги катализираат хемиските реакции на варењето, фотосинтезата, имунитетот и многу други“ (Darwin’s Black Box).
Молекул — „најмалата честица во која еден елемент или компонента може да се подели без да се променат нејзините хемиски и физички особини; група слични или различни атоми кои се држат заедно преку хемиски сили“ (The American Heritage Dictionary of the English Language).
Клетка — основна единица на сите живи организми. „Секоја клетка е високо организирана структура која е одговорна за обликот и функцијата на организмот“. Колку клетки сочинуваат еден возрасен човек? Сто билиони (100.000.000.000.000)! Имаме околу 1.000.000 клетки во секој 155.000-ти квадратен сантиметар кожа, а човечкиот мозок има од 10 до 100 милијарди неурони. „Клетката е клучот на биологијата бидејќи токму на ова ниво, збирот од вода, соли, макромолекули и мембрани вистински се појавува во живот“ (Biology).
[Рамка на страница 9]
„Неспоредливата комплексност“ на клетката
„За да се сфати реалноста на животот онака како што ја открива молекуларната биологија, мораме клетката да ја зголемиме илјада милиони пати додека во дијаметар не изнесува дваесет километри и не личи на гигантен цепелин, доволно голем за да покрие еден голем град како Лондон или Њујорк. Она што би го виделе тогаш би било објект со неспоредлива комплексност и прилагодлив дизајн. На површината од клетката би виделе милиони отвори, како бродските прозорчиња на еден огромен вселенски брод, кои се отвораат и затвораат за да допуштат постојан проток на материјали кои дотекуваат и истекуваат. Кога би влегле во еден од овие отвори, би се нашле во еден свет на врховна технологија и збунувачка комплексност. Би виделе како од периметарот на клетката во секој правец се разгрануваат бескрајни високо организирани ходници и канали, некои водејќи до централното мемориско депо во јадрото, а други до фабрики за монтирање на делови и единици за преработување. Самото јадро би било пространа сферична соба со дијаметар од преку еден километар, што личи на геодетски свод во кој би виделе уредно наредени во средени редови, километри намотани синџири на молекули на ДНК. Долж сите различни канали би се движела огромна низа продукти и сурови материјали на еден високо среден начин до и од сите разновидни фабрики за монтирање на делови во надворешните региони на клетката.
Би се чуделе на нивото на контрола опфатено во движењето на толку многу објекти по толку многу навидум бескрајни канали, сите во совршена еднообразност. Насекаде околу нас, во секој правец каде што ќе погледнеме, би виделе секаков вид машини слични на роботи. Би забележале дека наједноставните функционални компоненти на клетката, протеинските молекули, се изненадувачки комплексни делови на молекуларна машинерија, секоја составена од околу три илјади атоми наредени во високо организирана три димензионална просторна согласност. Уште повеќе би се чуделе додека би ги гледале необично значајните активности на тие чудни молекуларни машини, особено кога би сфатиле дека, и покрај сето наше насобрано спознание по физика и хемија, задачата на конструирање на една таква молекуларна машина — то ест една поединечна функционална протеинска молекула — сега би била сосема вон нашиот капацитет и веројатно нема да се постигне барем сѐ до почетокот на следниот век. Сепак, животот на клетката зависи од интегрираните активности на илјадниците, секако десетици, а можеби и стотици илјади различни протеински молекули“ (Evolution: A Theory in Crisis).
[Рамка на страница 10]
Факти и легенди
„За некој кој не се чувствува обврзан да ја ограничи својата потрага на неинтелигентни причини, недвосмислениот заклучок е дека многу биохемиски системи биле конструирани. Не биле конструирани од страна на законите на природата ниту од случајноста и нужноста, туку биле планирани . . . Животот на Земјата на своето најосновно ниво, во своите најпресудни компоненти, е производ на интелигентна активност“ (Darwin’s Black Box).
