ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g97 8/9 стр. 11-14
  • Во ушите на едно детенце

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Во ушите на едно детенце
  • Разбудете се! 1997
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Религиозен копнеж
  • Брак и фамилија
  • Напуштање на црквата
  • Дознавање на библиската вистина
  • Противење од фамилијата
  • Значајна средба
  • Зближи се со тој што ги слуша молитвите
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
  • „Јехова, ти ме пронајде!“
    Разбудете се! 2005
  • Библијата менува животи
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2011
  • Мојата долга, тешка борба во потрагата по вистинската вера
    Разбудете се! 1996
Повеќе
Разбудете се! 1997
g97 8/9 стр. 11-14

Во ушите на едно детенце

ЕДЕН ден, кога бев мало девојче, еден господин дојде во нашиот дом во Коуберн (Вирџинија, САД), и додека разговараше со татко ми, неговиот придружник зборуваше со мене за да ме занимава. Неговите зборови сликовито претставија слика на една рајска Земја, каде што би можела да си играм со диви животни кои не би ме повредиле (Исаија 11:6—9). Тој ми објасни дека нема да морам дури ни да умрам, туку ќе живеам засекогаш баш овде на Земјата. Иднината звучеше прекрасно! Она што човекот го рече во врска со живеењето на Земјата остави длабок впечаток врз мене (Исаија 25:8; Откровение 21:3, 4).

Религиозен копнеж

Моите родители, кои имаа многу брачни проблеми, се разведоа неколку години после тоа, и јас живеев со мајка ми. Таа немаше баш никаков интерес за религија. Така обично сама одев на неделно училиште во која и да било црква до која можев да одам пеш од нашиот дом. Наскоро, мајка ми се премажи и со мојот очув се преселивме во Индијана. Меѓутоа, секое лето се враќав во Вирџинија за да го посетам татко ми.

Татко ми стана Мормон кратко после разводот и се обидуваше да ја всади во мене неговата новопронајдена религија. Во текот на летото 1960, кога имав осум години, тој ме крсти. Сепак, кога бев во Индијана, ја посетував секоја црква која беше близу нашиот дом. Сите поучуваа дека ако сме добри, ќе одиме на небото, а ако сме лоши, ќе одиме во пеколот каде што ќе бидеме мачени. Поради тоа што мислев дека никој нема да ги разбере моите чувства дека сакам да живеам на Земјата а не на небото, никогаш никому не кажав за тоа.

Кога имав 11 години, татко ми се пресели во Орегон. Бев срушена и многу огорчена. Очувот беше атеист и алкохоличар и ми создаваше проблеми поради мојата вера. Ме нарекуваше мала госпоѓица Побожна, и кога ќе почнев да плачам, ми велеше: „Зошто не го повикаш твојот Бог да ти помогне?“ На никој дома како да не му беше гајле за Бог. Тоа беа мрачни и тешки години. Бев злоупотребувана физички, вербално и сексуално. Наоѓав утеха во разговорот со Бог бидејќи многу пати чувствував дека тој беше единствениот кој вистински се грижи за мене.

Мајка ми го остави очувот и злоупотребувањето престана. Сепак, многу бевме сиромашни и тешко ѝ беше на мајка ми да врзе крај со крај. Кога имав 13 години, се вративме во Вирџинија за да ја посетиме тетка ми. Таа беше љубезна и искрена баптистистка. Многу ја сакав. Кога ме замоли да ја придружувам во нејзината црква, јас прифатив. Дури и мајка ми дојде и се сеќавам колку прекрасно се чувствував што мојата фамилија беше тука со мене. До крајот на нашата посета, стравував да се вратам дома. Се плашев дека, ако се вратам, ќе се вплеткам во неморал. Затоа ја молев тетка ми да ме прими, и мајка ми дозволи да останам.

Тетка ми ми ја купи верзијата на Библијата King James. Многу се гордеев со неа и секоја вечер читав по дел од неа. Во последното поглавје од Библијата прочитав дека „ако некој човек додаде на овие работи, Бог ќе му ги додаде чумите кои се напишани во оваа книга“ (Откровение 22:18, 19, King James Version). Затоа резонирав: ‚Како можам да верувам дека Книгата на Мормоните е дел од светите Списи?‘ Поради тоа, одлучив да станам баптист.

Иако сум сигурна дека татко ми беше повреден кога му напишав и му кажав за мојата одлука, единствениот коментар му беше дека му е драго што одам в црква. Честопати го придружував нашиот баптистички министер по домовите на луѓето за да ги поканиме на нашите шаторски состаноци за обновување на верата. Чувствував дека ја вршам Божјата волја посетувајќи ги луѓето по нивните домови и разговарајќи со нив како што правел Исус.

Сепак, сѐ уште ме прогонуваше мојата желба да живеам на еден земски рај наместо на небото. Но потоа го прочитав следниов библиски пасус кој ми влеа надеж: „Прашувајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори: зашто секој што прашува ќе добие; и оној кој бара ќе најде; и на оној кој чука ќе му се отвори“ (Матеј 7:7, 8, KJ).

