Тоа го нарекувале забава
АМФИТЕАТАРОТ беше исполнет со возбуда. Десетици илјади беа собрани за еден од највосхитувачките спектакли на древниот Рим. Бајраци, ружи и шарени таписерии весело ја декорираа арената. Фонтани исфрлаа парфимирана вода, прошарувајќи го воздухот со пријатни ароми. Богатите беа накитени во својата најблескава облека. Џагорот на толпата беше проткаен со изливи на смеа, но лекомисленоста на ова мноштво го прикриваше ужасот на она кое штотуку требаше да се случи.
Наскоро, злокобното трубење на tubæ повика еден пар гладијатори за битка. Толпата беше во лудило кога натпреварувачите почнаа да замавнуваат еден во друг со немилосрдно дивјаштво. Ѕвечењето на мечевите едвај можеше да се чуе од заглушувачките извици ура! од страна на гледачите. Наеднаш, со еден брз маневар, едниот борец го сруши својот противник на земја. Судбината на соборениот гладијатор сега се наоѓаше во рацете на набљудувачите. Ако ги мафтаат своите шамичиња, тој ќе живее. Со еден гест на палците, соборот — вклучувајќи ги и жените и девојките — ја дава наредбата за смртоносниот удар. Во рок од неколку моменти, безживотното тело е одвлечкано од подот на арената, почвата натопена со крв е ископана со лопатки, посипан е свеж песок и толпата се подготвува за остатокот од масакрот.
За многумина кои живееле во древниот Рим, тоа било забава. „Дури и најстрогите моралисти не приговарале на таа наслада во крвопролевањето“, вели книгата Rome: The First Thousand Years. Гладијаторската игра била само еден облик на декадентната забава која Рим ја нудел. На сцена се поставувале и вистински поморски битки заради разонода на крвожедните гледачи. Се одржувале дури и јавни погубувања, на кои осудениот криминалец го врзувале за столб додека изгладнети диви ѕверови го прождерувале.
За оние чиј вкус не бил толку крволочен, Рим нудел асортиман од сценски драми. На мимите — кратки драми за секојдневниот живот — „прељубата и љубовните афери биле главните теми“, напишал Лудвиг Фридлендер во Roman Life and Manners Under the Early Empire. „Јазикот бил полн со вулгарни форми на изразување, а хуморот груб со изобилство гримаси, непристојни гестови и, над сѐ, гротескни игри на флаута.“ Според The New Encyclopædia Britannica, „постои доказ дека на сцената за мими во времето на Римската Империја всушност се изведувале чинови на прељуба“. Со добра причина, Фридландер го нарекол мимот „очигледно најшокантен од фарсите по неморалноста и бесрамноста“, и додал: „На најнепристојните сцени најмногу се аплаудирало“.a
Како е денес? Дали човековиот вкус за забавата се променил? Размисли за доказите дискутирани во следната статија.
[Фуснота]
a Понекогаш, на бината се извршувале погубувања за да се додаде реализам на драмското производство. Книгата The Civilization of Rome забележува: „Не било необично еден криминалец осуден на смрт да го заземе местото на актерот при катастрофалниот момент“.
[Извор на слика на страница 3]
The Complete Encyclopedia of Illustration/J. G. Heck