„Не може да постои сомнение дека после еден век интензивни напори, биолозите не успеале да ја потврдат [Дарвиновата теорија на еволуција] во некоја значајна смисла. Останува фактот дека природата не е сведена на континуумот кој Дарвиновиот модел го бара ниту, пак, е осигурана веродостојноста на случајноста како креативен застапник на животот“ (Evolution: A Theory in Crisis).
„Влијанието на еволуционата теорија на подрачја далеку поразлични од биологијата е еден од најспектакуларните примери во историјата за тоа како една многу шпекулативна идеја, за која не постои вистински цврст научен доказ, може да го обликува размислувањето на едно цело општество и да доминира со гледиштето на една ера“ (Evolution: A Theory in Crisis).
„Која и да било наука од минатото . . . која ја исклучува можноста за дизајнирање или создавање, однапред престанува да биде потрага по вистината и станува слуга (односно роб) на една проблематична филозофска доктрина, имено натурализмот“ (Origins Research).
„Легенда е тоа . . . дека Чарлс Дарвин го решил проблемот на потеклото на биолошката комплексност. Легенда е тоа дека имаме добро или дури и прилично сфаќање за потеклото на животот, или дека исправните објаснувања се однесуваат само на таканаречените природни причини. Се разбира, овие и други легенди на филозофскиот натурализам имаат одреден статус. Човек не зборува преостро за нив во едно угладено друштво. Но човекот не треба ниту некритички да ги прифаќа“ (Origins Research).
„Насамо, многу научници признаваат дека науката нема објаснување за почетокот на животот . . . Дарвин никогаш не ја замислил извонредно длабоката комплексност која постои дури и кај најосновните нивоа на живот“ (Darwin’s Black Box).
„Молекуларната еволуција не се темели на научен авторитет . . . Постојат тврдења дека таквата еволуција се случила, но апсолутно ниедно не е поткрепено со соодветни експерименти или сметања. Поради тоа што никој не ја познава молекуларната еволуција по пат на директно искуство и поради тоа што не постои авторитет на кој би се темелеле тврдењата на спознанието, навистина може да се каже дека . . . тврдењето на Дарвиновата молекуларна еволуција е само гласно фалење“ (Darwin’s Black Box).
[Рамка на страница 12]
Еволуцијата — „игра на случајност“
Теоријата на еволуција секако дека е сон на еден коцкар. Зошто? Затоа што, според еволуционистот, таа победува дури и покрај тоа што неверојатноста е астрономски голема.
Роберт Нај пишува: „Поради тоа што еволуцијата првенствено е игра на случајност, секој навидум мал настан од минатото би можел малку поинаку да се одиграл, отсечувајќи ја нашата еволуционистичка линија пред да еволуирале луѓето“. Но не, од нас се бара да веруваме дека секое коцкање се исплатило, милиони пати. Нај признава: „Долгата серија тесни грла разјаснува дека појавувањето на интелигентен живот е далеку потешко отколку што научниците некогаш мислеле. Веројатно постојат уште препреки на кои научниците уште не се сопнале“.
[Графикон на страници 8 и 9]
Поедноставен дијаграм на клетка
Рибозоми
Структури во кои се создаваат протеини
Цитоплазма
Просторот помеѓу јадрото и клеточната мембрана
Ендоплазматичен ретикулум
Листови на мембрани кои ги складираат или транспортираат протеините што ги создаваат рибозомите кои се сврзани за нив
Јадро
Контролен центар кој управува со активностите на клетката
Јадренце
Местото каде што се создаваат рибозомите
Хромозоми
Тие ја содржат клеточната ДНК, нејзиниот генетски главен план
Вакуола
Складира вода, соли, протеини и јаглеродни хидрати
Лизозом
Складира ензими за варење
Голџиев систем
Група торбички од мембрани кои ги пакуваат и дистрибуираат протеините што ги создава клетката
Клеточна мембрана
Обвивката која контролира што влегува и што излегува од клетката
Центриола
Важна за размножување на клетката
Митохондрија
Центар за производство на ATP, молекули кои ја снабдуваат клетката со енергија
[Слика на страница 7]
Одделните делови не ја сочинуваат стапицата за глувци — мора да биде комплетна за да функционира како таква