Брак и фамилија

Следната година се вратив во Индијана за да живеам со мајка ми. Кога имав само 15 години, бев веќе омажена, бремена и во автобус на пат за јужна Калифорнија. Не ја знаев добро фамилијата на мојот сопруг, но сакав да ме прифатат. Тие беа пентакосталци и сестрата на мојот сопруг ми кажа за дарот на зборување јазици. Така, една вечер кога отидов со нив на нивната молитвена служба, се молев да ми биде дозволено да зборувам на јазици.

Наеднаш, за време на службата ме обзеде едно чудно чувство. Почнав целата да се тресам и јазикот почна неконтролирано да ми дрдори. Проповедникот извика дека духот доаѓа преку мене и почна да ме тапка по грбот. После тоа, сите ме прегрунуваа и ми рекоа колку е прекрасно што Бог ме употребил на таков начин. Но јас се чувствував збунето и уплашено. Немав поим што сум рекла.

Кратко после тоа, имав компликации при породувањето на нашето прво дете. Пасторот на црквата му кажа на мојот сопруг дека Бог ги зголемува моите породилни болки затоа што тој не е христијанин. Мојот сопруг дојде кај мене со солзи во очите и рече дека ако јас мислам дека ќе помогне, тој ќе се крсти. Му реков дека сум сосема сигурна дека Бог не ги уценува луѓето за да му служат.

Напуштање на црквата

Една недела после неговата проповед, пасторот го замоли собранието за прилози. На црквата ѝ беше потребна поправка поради штетата предизвикана од неодамнешен земјотрес. Кога се подаваше чинијата за прилози, ги ставив сите пари што ги имав. Откако ги изброи парите, наместо да му се заблагодари на собранието, пасторот советуваше да ги отвориме своите џебови и своите срца за таа вредна кауза. Потоа, уште еднаш ја подаде чинијата. Немав повеќе пари и затоа со голема засраменост набрзина ја подадов чинијата понатаму. Пасторот брзо ги изброи парите уште еднаш и пак, без да ни се заблагодари, рече дека едноставно не е доволно. „Се разбира дека никој нема да си оди додека не ги добиеме потребните пари за да се врши Божјето дело“, рече тој.

Мојот сопруг чекаше надвор и знаев дека станува нестрплив. Не беше единствениот. Станав нестрплива поради недостигот на благодарност на пасторот. И така, со бебето во рацете и со солзи по лицето, излегов од црквата пред сите. Тогаш се заколнав дека никогаш повеќе нема да се вмешам во некоја црква. Иако престанав да одам в црква, не престанав да верувам во Бог. Сѐ уште ја читав мојата Библија и се трудев да бидам добра сопруга.

Дознавање на библиската вистина

Откако се роди нашето второ дете, едни наши пријатели, кои се селеа во Тексас, го наговорија нивниот газда да ни ја изнајми куќата во која живееја. Кога заминуваше мојата пријателка Пет, ми рече дека една жена ѝ должела пари и дека ќе наврати за да ги врати. Пет ме замоли да ѝ ги пуштам по пошта во Тексас. После неколку дена, две жени тропнаа на вратата. Мислејќи дека се тука со парите, веднаш ги поканив внатре. Им објаснив дека Пет се пресели но дека ми кажала дека ќе навратат. „Па, тоа е убаво од Пет“, рече Шарлин Перин, една од жените. „Навистина уживавме да проучуваме со неа.“

„Што?“ прашав јас. „Проучување? Мора да сте погрешиле.“ Шарлин објасни дека започнале библиска студија со Пет. Откако дозна дека Пет се преселила, Шарлин ме праша дали јас би сакала да ја проучувам Библијата. „Секако“, одговорив уверено. „Ќе ве научам сѐ што сакате да знаете.“ Се гордеев со тоа што ја имав читано Библијата и чувствував дека можам да ги охрабрам.

Шарлин ми ја покажа книгата Вистина која води до вечен живот и го прочитавме Псалм 36:9: „Оние, што вршат зло, ќе бидат истребени, а оние, кои се надеваат на Господа, ќе ја наследат земјата“. Бев шокирана. Тука, во мојата сопствена Библија стоеше дека луѓето ќе ја поседуваат Земјата. После тоа, одеднаш излетаа многу прашања. Шарлин се насмевна и рече: „Еј, полека! Ќе ги разгледаме едно по едно“. Таа ја објасни потребата од редовна и систематска библиска студија. Веднаш ме покани во Салата на Царството, името на местото каде што се состануваат Јеховините сведоци.

Ѝ реков на Шарлин за моето искуство со чинијата за прилози и дека не сакам пак да одам в црква. Таа го сподели со мене Матеј 10:8, кој вели: „Бесплатно добивте, бесплатно давајте!“ Таа објасни дека не се подава никаква чинија за прилози на состаноците на Јеховините сведоци и дека сите прилози се доброволни. Исто така, ми рече дека во салата има кутија за прилози и дека кој сака може во неа да стави прилог. Одлучив на религијата да ѝ дадам уште една шанса.

