„Сѐ поширок јаз помеѓу свештенството и лаиците“
„ВО АМЕРИКАНСКИТЕ евангелски цркви сѐ поширок е јазот помеѓу свештенството и лаиците“, забележува Роберт К. Џонстон, професор по теологија и култура. Во Ministerial Formation, списание на Светскиот совет на црквите, тој спомнува некои фактори кои го предизвикуваат ова отуѓување: Со зголемувањето на притисоците во семејството, пасторите сакаат работни смени кои личат на „викенд обиколките на докторите“. Ако пасторот работи прекувремено, тој очекува да му се надомести за трудот. Освен тоа, вели професорот, „со зголемувањето на етичките и законските притисоци“, теолошките семинари ги предупредуваат своите дипломци да ги спречат проблемите со тоа што ќе имаат „блиски пријатели само во нивниот ‚клуб‘ од други свештеници“ и ќе постапуваат со нивните епархјани како со „клиенти“. Не изненадува тоа што многу епархјани, за возврат, на своите пастори гледаат како тие да припаѓаат на некоја елитна класа која не е во допир со потребите и проблемите на просечниот посетител на црквата.
Каков пастор би можел да го стесни јазот? Едно истражување кое анализирало зошто пасторите не успеваат во својата служба, открило дека епархјаните не ги сметаат академското спознание и професионалните вештини на пасторот за пресудни. Членовите на црквата не бараат интелектуален џин, речит говорник или вешт администратор. Пред сѐ, тие сакаат нивниот пастор да биде „Божји човек“ кој го практикува она што го проповеда. Ако недостига таа особина, вели професорот Џонстон, „никаков обем пренесени информации ниту покажани вештини“ нема да го премости јазот.
Што вели Библијата, кои се барањата за еден старешина во собранието? „Епископот [Надгледникот, NW] треба да е непорочен, маж на една жена, трезвен, целомудрен, чесен, почитуван, гостољубив, поучлив; не пијаница, не силеџија, не лаком, туку кроток, мирољубив и не среброљубив; својата куќа добро да ја управува и да има деца послушни со полно достоинство . . . Тој треба уште да има и добро сведоштво од надворешните, за да не биде укоруван и да не падне во примката на ѓаволот“ (1. Тимотеј 3:2—4, 7).