Додека проучував, дознав зошто сум се чувствувала толку неудобно кога зборував на јазици во Пентакосталната црква. Божјиот дар на зборување различни јазици им бил даден на раните христијани за да се даде доказ дека тие го имале неговиот свет дух. Тој чудесен дар послужил и на практичната цел библиската вистина да стане достапна на луѓето од различни земји кои биле собрани заедно на Пентакост 33 н. е. (Дела 2:5—11). Меѓутоа, Библијата наведува дека Божјиот дар на зборување јазици ќе престане, што очигледно се случило после смртта на апостолите (1. Коринтјаните 13:8). Но за да ги заслепи умовите на луѓето, Сатана и неговите демони предизвикале некои да дрдораат неразбирливо, на начин кој предизвикал многумина да веруваат дека тие го имаат Божјиот свет дух (2. Коринтјаните 4:4).

Противење од фамилијата

Наскоро, ја сфатив Божјата намера со Земјата и дека не смеам да бидам дел од злобниот свет (Јован 17:16; 18:36). Исто така, дознав дека морам да ги прекинам сите врски со Големиот Вавилон, кој според Библијата е симбол за светското царство на лажната религија (Откровение 18:2, 4). Кога на татко ми му кажав дека ќе се крстам, овој пат како Јеховин сведок, тој беше срушен. Ме молеше да не станувам Сведок. Тоа беше првпат да го видам да плаче. И јас плачев со него, зашто навистина не сакав да го повредам. Но знаев дека ја пронајдов вистината и дека никогаш не можам да му свртам грб на Јехова.

Целата моја фамилија беше против тоа да станам Јеховин сведок. Некое време престанав да ги посетувам состаноците. Тоа го олесна противењето од членовите на фамилијата, но јас бев несреќна. Знаев дека никогаш нема да имам мир сѐ додека не ја вршам Јеховината волја. Еден ден, за време на мојата пауза за ручек, наминав кај куќата на Шарлин и ѝ кажав дека чувствувам потреба да се крстам. „Зарем не мислиш дека треба прво да почнеш да доаѓаш на состаноци?“ ме праша таа. Ѝ реков дека овој пат сум решена ништо да не застане помеѓу мене и Јехова. Се крстив на 19 септември 1973.

Тоа сега е пред повеќе од 23 години. Драго ми е што мојата фамилија оттогаш наваму ја почитува мојата одлука и никој од нив не врши притисок врз мене да ја оставам вистината, што јас многу ценам. Сепак, мојата најстара ќерка, Ким, е единствената која досега стана Сведок. Нејзината лојална служба ми беше голем извор на охрабрување низ годините.

Значајна средба

Во 1990, кога се вратив во посета во Коуберн (Вирџинија), ја замолив мајка ми да застане покрај Салата на Царството за да можам да видам кое време ќе почнат состаноците во недела. Додека влегувавме по патеката за автомобили, ми рече дека сме живееле во куќата веднаш позади салата, преку железничката пруга. Куќата изгорела одамна и беше останат уште оџакот од цигли. „Ти беше тогаш само мало девојче“, рече таа, „не повеќе од три или четири години.“

Во неделата бев срдечно пречекана во Салата на Царството. Кога разговарав со Стафорд Џордан, случајно спомнав дека како дете живеев во куќата која некогаш стоеше позади Салата на Царството. Значајно ме погледна. „Се сеќавам на тебе!“ извика тој. „Ти беше едно малечко девојче со светла коса, еве олку високо [мереше со раката]. Го работевме тоа подрачје со мојот придружник кој почна разговор со татко ти. Јас се обидов да те занимавам тебе зборувајќи ти за Рајот.“

Останав без зборови. Гласот ми се фати додека му кажував за мојата потрага по библиската вистина. „Ти го посади семето на вистината во моето малечко срце кога бев само детенце!“ реков јас. Тогаш ми кажа дека сум имала еден роднина од страната на дедо ми, Стивен Дингас, кој бил верен Сведок. Фамилијата никогаш не зборувала за него затоа што биле многу против. „Тој многу би се гордеел со тебе!“ рече брат Џордан.

Додека погледнувам наназад на моите години во Јеховината организација, навистина сум благодарна за љубовта и љубезноста што ми беа покажани. Да, сѐ уште има моменти додека сум во Салата на Царството по малку да се растажам гледајќи фамилии како заедно му служат на Јехова, зашто честопати сум таму сама. Но бргу се сеќавам дека Јехова е со мене. Тој секогаш гледаше, и кога моето срце можеше да ја прифати вистината која беше изговорена во ушите на едно мало дете пред толку многу години, тој дозволи таа да никне и да цвета.

„Ти благодарам брат Џордан“, реков јас, „што одвои време да разговараш за Рајот со едно разиграно мало девојче!“ (раскажала Луис Лосон).

[Слика на страница 13]

Со Стафорд Џордан кога повторно го сретнав во 1990

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели